
|
 |
Спорт / ОИ 2008
Отворени Олимписките игри во Пекинг
Пекинг, 8 август (МИА) - Со спектакл, традиционалното дефиле на учесниците и палење на олимпискиот оган на архитектонското чудо - стадионот „Птичје гнездо“ во Пекинг, денеска се отворени 29. Летни Олимпски игри. Олимпијадата за отворена ја прогласи претседателот на Кина Ху Џинтао.
 Претставувањето на земјите-учеснички на свеченото отворање беше по азбучен ред според кинеското писмо. Македонија настапи како тринаесетта, a македонското знаме го носеше кајакарот Атанас Николовски. Свеченоста почна точно во осум часот и осум минути по локално време согласно кинеското верување дека бројот осум носи среќа и благостостојба. Токму затоа и стартот на Игрите беше закажан на 08.08.2008.
На отворањето присуствуваа стотина светски државници, меѓу кои американскиот претседател Џорџ Буш, рускиот премиер Владимир Путин, францускиот претседател Никола Саркози...

До 24 август повеќе од 10.000 најдобри спортисти од околу 200 земји во салите и арените во кинеската престолнина, но и во Шангај, Шенјанг, Чигхуангдауа, Тијендјина, Хонг Конг и Чингдау, во 28 спортови, односно 302 дисциплини, ќе се обидат да освојат спортско одликување, односно да добијат олимписки трофеј.
Претставниците на Организациониот комитет на Игрите во Пекинг официјално се подготвуваа за Олимпијадата од 13 август 2001 година кога Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) го определи кинескиот главен град за домаќин во конкуренцијата со Торонто, Париз, Истанбул и Осака. Под мотото „Еден свет - еден сон“, Кинезите ветуваат дека игрите ќе поминат во духот на најсветлата традиција на олимпиското движење.
 Најдобрите спортисти на планетава кои бараните олимписки норми ги остварија во текот на изминатиот четирогодишен олимписки циклус, ќе се натпреваруваат во водените спортови (скокови во вода, пливање, синхронизирано пливање и ватерполо), атлетика, бадминтон, бејзбол, велосипедизам, бокс, веслање, гимнастика, кревање товар, едрење, јавање, кајак и кану, кошарка, мечување, модерен петтобој, одбојка, борење, ракомет, софтбол, пинг-понг, стрелаштво, теквондо, тенис, триатлон, фудбал, хокеј на трева и џудо.
На програмата на 29-те Игри се наоѓаат и новите дисциплини - две во велосипедизмот (БМХ во две конкуренции), жените прв пат ќе се натпреваруваат на 3.000 метри стипл, пливачкиот маратон на 10 километри ќе биде организиран во двете конкуренции, а двојките во пинг-понгот исто така во две конкуренции ќе го замени тимскиот натпревар.
 Натпреварите ќе бидат одржани на 37 стадиони и спортски терени, од кои 19 се нови и некои од нив, според оценките на светските експерти, претставуваат „архитектонски чуда“ во чија изградба и адаптација се потрошени над 2 милијарди долари.
Смотрата ќе ја обезбедуваат околу 100.000 претставници на војската, полицијата и соодветните служби, а за потребата на учесниците на Олипијадата се ангажирани повеќе од 500.000 волонтери. На претставниците на „седмата сила“ ќе им бидат овозможени максимални услови во современи прес центри, забелешките на светската јавност на загаденоста на воздухот во кинескиот главен град, ресорните служби на секој начин се обидуваат да ја намалат и домаќинот најавува најдобро организирани игри до сега.
 Големите очекувања на кинескиот народ од овој спортски собир, најдобро ги отсликува пораката на кинескиот претседател Ху Џинтао, кој игрите ги оцени како „почеток на нова етапа на мирољубив развој на Кина како просперитетна сила“ и најави продолжување на реформите во политиката и забрзан развој на земјата после манифестацијата.
Подготвеноста на Кинезите на Олимписките игри да го угостат секој оној кој сака да им се придружи, симболично е претставена со идејното решение со амблемот „Пекинг кој танцува“ и маскотата на игрите - пет Фуви.

Амблемот претставува стилизиран кинески печат кој низ долгата традиција на оваа земја се изработувал од метал и камен, а за оваа единствена прилика ликовно изразен со традиционалното калиграфско писмо, го шири гостопримството на Пекинг и надежта на градот во прогрес после Игрите.
Низ форма на човек кој трча со отворени раце и личи на олимписки херој, со поетското име „Пекинг кој танцува“ и на подлога на која доминира црвената боја, домаќините на Игрите ги повикуваат луѓето од сите краишта на светот заедно да се радуваат, но сакаат да ја искажат и силната длабока промена на овој древен град.
 Маскотата на игрите, пет Фуви, се пет разнобојни кинески деца - Хуанхуан, Бејбеј, Јунгјунг, Нини и Јунџин, со обележја на четири животни - риба, панда, тибетска лисица, ластовица и олимпискиот оган.
Изработени се во боите на олимписките кругови - сина, жолта, црна, зелена и црвена кои ги претставуваат петте континенти - Европа, Азија, Африка, Австралија и Америка и имаат за цел да го прикажат духот на кинескиот главен град и духот на народот.
Името Фува значи „куклички на среќата“ и претставува уште една порака на љубов и гостопримство на домаќините на 29 летни Олимписки игри, искажани и низ почетните букви на името Фува - „Добродојдовте во Пекинг“.
Македонија како самостојна држава по петти пат учествува на олимпијада. Македонскиот олимписки тим во Пекинг го сочинуваат седум спортисти. Досега најуспешни Македонци на oлимписките игри се фудбалерот Видиниќ и борачот Трстена, кои се носители на златен медал од Олимписките игри, а најголемиот успех го постигна борачот Ибрагимов со бронзата од Сиднеј.
Првото злато за Македонија го освои Благоја Видиниќ во дресот на фудбалската репрезентација на СФР Југославија во 1960 година на Олипијадата во Рим. Четири години претходно тој со истата репрезентација освои сребрен медал.
Во 1984 година на Олимпијадата во Лос Анџелес второто злато за Македонија го освои борачот Шабан Трстена, кој четири години подоцна во Сеул не успеа да го одбрани златото и мораше да се задоволи со сребрен медал.
Во 1988 година на Олимписките игри во Сеул, Стојна Вангеловска стана првата и досега единствена Македонка која успеа да дојде до златото со кошаркарската селекција на СФР Југославија.
Во самостојна Македонија, единствен кој успеа да освои медал е борачот Могамед Ибрагимов, кој се избори за третото место на Олимписките игри во Сиднеј во 2000 година.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|