Три години по страшниот пад на скијањето и повредата на главата, здравствената состојба на седумкратниот Формула 1 шампион Михаел Шумахер останува иста, но неговото влијание на спортот уште е присутно во спортот. Ова го вели неговиот поранешен шеф од Ферари и Мерцедес, Рос Браун, кој во годините стана и близок пријател на Германецот.
„Михаел влијаеше на развивањето на структурата и организацијата на Мерцедес, која подоцна донесе три титули. Тој помогна да се креира успехот во Ферари и со истиот приод работеше во Мерцедес. Кога ќе видите некој кој е толку мотивиран и посветен како Михаел, нормално дека ќе бидете инспирирани. Знаете дека не смеете да го разочарате. Тој знаеше да направи вистинска атмосфера во тимот и позитивна енергија за подобра иднина“, вели Браун.