
|
 |
Спорт / Останати спортови
САМО ДОЖДОТ БЕШЕ ПРЕЧКА ЗА ТРЕТО ФИНАЛЕ ПОМЕЃУ СЕСТРИТЕ ВИЛИЈАМС “Вилијамс Експрес” во ново Вимблдон финале
Серена Вилијамс ќе игра против својата сестра Венус по третпат во финале на Вимблдон, откако ја прекрати неверојатната серија на Кинеската Женг Жи со 6:2/7:6(7:5) победа. Шестата носителка стигна до 5:2 водство во првиот сет пред дождот да ги натера тенисерките надвор од теренот, но кога се вратија Вилијамс го зеде првиот сет, но Женг се врати и по уште една пауза поради дожд имаше момент во кој може да го израмни мечот.
 Женг се бореше до крај, враќајќи се од 5:2 негатива во тај-брејкот до 5:5, но двократната шампионка Вилијамс ја запечати победата. Импресивниот сервис на Вилијамс и донесе ас и меч топка, пред Женг да направи двојна сервис грешка за крај на мечот.
“Таа дефинитивно ме туркаше до крај. Одигра одличен меч и немаше што да загуби. Секогаш е забавно кога е така. Не сакав да одам во три сета”, вели Вилијамс.
Американката стигна до своето прво гренд слем финале по Австралискиот Опен минатата година и прво против нејзината постара сестра од Вимблдон во 2003.
“Среќна сум што сум во гренд слем финале, но сакам повеќе од тоа. Венус е тешка противничка, можеби најтешката која сум ја имала”, вели Серена.
Женг ја совлада првата носителка Ана Ивановиќ и уште две носителки на патот до полуфиналето, каде што е прва Кинеска во историјата. На почетокот нервозата ја фати Кинеската и Вилијамс со 14 директни победнички топки го освои првиот сет.
ВЕНУС ЕКСПРЕСНО ПРЕКУ ДЕМЕНТИЕВА
Венус Вилијамс пак е на една победа за петта титула во Лондон откако ја совлада Русинката Елена Дементиева во два сета со 6:1/7:6. Откако ја прегази противничката во првиот сет, постарата сестра Вилијамс се намачи во вториот сет, но секогаш имаше малку повеќе од противничката која дебитираше во полуфиналето на Вимблдон.
“Таа е слична тенисерка на мене со многу моќ, но знаев дека ќе морам да бидам малку подобра. Беше важно да останам стабилна пред тај-брејкот. Ова е мое седмо финале и навистина е добро што ќе играм против мојата сестра”, вели постарата Вилијамс.
Таа ги отфрли тврдењата дека мечевите помеѓу сестрите не се добри, бидејќи недостаток на натпреварувачки дух, инсистирајќи дека блиската врска со сестрата Серена не ја намалува желбата за нова титула.
“Нашата цел е да се стигне до финалето, но потоа е секој Вилијамс за себе”, вели Венус.
Дементиева призна дека се мачеше со квалитетот на играта на Вилијамс во првиот сет.
“Таа почна навистина добро, доминираше и направи притисок на мој сервис. Венус сака да игра силно и ова е одлична подлога за неа. Се обидував да најдам слабост во играта и затоа вториот сет беше целосно поинаков”, вели Дементиева.
ШУТЛЕР ПО ДРАМАТИЧНИ ПЕТ СЕТА ВО ПОЛУФИНАЛЕ
Раинер Шутлер мораше да почека за да постави интересно полуфинале против Рафаел Надал. Во маратонскиот меч кој траше повеќе од пет часа во два дена, Шутлер стигна до 6:3/5:6/7:6/6:7/8:6 победа над Французинот Арну Клемен.
Ова е само вторпат во 38 обиди 32-годишниот Шутлер да влезе во полуфинале на гренд слем турнир, токако во 2003 година загуби во финалето на Австралискиот Опен во 2003 од Андре Агаси. Повеќе од пет години Шутлер ќе има пеколен предизвик против вториот носител Надал, кој загуби само еден од 16 сета во првите пет меча на Ол Ингланд Клубот.
