Спорт / Останати спортови
УШТЕ ЕДНА ИЗБОРЕДНА ПАРТИЈА НА БРАЈАНТ, ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА ПРЕДНОСТА НА БОСТОН СЕЛТИКС Коби не се дава така лесно...

По 0-2 во едно финале, половина од работите стануваат јасни, но не и за еден играч каков што е Коби Брајант.
Свесен дека најголем дел од работите во ЛА Лејкерс зависат исклучиво од него, Коби остана доследен на игрите кои ги презентираше во текот на оваа сезона. Дури беше и подобар, особено во моментите кога на Лејкерси и не им одеше како што посакуваат.
За среќа, овој пат имаше одличен асистент во Саша Вујачиќ, кој на 1:53 секунди пред крајот ја погоди веројатно и клучната тројка за 81:76.
“Она што се обидов заедно со своите соиграчи е да останеме мирни, дека нивното водство не значи и крај на светот”- кажа Брајант по средбата број 3.”Тие одиграа сјајно на својот терен и знаевме дека и ние мораме да го направиме истото. Моите соиграчи се хранат со мојата самодоверба, а јас безусловно верувам дека можеме да го одбраниме својот, домашен терен и на крајот да ја земеме титулата”.
Посебно импонираше играта на Брајнат во финалните две минути во кои Лејкерси ја чуваа тешко стечената разлика. Ладнокрвно, како вистински убиец го поминуваше Реј Ален и ги погоди двата последни шута.
На тој начин го смири нервозниот Меџик Џонсон, па и Џек Николсон, кој од исти такви, нервозни причини, ги вртеше своите очила, а Силвестер Сталоне остана мирен на своето седиште, кога на крајот семафорот покажа 87:81 за “жолто-пурпурните” и 1-2 во финалната серија .
Со еден збор, Холивуд виде уште една феноменална претстава на својот омилен актер во Степјлс Центарот.
Каква, за неа сведочат 36-те поени (со шут од игра 12/20) и покрај нервозната рака кога се во прашање слободните фрлања (11/18). Но и седум скока и една асистенција спакувани во 45-минутното шоу.
Иако играа далеку од она во првите два натпревари, Селтикси беа “во игра” за победа и на овој натпревар и во последните минути. Носени од Реј Ален, кој конечно имаше Ол-стар перформанси (заокружени со 25 поени) “зелените детелинки” од Бостон направија максимален притисок. Но не го издржаа последниот удар на Брајант.
“Иако не игравме сјајно, на крајот имавме можност да ја однесеме победата”- кажа Реј Ален. “Не брилјиравме на ниту една страна од игралиштето и сигурно е дека имаме многу простор за напредок во серијата”.
Зборови кои алудираа на фактот дека овој пат Бостон не можеше да смета на поените од Пол Пирс, уште помалку од Рајшон Рондо и јунакот на вториот дуел, Леон Поу.
“Десетката” кај гостите ја премина само уште Кевин Гарнет, кој заврши со 13 поени, но со слаб шут (6/21 од поле), но и 12 скока и 5 асистенции.
Натпреварот број 4 ќе се игра во четврток навечер на истото место, на кое досега Лејкерси имаа неверојатен скор од 9-0 во плеј-офот, и 15 победи во серија почнувајќи од 28 март.
Иако се на само две победи до 17. титула во својата богата иторија, Селтикси имаа скромни 2-8 на гости во мечевите од доигрувањето за титулата.
Со ефект на третата ѕвезда од само шест поени, 12 утнати шута, но и постојани проблеми со личните грешки, ќе им треба многу да дојдат до посакуваниот брејк во ЛА.
Токму тројката на Брајант на неполни седум минути до крајот го донесе повтореното водство на Лејкерс (69:68), кое по четирите слободни фрлања, две негови и на Фишер, беше зголемено на 73:68.
Сепак, откако Кевин Гарнет заби за 83:78 на 1:28 минути пред крајот, цел Лос Анѓелес знаеше дека следниот шут ќе го има Коби Брајант. Дури и одбраната на Бостон “се намести” во тој стил. Но Реј Ален немаше доволно “силни нозе” да го сопре Коби.
Па така, ЛА Лејкерс ќе се обиде да стане само четвртиот тим во историјата на НБА кој се вратил по 0-2 во големото финале.
Изненадувањето е Вујачиќ

Играта на Саша Вујачиќ донесе и дилеми кај тренерите на двете екипи Фил Џексон и Док Риверс, околу изборот за најкорисен играч на натпреварот.
“Без никаков сомнеж, Коби е клучен за оваа победа. Ги водеше соиграчите од самиот почеток со сета онаа своја агресивност”- рече Џексон.
Сосема поинакво беше мислењето на Риверс, кој таа улога му ја намени токму на словенечкиот бек-шутер.
“Мислам дека Коби беше навистина сјајен, но клучната улога ја одигра Вујачиќ. Знаевме дека Брајант ќе проработи, но не сметавме дека ќе добие така квалитетна помош од страна”- заклучи тренерот на Селтикс.
А како играше Вујачиќ?
Кошаркарот кој себеси се нарече “Машина” погоди три тројки, меѓу нив и онаа на нецели две минути пред крајот од аголот на игралиштето.
Словенецот заврши со 20 поени (7/10 од поле и 3/4 од линијата за слободни фрлања), но и 4 скока и една асистенција за речиси 28 минути кои ги доби од Џексон на овој натпревар.
“Келтите” без Рондо
На почетокот од третиот период од играта екипата на Бостон Селтикс остана без својот стартер Рајшон Рондо.
Причината е повредата на скочниот зглоб на левата нога поради која одличниот бек не го доигра натпреварот број 3. Поради тоа тренерот Док Риверс мораше во таа улога да го стави ветеранот Еди Хаус.
“Еди ни даде мал живот вечерва. Ни требаше некој од клупата за да помогне, и тој го направи тоа. Еди заврши доста работа вечерва”- потврди и Риверс.
Хаус даде 6 поени (даде две тројки), но имаше и 3 скока и 2 асистенции за нецели 20 минути во второто полувреме во кое го менуваше Рондо.
ЛА ЛЕЈКЕРС - БОСТОН СЕЛТИКС 87:81 (20-20; 23-17; 17-25; 27-19)
ЛА ЛЕЈКЕРС: Брајант 36 (7ск,1ас), Вујачиќ 20 (4ск,1ас), Гасол 9 (12ск,2ас), Фишер 6 (3ск,1ас), Фармар 5 (4ск,5ас), Одом 4 (9ск,4ас), Ариза 4 (1ск,1ас), Радмановиќ 3 (1ск), Волтон 0 (3ск,2ас), Туриаф, Мим, Њубл;
БОСТОН СЕЛТИКС: Ален 25 (5ск,2ас), Гарнет 13 (12ск,5ас), Поуси 9 (7ск), Рондо 8 (2ск,4ас), Перкинс 8 (6ск,1ас), Пирс 6 (6ск,3ас), Хаус 6 (3ск,2ас), П.Џ. Браун 3 (2ск), Кесел 2 (2ас), Поу 1 (2ск), Ален, Дејвис;
|