
|
 |
Спорт / Останати спортови
Избраничките на селекторот Зоран Чадиев ја повторија добрата игра и во вториот предквалификациски натпревар со Исланд и обезбедија место во турнирските квалификации за ЕП 2009. Елиминирана првата пречка
ИСЛАНД - МАКЕДОНИЈА 0:3
(25:27, 17:25, 12:25)
Скопје, сала: Кале. Гледачи: 300. Судии: М. Рајковиќ и Д. Франолиќ. Делегат: М. Трајков
ИСЛАНД: Форхалсдотир, Викфусдотир 12п. (1 ас, 1 с.гр.), Ериксдотир 3п. (1 бл., 3 с. гр.), Гунарсдотир 8п. (1 бл.) , Валгерсдотир 10п. (3 аса, 2 с.гр.), Халсдотир, Сигурдардотир 6п. (1 с.гр.), Скуладотир, Јонсдотир.
МАКЕДОНИЈА: Т. Алексовска, Петровиќ 2п., Сарајлиева, Иванова, Ружиновска 2п. (2 с.гр.), Јакимовска 1п. (1 с.гр.), С. Алексовска 3п., Зафировска 14 п. ( 2 бл., 2 аса), Ќурчиева 12п. (2 бл., 2 аса, 1 с.гр.), Мароска 10п. (3 бл., 1 ас, 3 с.гр), Ѓошева 2п. (1 ас), Николовска 5п. (2 бл.)
Женската репрезентација обезбеди пласман во разигрувањето во групи во квалификациите за Европското првенство 2009 откако синоќа на реванш претквалификацискиот натпревар, кој исто така го играше пред својата публика, ја совлада екипата на Исланд со 3:0. Сениорките ја повторија добрата игра од првиот меч, ја оправдаа улогата на фаворити и дојдоа до победа која ги однесе во групата "Ц" каде не очекуваат Франција, Романија и Азербејџан.
За разлика од првиот дуел, синоќа нашите репрезентативки поопуштено влегоа во игра, што се одрази во првиот сет, но подоцна ги консолидираа своите редови и одговорија на висината на задачата.
Првите минути од стартот на средбата домашниот техничар С. Алексовска форсираше игра по средината, што на "црвено-жолтите" им донесе предност од 8:6 на првиот технички тајм-аут. По паузата имаше пад во играта и Исланд успеа да изедначи на 9:9. Со мини серија од 4:0 на Ќурчиева, Македонија го презема повторно водството 14:9, но нашите репрезентативки во продолжението имаа проблеми со одбраната и приемот на сервис, па резултатот повторно беше изедначен 16:16. Трите ас сервиси по ред на Валгерсдотир и му го донесоа на исландскиот состав и првото водство 17:16. Гостинките наметнаа свое темпо и успеаја да одржат контрола врз резултатот, па во финишот имаа предност од 23:20. Во овие моменти најискусните во македонскиот состав, Зафировска и Ќурчиева, ја преземаа одговорноста и успеаја да се вратат во игра и со многу напор го добија првиот сет 27:25, за водство од 1:0.
Вториот сет почна нерешено, 3:3, но Ѓошева со серија од 5:0 & донесе предност на својата селекција од 8:3. Солидната предност која ја имаа "црвено-жолтите" рутински ја задржаа во текот на целиот сет, не дозволувајќи ново изненадување. Со 25:17 Македонија го освои продолжението, што и донесе предност од 2:0.
Последниот сет помина во доминација на избраничките на селекторот Чадиев. Предводникот на дамите им даде шанса на сите одбојкарки кои ги имаше на располагање, а тие не ги разочараа неговите очекувања. На резултат 5:4 за нашата селекција, Ѓошева застана на сервис и потпомогната од квалитетната игра на нејзините соиграчки направи серија од 10:0, 15:4, со која ги уништи сите надежи на противничкиот тим. Убедливата предност им овозможи на одбојкарките ослободено да го завршат сетот, а тоа одлично го направи капитенот на екипата, Зафировска, која со ас сервис го освои и третиот се 25:12 и го реши натпреварот.
Македонските репрезентативки одиграа многу поопуштено во вториот претквалификациски натпревар, но тоа не влијаеше негативно на конечниот резултат. Имаше одлични поени, но и падови во играта кои бараат да се продолжи со континуирана работа, за да бидат елиминирани пред стартот на натпреварите во групата.
Максималната победа и во реваншот против Исланд и овозможи на селекцијата која по седум години се враќа на европската сцена да обезбеди место во турнирскиот дел од квалификациите за ЕП следната година.
Сега женската репрезентација има дваесетина дена кои ќе мора квалитетно да ги искористи за да се подготви за првиот квалификациски турнир кој на крајот на месецот ќе се одржи во Романија.
|
|
|
 |
|
![]() |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
WEBmail |
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|