Македонскиот репрезентативен капитен, Војдан Стојановски, за 19 минути уфрли солидни 11 поени, а имаше и по една асистенција и освоена топка во дебито на тренерот Алехандро Мартинез во Реал Бетис. Проблемот за Бетис беше што му гостуваа на големиот Реал Мадрид, и загубија со 87:76. Андрес Носиони со 26 поени, негова најефикасна игра во шпанското првенство во дресот на Реал, беше јунакот на мадриѓани. Сега Бетис повторно има тежок меч, игра дома со Валенсија која го дели врвот со Реал Мадрид.
Сарагоса го совлада Хувентуд со 71:69 во дербито за опстанок. Ненад Димитријевиќ играше неполни три минути, во кои не шутна ниеднаш, а направи три фаули и имаше една асистенција.
Во долниот дел на табелата, Бетис и Рио Натура Монбус имаат по 8 победи, а Хувентуд на Димитријевиќ и Сарагоса се за чекор пред нив со по 9. Гран Канарија викендов загуби од Басконија со 95:90 во меч на кој Бо Мек Кејлеб даде 14 поени. „Канаринците“ се шести.