
|
 |
Спорт / Фудбал
|
|
Исланд - селекција "полна" изненадувања
Никогаш немаат пласман на едно големо натпреварување, иако Исланѓаните опстојуваат како репрезентација веќе 78 години. Чудна селекција се "рибарите" со оглед дека низ историјата постигнувале резултати за "чудење" во европската фудбалска јавност. Исланд е репрезентација која може да ја победи Италија на домашен терен со 2:0, или да одигра нерешено 1:1 против силната Шпанија, а потоа истите фудбалери да бидат поразени од една Летонија со 2:4 или, пак, од Белорусија 0:2...
Секако дека фудбалот никако не може да се смета за спорт број 1 во оваа островска држава на северот од Европа, меѓутоа во репрезентацијата играат многу "ѕвезди" кои настапуваат во големите европски клубови. Она што & недостасува на исландската селекција според многу стручњаци е компактност, додека индивидуалните квалитети се неспорни. Ејдур Гудјонсен е нивната најсилна "алка", фудбалер кој себеси се докажуваше во дресот на големите Челзи, како и Барселона, а сезонава во тимот на Хозеп Гвардиола игра главна улога во средината на теренот. Но Исланд не е само Гудјонсен. Тука не смее да се заборави ниту голгетерот Хејдар Хелгусон фудбалер на премиерлигашот Болтон, потоа дефанзивецот Хреидарсон, кој настапува за Портсмаут, Стеинсон исто така член на Болтон, Халфредсон игра во Серија "А" во тимот на Реџина, Гунарсон е во Ридинг...
Меѓутоа, нивната некомпактност во играта треба да биде нашето најсилно оружје за добар резултат во Рејкјавик, односно победа. Од друга страна се друго освен триумф за Исланд и за Гудјонсен би значело крај на надежите за пласман на тоа второ место кое носи бараж за пласман на СП во Јужна Африка. Уште една важна карактеристика за Исланд е што секогаш нивната репрезентација игра без психичко оптоварување дека мора да се победи. Едноставно самите се свесни дека шансите да се најдат на едно големо натпреварување се мали, без оглед на играчкиот кадар, па така речиси секогаш кога се потценети знаат да одиграат онака за да дојдат до сензација.
"Ремито" со Шпанија во квалификациите за ЕВРО 2008 (селекција која подоцна стана Европски шампион) се славеше долго во Рејкјавик. Тоа беше извонредна партија за островјаните, кои ја надиграа голема "фурија", меѓутоа, за нивна жал, не дојдоа до триумф. Претходно пред тој меч Исланд веќе ги разочара нивните навивачи играјќи со Лихтенштајн 1:1, а еден месец по големиот бод против селекцијата на тогашниот селектор Арагонес, следуваше срамниот пораз од Летонија со 2:4 што значеше и крај на надежите за пласман на ЕВРО 2008.
Во денешно време фудбалот е игра на изедначени селекции, во кој само нијанси го одлучуваат победникот. Сведоци сме на многу изненадувања во Европа па и пошироко, затоа иако сме фаворити на хартија со Исланд, сепак, треба максимална ангажираност за бодовите. Ако ги потцениме, тоа може да биде лошо за нас... Исланд кога е во таква ситуација секогаш "вади" добар резултат. Доказ за тоа е ремито во Осло, меч во кој Гудјонсен и другарите имаа шанса на крајот да дојдат и до победа, но топката удри во дирекот... Само со максимална игра се освојуваат бодови против ваквите селекции каква што е исландската.
ФАКТИ ЗА ИСЛАНДСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА
Селектор: Олафур Јоханенсон
Помошник: Питер Питурсон
Капитен: Херман Хреидарсон
Најмногу настапи: Рунар Кристинсон (102)
Најмногу голови: Ејдур Гудјонсен (22)
Стадион: Лаугардасволур во Рејкјавик
Капацитет: 10.000 гледачи
ФИФА ранкинг: 103 место
Највисок ФИФА ранкинг: 37 место (1994)
Најнизок ФИФА ранкинг: 117 (2007)
Прв натпревар: Ф. Острови - Исланд 0:1 (29.07.1930)
Највисока победа: Исланд - Ф. Острови 9:0 (10.07.1985)
Највисок пораз: Данска - Исланд 14:2 (23.08.1967)
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|