Советникот на Ред Бул, Хелмут Марко, го обвини тимот на Мерцедес дека активно му помага на Ферари да ги стигнат актуелните светски шампиони. Ники Лауда, претседателот на тркачкиот тим на Мерцедес, неодамна изјави дека не е изненадување што Ферари се нивни најголеми ривали бидејќи „лани победувавме премногу лесно“. Марко не се согласува.
„Знам дека е тешко да се докаже, но сигурен сум дека Мерцедес им помогнаа на Ферари. Сите би сакале да знаеме зошто“, вели Марко во интервју за „Спорт Билд“.
Марко посочува дека е можно да се работи за политички потег, а не само за желбата на Мерцедес за намалување на штетата со нивната доминација во спортот. Една од главните прични може да е и новата поддршка на Ферари на В6 турбо моторите и по 2017, иако лани беа на иста страна со Ред Бул.
Според „Спорт Билд“, Мерцедес дури можеби намерно ја забавиле својата развојна програма во текот на зимата, а во исто време им советуваа на Ферари да го ангажираат специјалистот за хибридни мотори, Волф Цимерман.
„Очекувавме подобрување, но навистина е тешко да се објасни толку голем прогрес за толку малку време“, изјави инжинерот на Заубер, Џампаоло Дал’Ара, откако неговиот тим го доби новиот мотор на Ферари.