
|
 |
Спорт / Фудбал
|
|
Барса има екипа, Реал уште не!
Довчерашниот тренер на Реал Мадрид, Хуанде Рамос призна дека не е многу воодушевен од она што во моментов се случува во "Кралскиот клуб" иако вицешампионот на Шпанија во моментов е во центарот на вниманието на целокупната светска фудбалска јавност. Како што е познато, по доаѓањето на Флорентино Перез, Реал Мадрид потроши околу 220 милиони евра за купување на само четворица фудбалери од кои три екстра-ѕвезди и иако многумина сметаат дека сега "кралевите" треба да се прошетаат низ Примера и Лигата на шампионите, Рамос не го дели истото мислење.
"Гледајќи ги играчите поединечно, мислам дека Реал има подобри фудбалери, но Барселона и натаму е подобра како екипа. Барем засега Реал се уште не е екипа, а ќе видиме што ќе се случи до почетокот на новата сезона и во неа", рече Рамос.
Тој дојде на тренерската клупа на Реал Мадрид во декември минатата година и за шест месеци успеа делумно да го поправи впечатокот од лошата сезона, но потоа дојде оној дебакл од Барселона со 6:2 на Сантијаго Бернабе со што целиот труд "падна во вода". Имајќи предвид дека неговиот договор важеше само до крајот на првенството, на 2 јуни беше заменет со Мануел Пелегрини на кого иако многумина му завидуваат, Рамос му предвидува тешка работа.
"Дури кога ќе се воигра екипата, всушност, ќе видиме како изгледа сето тоа заедно. Или сликовито, тоа е исто како кога се прави нов коктел со непознати состојки и не сте сигурни како ќе изгледа сето тоа на крајот. Истото сега го очекува и Реал", додаде Рамос.
Во овие зборови на трофејниот шпански стручњак има многу суштина бидејќи Реал Мадрид во моментов има на располагање околу 30 фудбалери и се уште е нејасно кој од староседелците ќе остане, а кој ќе биде испратен во друг клуб. Со оглед на помпата која се направи околу Роналдо, Кака, Бензема и Албиол, многу лесно може да дојде до раздор во соблекувалната бидејќи никој во последно време не го спомнува името на досегашната прва ѕвезда на екипата - Раул Гонзалес. Сите овие работи треба да се решат во следните две недели бидејќи подготовките на Реал почнуваат на 20 јули.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|