Веднаш откако стана јасно дека Кристијано Роналдо стана најдобар фудбалер во Европа во изборот на УЕФА, во „Гирималди Форум“ во Монте Карло се сретна и со 34 европски новинари од сите земји, а меѓу нив и уредникот на „Македонски спорт“ кој имаше можност да присуствува во живо на ждрепката на Лигата на шампионите и на овој избор.
Кристијано Роналдо ги искажа своите емоции околу освојувањето на оваа награда, како и плановите за претстојната сезона и тоа што се поминал за да дојде до овој драгоцен трофеј.
Што значи за вас овој трофеј?
„За мене денешниот ден беше прекрасен и многу сум радосен што пехарот е во моите раце и истиот ќе биде на најдоброто место во моите витрини затоа што и покрај многуте освоени титули, овој ми е посебно драг. Самиот избор за мене беше посебен затоа што ова беше токму тоа што ми недостасуваше. Беше многу добра година за мене и најважното е што успеавме на Реал Мадрид да ѝ ја донесеме јубилејната 10. титула. Пред неколку дена го освоивме и Супер-купот и сега влегуваме со поголеми амбиции во следната сезона“.
Што ќе кажете за вашите конкуренти кои исто така беа во трката во која вие победивте?
„Влегов со двајца фудбалери кои зад себе имаа одлична сезона како на клупски план така и на репрезентативен на Светското првенство во Бразил. Меѓутоа, само еден е победник и драго ми е што тоа сум јас“.
Како се доаѓа до едно вакво признание?
„Со многу пот и со многу работа. Уште од мали нозе ризикувам многу, работам многу, имаше многу победи, порази, солзи... Драго ми е што еве веќе осум години успевам да останам на врвот на светскиот фудбал и во топ форма. Тоа е навистина тешко за еден спортист, меѓутоа јас давам сè од себе на секој меч и мислам дека заслужувам да бидам награден“.
Како ја оценувате вашата кариера?
„Играв во двата најголеми клубови во Светот. Бев дел од Манчестер Јунајтед, сега сум во Реал Мадрид. Не ме фаќајте за збор, но мислам дека во истата година кога ја освоив златната топка во Јунајтед потоа го подигнав и пехарот во Лигата на шампионите. Сега сум во Реал Мадрид и на овој тим сум максимално фокусиран. Ја освоивме 10. титула во Лигата на шампионите, а сите кои беа дел од тимот знаеја каков беше притисокот да дојдеме до тоа признание. Сега сметам дека ќе биде полесно откако се закитивме со „Ла Децима“.
Иако сте најдобар, вашата селекција имаше слаб настап на Светското првенство. Како го оценувате Мундијалот што помина?
„Не може секаде да се биде најдобар. Да се освои Светско првенство е најдоброто нешто што може да му се случи на еден фудбалер. Ние како Португалија не успеавме, и не може да се игра добро во континуитет секаде. Можеби Мундијалот ми беше една од лошите работи минатата сезона. Им честитам на Германците, кои се најдобри и мило ми е што тие станаа шампиони. Апсолутно заслужено беа на тронот, а јас и на Нојер му честитав тука во Монте Карло“.
Што очекувате од новата сезона во Реал Мадрид?
„Донесовме три големи имиња во екипата како Тони Крос, Џејмс Родригез и Кејлор Навас. Се надградивме и мислам дека сме посилни од минатата сезона. Секако дека атакуваме на сите трофеи и сакаме да освоиме нова титула во Лигата на шампионите и да бидеме првиот тим кој успеал да го одбрани пехарот“.
Роналдо 26, Нојер 19, Робен 9 гласа
На изборот учествуваа 34 новинари од Европа, меѓу кои и уредникот на овој весник Игор Ивановски. Роналдо со седум гласа пред Нојер и со цели 17 пред Робен успеа да се закити со овој трофеј. На крајот Португалецот собра 26 гласа, голманот на Баерн Минхен 19, и Арјен Робен само 9 гласа. Ивановски, како и секогаш, гласаше за победникот Кристијано Роналдо.
Од Монте Карло, Монако
Игор Ивановски