
|
 |
Спорт / Останати спортови
Нова седма средба во Бостон
По вторпат во ова разигрување тимот кој сезоната ја заврши со убедливо најдобриот скор во лигата ќе мора да се мачи преку седмата средба да стигне до следната рунда.
Како и сите свои претходни гостувања во ова разигрување, и посетата на Кливленд Селтикси ја завршија со пораз, свој шести на гости во плеј-офот и сега ги очекува неизвесноста на "мајсторката" доколку навистина сакаат да го продолжат походот кон првата титула по пауза од повеќе од две децении. Во претходната седма средба тие без проблеми излегоа на крај со младите и неискусни Хоукси, но овој пат пред нив стојат Леброн Џејмс и Кавси, кои би требале да бидат доста поголем залак од Атланта.
За седмата средба Кливленд се избори токму преку својот суперстар кој шестиот дуел кој Кавси го добија со 74-69 го заврши со 32 поени од кои 19 во клучното второ полувреме.
"Вечерва моравме да победиме зошто во спротивно сезоната ќе завршеше за нас. Знаеме дека можеме да победиме во Бостон и на нас е да отидеме таму и да ја завршиме оваа серија со победа" - изјави Џејмс, кој цела серија се мачи со шутот, но во финишот на средбата погоди два клучни шута за ставање крај на кам-бекот на Бостон. Воли Шчербијак со тројка и Џо Смит со две слободни ја обезбедија победата и седмата средба во Бостон.
Кавси се во обид да станат само 14. тим во историјата на лигата кој успеал да добие една плеј-оф серија по дефицитот од 0-2. Тоа им успеа лани кога со 4-2 го совладаа Детроит. За да го повторат тој успех Кавси ќе мораат да слават сред Бостон каде Селтикси имаат скор 7-0 во ова разигрување. Можеби поради тоа самодовербата кај Селтикси с$ уште е на високо ниво.
"Ни малку не паднавме ментално по овој пораз кој можевме да го избегнеме. Цела сезона се игра за подобар скор да се има предноста на домашниот терен и тоа и ќе го искористиме" - изјави Пол Пирс, кој постигна 16 поени.
Кевин Гарнет со 25 поени беше најефикасен кај гостите за кои Реј Ален, пак, беше мизерен со само девет поени и шут од игра од 3-8. На само два поена застана Рејџон Рондо, кој претходниот дуел го заврши со 20 поени.
Леброн, пак, додаде и 12 скокови, но и осум загубени топки, а во нападот на Кавси само уште Делонте Вест со десет поени беше двоцифрен. По девет поени додадоа Шчербијак и Смит.
Седмата средба се играше синоќа во Бостон.
|
|
|
 |
|
![]() |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
WEBmail |
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|