
|
 |
Спорт / Останати спортови
Скромна екипа, скромни желби
Вчера нашата олимписка експедиција од аеродромот "Александар Велики" во Скопје, по приемот кај претседателот Црвеновски, кој им посака достојно да ја презентираат Македонија, замина за Кина, за Пекинг, каде од 8 до 24 август ќе учествуваат на најголемиот светски собир на спортистите, на Олимписките игри.
Со оглед дека одиме со скромна екипа, со само седуммина спортисти, од кои само двајца со исполнети норми, Николовски во кајак слалом и Рамазанов во борење, еден со минимална олимписка норма (стрелецот Сашо Несторов) и четворица со "вајлд" карти (Елена Поповска, Михајло Ристовски во пливање и Ивана Рожман и Реџеп Селман во атлетика) резултатските постигнувања во глобала можат да бидат само скромни. Впрочем, и нивните желби, деновиве постојано повторувани, се слични.
Во тој дел сите се едногласни. Првата реченица им е достојно претставување на Македонија во рамките на своите можности, ќе дадат се од себе, и толку. А нивните можности ги знаеме многу добро, постојано ги гледавме. Во превод тоа значи ништо спектакуларно, ништо еуфорично, иако некој може и да изненади. Таквиот ако се бара, ќе биде меѓу спортистите со норма.
Ваквите идентични изјави без многу надеж за некој висок пласман првенствено се темелат на лошата политика во спортот, и тоа во сите изминати години од осамостојувањето на Македонија. Тоа значи дека работиме без стратегија, стихијно, од настан до настан, без поголема финансиска поддршка, со скроми средства каде добар дел покриваат родителите, со слаба спортска инфраструктура, инфраструктура која во добар дел е дадена под концесии на концесионери кои со спортистите буквално си играат мајтап. Во таква ситуација ниту сега, ниту во блиска иднина можеме да очекуваме резултати кои ќе бидат блиску до светските дострели. Затоа ни се случува и ангажирање на странци, што не е лошо, но не во ситуација кога имаме човечки потенцијал. Но за тоа во некоја друга пригода. А ние да се вратиме на ЛОИ.
Како претходница, неколку дена порано за Пекинг замина Сашо Поповски, генералниот секретар на МОК, кој веќе се смести во Олимпискиото село, од каде ги испрати и првите информации.
Така, екипата на Македонскиот олимписки комитет во Олимпиското село во Пекинг ќе биде сместена во зградата Б-6, заедно со Олимпискиот комитет на Србија, а во непосредна близина се и националните олимписки комитети на Словенија, Хрватска, Белгија, Романија, Швајцарија, Шведска, Аргентина...
Нашите спортисти ќе бидат сместени во 12 соби, на 8. спрат, кој целосно ќе биде на располагање на Македонскиот олимписки комитет.
За време на престојот, до официјалниот настап сите наши репрезентативци ќе имаат можност за редовни тренинзи.
Така, стрелецот Сашо Несторов ќе има секој ден тренинг од 9 до 16 часот. Атанас Николовски услогите на патеката за кајак слалом ќе може да ги користи секој ден од 11 до 17 часот. Сите останати, Мурат Рамазанов, кој последен ќе допатува во Пекинг, Елена Поповска, Михајло Ристовеки, Ивана Рожман и Реџеп Селман секојдневните тренинзи ќе можат да ги реализираат од 8-22 часот, по желба. Ваквата првична слика, за користење на спортските центри, речиси без ограничување е одлична можност за евентуално надополнување на тоа што е испуштено во текот на подготовките иако за тоа е веќе доцна, но за прилагодување на средината е одлично.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ - МКД
МИХАЈЛО РИСТОВСКИ-ПЛИВАЊЕ (200 м СЛОБ.)
10. август во 18:54 ч (лок. време)/12:54 ч мкд време квалификации
САШО НЕСТОРОВ-СТРЕЛАШТВО (10 М В. ПУШКА)
10. август во 13:00 ч (лок. време)/7:00 ч мкд време офиц. тренинг
11. август во 9:00 ч (лок. време)/3:00 ч мкд време квалификации
11. август во 12:00 ч (лок. време)/6:00 ч мкд време финале
АТАНАС НИКОЛОВСКИ-КАЈАК СЛАЛОМ (К1)
11. август во 15:50 ч (лок. време)/9:50 ч мкд време прва трка
11. август во 17:42 ч (лок. време)/11:42 ч мкд време втора трка
12. август во 15:40 (лок. време)/11:40 ч мкд време полуфинале
12. август во 17:17 ч (лок. време)/11:17 ч мкд време финале
ЕЛЕНА ПОПОВСКА-ПЛИВАЊЕ (100 м СЛОБ.)
13. август во 18:30 ч (лок. време)/12:30 ч мкд време квалификации
ИВАНА РОЖМАН-АТЛЕТИКА (100 М)
16. август во 10:57 ч (лок. време)/4:54 ч мкд време квалифиакции
РЕЏЕП СЕЛМАН-АТЛЕТИКА (ТРОСКОК)
18. август во 10:00 ч (лок. време)/4:00 ч мкд време квалификации
МУРАТ РАМАЗАНОВ-БОРЕЊЕ (СЛ. СТИЛ-60 КГ)
19. август во 9:30 ч (лок. време)/3:00 ч мкд време квалификации
19. август во 12:10 ч (лок. време)/6:10 ч мкд време 1/8 финале
19. август во 13:30 ч (лок. време)/7:10 ч мкд време 1/4 финале
19. август во 14:10 ч (лок. време)/8:10ч мкд време 1/2 финале
19. август во 18:15 ч (лок. време)/9:10 ч мкд време финале
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|