Првата ѕвезда на Манчестер Јунајтед, Вејн Руни со сигурност си заминува од Олд Трафорд во јануарскиот преоден рок како резултат на скандалите во приватниот живот и конфликтот со Алекс Фергусон, пишува во вчерашниот број таблоидот Мирор. Весникот пишува дека Руни и Фергусон воопшто не зборуваат, односно дека контактите им се сведени на минимум по враќањето на фудбалерот од репрезентативната акција. Руни неколкупати се скарал со менаџерот што за Фергусон е незамисливо бидејќи смета дека фудбалерот му го руши авторитетот.
Најголем доказ дека Руни е на пат да си замине од Олд Трафорд е фактот што се прекинати преговорите за новиот договор поради големи несогласувања и затоа надежите на Јунајтед дека ќе го задржи 24-годишниот напаѓач се пред пропаст. Освен ова, Руни во саботата доби само 19 минути во дуелот со ВБА што многумина го протолкуваа како обид на Фергусон да го понижи фудбалерот и да му покаже кој е шеф на Олд Трафорд. Мирор тврди дека извршниот директор Дејвид Гил е подготвен да даде зелено светло за еден од најсензационалните трансфери во историјата на клубот, односно речиси исто атрактивни како на Роналдо и Бекам во Реал Мадрид.
Не требаше многу време, а Барселона и Реал Мадрид објавија дека се заинтересирани да го донесат во своите редови. Поголеми шанси да го купи има "Кралскиот клуб" кој и така бара напаѓач, но претходно мора да се ослободи од дел од своите фудбалери и да создаде финансиски предуслови за овој трансфер.
Инаку, во текот на вчерашниот ден Манчестер Јунајтед излезе соопштение дека наведените информации во Мирор се неточни.