Шефот на Мерцедес, Тото Волф смета дека 2016 ќе биде „најголем тест“ за неговиот тим под сегашните Формула 1 правила, во обид да ги повторат шампионските сезони од 2014 и 2015. Мерцедес доминираат во спортот по пристигнувањето на В6 турбо-хибридните мотори минатата година, со 35 од можните 37 пол-позиции, 31 од 37 победи и четири од четири титули.
Пред третата сезона во најновата Формула 1 ера, Волф е свесен дека во Мерцедес мораат да останат агресивни ако сакаат да ги сопрат ривалите, предводени од Ферари.
„Можеме да бидеме екстремно горди од тоа што го остваривме во 2015. Беше голем предизвик да се крене нивото од одличната 2014, но сите во Брекли, Бриксворт и Штутгарт го прифатија тој предизвик навистина добро. Можеме да ја прославиме добро завршената работа, меѓутоа следниот предизвик ќе дојде веднаш. 2016 ќе биде најголем тест за нас. Нема да се опуштиме, и интересната битка на нашите момци последен пат во 2015 во Абу Даби ќе биде идеален начин да го покажеме тоа“, вели Волф.
Маса сака да остане со Вилијамс
Фелипе Маса сака да го продолжи својот „престој“ во Формула 1 со тимот на Вилијамс и по крајот на 2016 година, кога му завршува сегашниот договор. Бразилецот ја врати кариерата на вистинска патека со две сезони со Вилијамс, но ќе биде тешко да го заддржи договорот и за 2017.
„Среќен сум во овој прекрасен тим и тие се среќни што работат со мене. Но, ќе почекаме што ќе се случи следната година по што ќе одлучам кој ќе биде следниот чекор. Јас би сакал да продолжам“, вели Маса.