
Англискиот селектор Фабио Капело може да го раскине својот договор со фудбалската федерација (ФА) околу случајот со Џон Тери и одземањето на капитенската должност, без согласност на селекторот, јави дописникот на МИА од Лондон.
Капело во изјава за италијанската телевизија РАИ го критикуваше решението на фудбалската федерација.
-Апсолутно не се согласувам со таквото решение, затоа што не може некој (фудбалер) да биде казнет (од фудбалските власти) додека цивилниот суд не пресуди за она за што тој е осомничен, изјави англискиот селектор Капело.
Ваквата јавна реакција на Капело, според лондонските медиуми, ги изненадило и ги налутило функционерите на ФА, па селекторот веднаш по враќањето на Капело од одмор од Италија, ќе мора да се јави на разговор со „фудбалските татковци“. Тешко е да се поверува дека ФА по тој разговор ќе го смени своето решение и Тери ќе остане со капитенската лента, но затоа доколку и двете страни останат на своите „принципи“, Италијанецот би можел да го напушти селекторското место, а Англија да остане без селектор на само четири месеци пред почетокот на Европското првенство во Полска и Украина.
Уште по инцидентот меѓу овие двајца фудбалери во октомври минатата година, имаше притисоци врз Капело да го смени Тери од функцијата во репрезентацијата, но тој го одби тоа, инсистирајќи на судската разврска.
ФА му ја одзеде во петокот капитенската лента на Тери, објаснувајќи го тоа со „непријатната ситуација“ што ќе се создаде во репрезентацијата доколку Тери остане капитен за време на Европското првенство, поради обвинувањето за расизам. Случајот требаше да биде разрешен на 1 февруари, но судот решението го одложи за во јули, по Европското првенство, што беше искористено како изговор ФА да го земе во свои раце одлучувањето за капитенот, што инаку е во надлежност на селекторот.
Одлуката на ФА дојде само 24 часа по изјавата на пратеник од Комисијата за култура, медиуми и спорт дека Тери не може и понатаму да остане капитен на репрезентацијата.