Последната сезона во АСОБАЛ-лигата, Кирил Лазаров ја затвора како дел од идеалниот тим, односно како најдобар десен бек за сезоната 2016-2017, избор во кој главниот збор го имаат фановите и клубовите.
Во конкуренција на Фредерик Виера од Адемар Леон и Освалдо дос Сантос од Анаитасуна, капитенот собра најголем број гласови (33%).
За Лазаров, ова е трето вакво признание во седумте години колку што беше дел од АСОБАЛ- лигата, а во која собра и голем дел други индивидуални признанија.
Во идеалниот тим кој е предводен од тренерот на Адемар Леон, Рафаел Гујоса, на Лазаров друштво му прават уште тројца, сега веќе екссоиграчи од Барселона, голманот Гонзало Перез де Варгас, организаторот на играта - Раул Ентрериос и капитенот на Каталонците, десното крило Виктор Томас. Уште еден играч на Барса е во ова друштво, Виран Морас, кој е прогласен за најдобар дефанзивец. „Идеалните“ ги комплетираат Ангел Фернандез од Ла Риоха, Алекс Костоја од Адемар Леон и Адрија од Грањолерс.
Лазаров, по четири години дел од Барселона, во следните две сезони ќе го гледаме во дресот на француски Нант.