
|
 |
Спорт / Останати спортови
СТРУМИЦА ГО "ПРЕГАЗИ" МЗТ ФОН УНИВЕРЗИТЕТ И ПОВЕДЕ СО 2-1 ВО ПОЛУФИНАЛЕТО ОД ПЛЕЈ-ОФОТ Силата на шампионот на виделина
СТРУМИЦА - МЗТ ФОН УНИВЕРЗИТЕТ 97:63 (2-1)
(33-15:13-16; 21-16; 30-16)
Сала “парк” – Струмица. Гледачи: 1.200. Судии: Милојевиќ - Крстевски - Терзиевски. Делегат: Макревски - сите од Скопје
Играч п 3п 2п 1п ск. ас. Играч п 3п 2п 1п ск. ас.
Богоев 14 1/4 5/8 1/4 2 6 Тачи 9 1/4 3/7 0/0 4 1
Цветков 0 0/0 0/1 0/0 1 1 Б. Николовски 3 1/2 0/1 0/0 2 2
Соколов 13 2/4 2/5 3/4 1 4 Петровски 11 1/5 1/1 6/6 1 2
Грујиќ - - - - - - Живковиќ 16 0/4 3/6 10/11 5 0
Тасовски 23 5/8 4/6 0/0 3 5 Рамадан - - - - - -
Крстевски 14 4/5 1/1 0/0 5 1 Конзулов - - - - - -
Бошњак 17 1/2 5/6 4/4 9 3 К. Николовски - - - - - -
Пуповиќ 16 0/0 6/10 4/4 6 1 Милановски 0 0/0 0/2 0/0 0 0
Караманолев - - - - - - Агоч 14 0/0 5/10 4/4 4 1
Заев - - - - - - Деспотовиќ 10 0/1 5/8 0/0 5 2
Вкупно: 97 13/23 23/37 12/16 27 21 Вкупно: 63 3/16 17/35 20/21 21 8
Каква е силата, и тоа онаа вистинската, на шампионот, макар била послаба за два "шрафа" (Грнчаров и Латовиќ), кошаркарите на МЗТ ФОН Универзитет вистински ја почувствуваа во третиот натпревар од полуфиналето на плеј-офот
Силно мотивирани, да покажат дека зад нив се очајно одиграни 40 минути, кошаркарите на Струмица практично во еден здив ги избришаа сите желби, сите надежи на "металците" дека може да сметаат на "брејк".
Славеше бранителот на титулата со плус од 34 поени или конечни, можеби и неочекувани, но и веќе забележани во меѓусебните дуели во оваа сезона 97:63, по кои сега е 2-1 во вкупниот скор, пред серијата да продолжи в среда во Јане Сандански
Звучи можеби и чудно, но одлучи првата четвртина на овој дел од полуфиналето. Еден ретко виден почеток, извонреден старт на Струмица, или очаен увод на МЗТ ФОН Универзитет, можеби и сеедно, но се чини дека уште во првиот период од играта се надзираше кој како влегува во овој исклучително важен дуел од полуфиналната серија на плеј-офот.
Серијата од 14-0 на Струмица во 3:22 минути рано го натера Марјан Лазовски да ги собере своите играчи на минута одмор.
Но ништо не бидна од тоа. Шампионот продолжи во својот препознатлив стил како што играше во најголем дел од оваа сезона на домашен паркет.
Особено беа агресивни домашните во одбраната, посебно врз Петровски, на кој се менуваа и Богоев и Соколов. А без вистинска организација "металците" тешко доаѓаа до противничкиот кош. Од друга страна Пуповиќ максимално ја користеше својата предност во висина, па до крајот на првиот период Струмица веќе изгради голема предност. Имаа струмичани и позитива од цели 23 поени (29:6) во 8. минута од уводната четвртина, која ја решија со плус од "само" 18 (33:15).
Таа на некој начин почна да се топи откако поради три "лични" првиот центар на струмичани Пуповиќ мораше да седне на клупата. Во играта без центри гостите од Скопје беа доста поснаодливи. Иако без својот прв стрелец во првенството и доигрувањето, Мухамед Тачи, гостите парираа. И не само што не дозволија разликата да отиде пеку "дваесетката", туку и надополнија добар дел од неа. И тоа преку Деспотовиќ и Агоч, кои знаеја како против ниската одбрана на "бело-зелените".
Сето тоа надополнето со слабата реализација на домашниот тим, (исклучок направи Крстевски кој ги погоди сите три шута вредни по три поени) услови онаа предност на Струмица од петнаесетина поени да биде константна.
Впрочем, така беше и по истекот на првото полувреме (46:31).
Третиот период од играта веројатно беше и најлошиот, и тоа за двете страни. Задоволни од високата позитива, струмичани не "притискаа", како да ги штедеа силите за она што следува во наредните денови од плеј-офот. Тренерот Кадија се обиде колку е тоа можно, да сочува дел од енергијата на своите кошаркари, посебно капитенот Богоев, кој поради трите прекршоци, преседе добар дел од времето на клупата.
Немаше потреба да игра затоа што Соколов "го уштопува" Петровски, а без вистинскиот Тачи "металците" не беа ниту дел од онаа екипа која пред неколку дена некако прелесно го кутна на плеќи шампионот од Струмица.
Згора на тоа, без вистинска клупа Лазовски и немаше друг избор на комбинации. Со незаздравен Петровски, кој повеќе се бореше со заштитната маска, но и целата противничка одбрана, "враќањето" на МЗТ ФОН Универзитет одеше тешко, поточно беше и тешко да се очекува.
Нивната неподготвеност излезе на површина во последните 10 минути. Прерано ги дигнаа "металците" рацете во вис во знак на предавање. Но тоа не им попречи на струмичани да изведат мало шутерско шоу, со Тасовски во главна улога која му овозможи на крајот да биде и лидер на стрелците, иако во претходниот дел беше доста "мирен". Евидентно, видливо беше дека домашните сакаат да го дотолчат грогираниот противник. Да му стават до знаење дека во Струмица не може да сметаат на триумф.
И успеаја во тоа. Со серија тројки, и неколку атракции Струмица ја скрши и "триесетката". Само како најава дека шампионот е буден, но и подготвен веќе в среда да обезбеди пласман во големото финале, каде одамна својот противник го чека Фени Индустри.
За силата на струмичкиот колектив кажува и тоа дека дури шестмина играчи имаа двоен број поени, во кои освен шутерското искокнување на Тасовски, дојде и ол-раунд играта на Бошњак, прецизноста на досега малку користениот Крстевски (одлично го менуваше Латовиќ).
На другата страна се обидуваа нешто да поправаат Живковиќ (најчесто од линијата за слободни фрлања), Агоч и Деспотовиќ, што со оние проблеми на Тачи и Петровски се покажа како непоправлив минус.
Впрочем, гостите биеја со мизерни 18% за три поени (3 од 16), но и трипати помал број на успешни додавања (8 спрема 21 на Струмица).
Па затоа и овие плус триесет и нешто во третото одмерување на силите на шампионот и "предивикувачот" од Јане Сандански.
|
|
|
 |
|
![]() |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
WEBmail |
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|