Во меч со бројни промени на балансот, Шутлер изгледаше во контрола откако победи во третиот сет во тај-брејк и поведе со 4:1 во четвртиот сет, но загуби брејк на шестиот гем и Клемен се врати во мечот. Шутлер остана стабилен иако Клемен поведе со 2:0 во петтиот сет. Но, при 6:6 во петтиот сет, на 15:40 во 13. гем дождот повторно пристигна во Лондон и имаше втора пауза. Иако протестираше за паузата, таа на Шутлер му донесе свежина и ги освои следните два гема за победа.
30-годишниот Клемен исто така го бркаше своето второ гренд слем полуфинале, откако во 2001 година стигна до финалето на Австралискиот Опен, каде што и тој загуби од Агаси во три сета.
ВИМБЛДОН ШАМПИОНАТ, ЛОНДОН, 11.812.000Ф
РЕЗУЛТАТИ:
МАЖИ, 1/4 ФИНАЛЕ
Шутлер - Клемен 6:3/5:7/7:6(8:6)/6:7(7:9)/8:6
ЖЕНИ, 1/2 ФИНАЛЕ
(7) В.Вилијамс - (5) Дементиева 6:1/7:6(7:3)
(6) С.Вилијамс - Женг 6:2/7:6(7:5)
МАЖИ - ДВОЈКИ, 1/2 ФИНАЛЕ
(8) Бјоркман/Алјет - (1) Б.Брајан/М.Брајан 7:6(7:3)/5:7/7:6(7:5)/7:6(11:9)
(2) Нестор/Зимоњиќ - (9) Длоухи/Паес
МЕШАНИ ДВОЈКИ, 1/4 ФИНАЛЕ
(1) М.Брајан/Среботник - (5) Алјет/Сугијама
(3) Визнер/Печке - Андреев/Кириленко
(9) Рам/Деши - Б.Брајан/Стосур
ЈУНИОРИ, 1/4 ФИНАЛЕ
(1) Томич - (6) Куња 4:6/6:4/6:3
(9) Димитров - (3) Рамирез 6:3/7:5
Крајиновиќ - Томас 7:6(7:2)/6:4
Континен - Пропоџа 6:2/6:2
ЈУНИОРКИ, 1/4 ФИНАЛЕ
Хендлер - (2) Рус 7:6(7:4)/6:3
(3) Лертчивакарн - Броуди 6:7(6:8)/6:3/6:4
Табакова - (5) Херцог 6:4/6:1
Робсон - (9) Јовановски 7:5/6:4
***
Сафин среќен и изненаден
Русинот Марат Сафин вели дека помислил дека “целосно се загубил” откако се мачеше да се квалификува на турнирите. Тоа беше последното понижување за поранешниот светски број 1, кој зад себе има две гренд слем титули.
“Уморен сум од правење камбек секоја година”, велеше Русинот.
Но, во средата, еден од најголемите фајтери во модерниот тенис стигна до своето прво полуфинале на Вимблдон со триумф над Шпанецот Фелисијано Лопез и сите маки со повредите и со темпераментот се исплатија.
“Изненаден сум што се уште сум тука. Почнав да си мислам дека веќе се загубив по лошата форма минатата година”, вели Сафин.
Следен противник за него е Рожер Федерер, човекот со неверојатната серија на Вимблдон, и Сафин не очекува премногу. Федерер ќе се натпреварува во своето 17. последователно гренд слем полуфинале и знае колку Сафин може да биде опасен, иако лани го совлада во три сета.
“Никогаш не сум помислил дека Марат е 89. на светот. Тоа е навистина смешно и го знае и самиот. Сега покажува што знае. Најчудно е што тоа се случува на Вимблдон бидејќи никогаш не ја сакал подлогата”, вели Федерер, на што Сафин одговара дека ако Федерер не мисли дека тој треба да е толку долу може да му “продаде неколку рејтинг поени”.
28-годишниот Сафин има 2-8 скор против Федерер.
