
|
 |
Спорт / Останати спортови
Со голем мотив до изненадување
Јуниорската селекција на Македонија денеска од 21 часот во Охрид го игра вториот меч на Светското првенство во кој се среќава со носителот во групата, Кореја, па тоа ќе биде нов предизвик за репрезентативките на патот кон втората рунда.
Корејките се фаворити за првото место во нашата група и затоа мораме да одиграме внимателно и да не подлегнуваме на нивните "провокации" поточно да не ја прифатиме нивната игра туку ние да наметнеме наше темпо и ние да го диктираме темпото на теренот.
Синоќа на средбата која Корејките ја одиграа против Бразил, тренерскиот тандем од Македонија можеше да се увери каков е квалитетот на нашиот денешен противник, па денеска ќе може да излеземе потполно подготвени за игра.
И додека се очекува тој меч импресиите од првиот дуел полека стивнуваат. Победата против Австралија полека се заборава бидејќи во еден ваков систем за натпреварување нема премногу време за да се мисли на она што веќе завршило. Времето е кусо за подготовка, па поради тоа мора да се работи на играта за следниот дуел.
Ден по одигрувањето на првиот меч на Светското првенство, Македонија одмораше од играње натпревари, но можеше да се забележи дека девојките потполно трезвено ги дочекуваат следните дуели. Победата над Австралија на нив влијаеше позитивно, така што сега се чувствува дека е надмината онаа трема која пречеше при одигрувањето на првата средба.
Триумфот над Австралија беше потребен за да може девојките да ја подобрат својата самодоверба. Таа сега е на високо ниво и сето тоа може само да радува пред одигрувањето на дуелите коишто следуваат до крајот на првенството.
Тоа што се играше и без Елена Георгиевска, која во овој состав има најмногу настапи за сениорската селекција е уште еден плус за оваа генерација и дава надежи дека можеме многу повеќе од она што го прикажавме на почетокот на Мундијалот.
"Ова беше прво искуство од ваков тип за оваа генерација на ракометарки. Се виде уште кога почнавме дека стартувавме во грч. Почнавме премногу внимателно со многу грешки во играта. Загубивме премногу топки, но јас сум задоволен од тоа како сите девојки се залагаа. Одигравме тимски, а јас тоа го барав од нив уште пред почетокот на првенството. Победата ни беше потребна за да можат девојките да се опуштат и допрва ќе следува вистинското од нив", коментираше селекторот на Македонија, Новко Георгиевски.
Хендикеп за нас е неиграњето на Елена Георгиевска, од која очекувавме да биде носител на играта на репрезентацијата на Македонија. Таа на првата средба седеше на клупата и не можеше да помогне. Влезе во игра само при изведување на седмерец, но не успеа да го реализира.
"Таа ни недостига премногу. Кога ги видовме противниците со коишто ќе играме во групата на дело мојот коментар беше дека доколку Елена беше подготвена сто посто тогаш приказната ќе беше поинаква. Ниту Хрватска, ниту Бразил не ме убедија дека се нешто поквалитетни од нас. Токму поради тоа сметам дека доколку успее да заздрави и да биде подготвена за овие дуели ние имаме шанси за да стигнеме до триумф и изненадување и на овие натпревари. Зошто да не се случи тоа и против составот на Кореја уште денеска. Ова е јуниорско првенство и се е можно, така што денеска ќе видиме дали можеме да го сториме тоа", рече Георгиевски.
За разлика од селекторот, тренерот на репрезентацијата Петрушевски по преспиената ноќ им се обрати на ракометарките честитајќи им за победата.
"Ви честитам за победата на првиот меч. Го остваривте она што го посакувавме. Направивте добра работа на стартот, но никако не смеете тука да застанете. Мора да продолжите во ист стил и понатаму. Со оваа победа ние не сме направиле ништо. За нас вистинското првенство почнува токму денеска против селекцијата на Кореја. Доколку за првиот меч сите бевте мотивирани 100 посто, сега ќе морате да се мотивирате многу повеќе, ако треба и 2000 посто за да успеете во нашата цел. Видовте и самите дека имате сили, па направете го тоа и на теренот и покажете дека знаете и можете да победите против секого", рече Петрушевски во обраќањето кон девојките.
Веројатно најдоброто нешто од играњето против Австралија беше тоа што оваа селекција беше можност за наша победа и на тој начин успеавме да стигнеме до триумф со кој во продолжението од првенството ракометарките ќе играат далеку послободно.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
WEBmail |
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|