
|
 |
|
|
Спорт / Фудбал
|
|
Фергусон се насочи кон Фабиано и Хунтелар
Откако ја загуби трката по Карим Бензема, Алекс Фергусон ги посочил Луис Фабиано и Клас Јан Хунтелар како главни цели за нападот за новата сезона. За двајцата фудбалери во моментов опција е и Милан, но Манчестер Јунајтед има повеќе пари и поголема потреба од квалитетни напаѓачи со кои ќе тргне во одбрана на шампионската титула во англиското првенство и во Лигата на шампионите.
Луис Фабиано има уште две години од својот договор со Севиља, но андалузискиот тим е подготвен да го продаде за 15 милиони фунти. Се разбира, Бразилецот не е долгорочно решение за англискиот првак со оглед на тоа дека има 29 години, но и незгоден карактер каков што Алекс Фергусон не трпи, но сигурно дека со своето големо искуство ќе помогне да се повторат добрите резултати на Јунајтед и во новата сезона. Последниот личен, но и репрезентативен успех го оствари на неодамна одржаниот Куп на конфедерации во Јужна Африка каде со Бразил го освои златото, а тој самиот беше најдобар стрелец со пет гола.
Хунтелар дојде во Реал Мадрид во јануарскиот преоден рок оваа година, но и покрај неколкуте важни голови не успеа да ги освои симпатиите на навивачите, а особено на новиот претседател Флорентино Перез. Неговиот престој на Бернабе почна со проблеми бидејќи поради административна грешка на тогашното раководство не доби право на настап во Лигата на шампионите и мораше да се задоволи на домашното првенство. Реал со него забележа солидни резултати во вториот дел од Примера, имаше и серија од 18 победи на 19 натпревари, но и покрај тоа не освои ниеден трофеј во штотуку завршената сезона.
За Холанѓанецот има интерес од Галатасарај, а шпанските медиуми тврдат дека е во центарот на вниманието уште и на Милан и Тотенхем. Реал за него бара 17 милиони фунти, а договорот му е со важност до 2013 година.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|