“Не е исто кога имаш 20 години и првпат си во гренд слем финале. Тогаш мислиш дека леташ, но сега е поинаку. Рожер е на пат до својата седма титула, така што нивоата се поинакви. Бев рангиран 95. оваа година и морав да играм на квалификации за во Хамбург. Тоа е вистинското дно”, вели Сафин.
Но, упорноста секогаш била на негова страна. Во 2000 тој го совлада Пит Сампрас во три сета за титулата од УС Опен по што беше прогласен за иднината на тенисот. Но, притисокот го направи своето, и следната гренд слем титула дојде против Лејтон Хјуит пет години подоцна на Австралискиот Опен.
“Пет години подоцна луѓето повторно зборуваат за тоа што се случува со мене. Сега не морам да одговарам на ништо”, вели Сафин.
***
Морезмо не ја избраа во сингл, нема да оди во Пекинг
Амели Морезмо се повлече од Олимпијадата во Пекинг во четвртокот, бидејќи не беше избрана да се натпреварува во сингл. Поранешната светска тенисерка број 1 освои сребрен медал на ОИ во Атиан во 2004, но овојпат доби место само во двојки.
“Бидејќи Француската Федерација реши да не се натпреварувам за медал во сингл, и бидејќи морам да ја заддржам физичката подготвеност решив да не одам во Пекинг и да се концентрирам на последната цел оваа сезона - УС Опен”, вели Морезмо на својот веб-сајт.
Морезмо, сега 33-рангирана вели дека одлуката на федерацијата ја дочекала со “тага, бидејќи натпреварувањето за мојата земја на последната Олимпијада за мене беше многу важна”. На Вимблдон, каде што победи во 2006 година, Морезмо загуби од Серена Вилијамс во третото коло.
ГЕМ, СЕТ, МЕЧ
Рожер Федерер треба да внимава, бидејќи Рафаел Надал вели дека никогаш не играл подобро на трева. Откако последните две години загуби во финалето од Федерер, Надал стигна до полуфиналето со доминантна 6:3/6:2/6:4 победа над Енди Мареј. “Од што сум задоволен? Од се, навистина од се. Играм далеку подобро од лани. Слајсот е подобар, позицијата на теренот исто така, и играм доста агресивно. Лани беше блиску против Рожер и можев да го имам тој трофеј дома. Но, не сакам да мислам на тоа сега, бидејќи имам полуфинале пред мене”, вели Надал, кој игра со Германецот Раинер Шутлер денеска.
Поразите на топ 4 тенисерките на Вимблдон релативно рано на турнирот е одлично за женскиот тенис, оценува шефот на ВТА лери Скот. Првпат откако се доделуваат носителски места на Вимблдон во 1927 година, ниту една од првите четири носителки не влегоа во четвртфиналето: Ана Ивановиќ, Марија Шарапова, Јелена Јанковиќ и Светлана Кузнецова. “Тоа само покажува колку длабочина има во женскиот тенис. Пред малку време можевте да предвидите кои тенисерки ќе бидат во финалето, а денеска тоа не е случај”, вели Скот.
Маркос Багдатис предизвика вистинска бура на Кипар откако ја извести тениската федерација (ЦТФ) дека нема да игра во Дејвис Куп натпреварот против Португалија од 18 до 20 јули. Откако ја совладаа Словенија, Кипар, кои целосно се потпираат на играта на Багдатис ќе играат против фаворитите Португалија во плеј-оф за место во 1. група на Евро-африканската Зона. Оправдувањето на Багдатис е дека има пренатрупан календар, бидејќи треба да игра на УС Опен, на Олимпијадата во Пекинг и на турнирите во Монтреал и Синсинати.
Енди Мареј ќе има свој фаворит ако во недела во финалето играат Рожер Федерер и Рафаел Надал. И покрај тоа што доби “лекција” од Надал во четвртфиналето, тој ќе навива за него. “Мислам дека Надал има огромна шанса. Ако игра како против мене, тогаш Рожер нема да може да го сопре”, вели Мареј.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
WEBmail |
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|