Рено одлучија да заземат „многу агресивен“ пристап со дизајнирањето на моторот за 2017 година, вели генералниот менаџер на Ф1 тимот, Сирил Абитебул, нешто што ќе ги израдува фановите на Ред Бул.
Рено имаше ужасен старт со новите В6 турбо-хибридни мотори во 2015 година, пред во сезоната која изминува значително да се подобрат и да стигнат до две победи со Ред Бул, но за следната сезона ќе имаат целосно нов концепт во обид да се стигне засега доминантниот Мерцедес.
„Дали се коцкаме со тоа што одиме со нов концепт? Добро прашање. Искрено, имавме долги дискусии за ова прашање, но бидејќи се менуваат толку многу работи на болидот, можевме да имаме конзервативен пристап и да го замрзнеме растот и да се фокусираме на шасијата. Но, тоа не е оваа компанија. Одиме многу агресивно и нема време за губење. Ако сакаме да сме шампиони во 2018 или 2020, не можеме да си дозволиме да одложуваме нешто. Затоа, ова е вистински ризик за преземање. Ќе се фокусираме на постојаноста на тој нов концепт. Тоа значи дека веднаш нема да има огромен скок во перформансите бидејќи е најважно ова да е совршена платформа за следните три-четири години“, вели Абитебул.
РЕД БУЛ: „НИЕ ИМ ПОМОГНАВМЕ НА РЕНО“
Во исто време, шефот на Ред Бул, Кристијан Хорнер повтори дека нивните постојани жалби на перформансите во 2015 придонесоа за големиот скок во сезоната што заврши.
„Мислам дека нашите две победи се доказ за силата и длабочината на овој тим. Секако, на страната на моторот, момците од Рено во Вири завршија одлична работа“, вели Хорнер.
Пред само 12 месеци, Ред Бул се обидоа да се ослободат од договорот со Рено, но откако не најдоа друг снабдувач, се вратија кај францускиот производител со ре-брендирање на моторите како ТАГ-Хојер.
„Мислам дека тешките разговори од лани придонесоа за позитивниот скок, кој беше резултат на реорганизацијата во Вири која ние ја започнавме. Без тие тешки денови во 2015, тоа немаше да се случи“, вели Хорнер.