
|
 |
Спорт / Останати спортови
Мицнер им донесе титула на Германките
Многу возбудувања, резултатска тензија во текот на целиот меч и одлука за новиот светски првак во последните секунди го отсликуваат накратко финалето на 16. Светско првенство за јуниорски кое синоќа заврши со победа на Германија.
Репрезентативките на Германија одиграа одличен меч во кој беа за нијанса подобри од својот противник така што заслужено успеаја да ја освојат круната. По три медали на големите натпреварувања, Данките првпат губат, а Германките кои дојдоа во Македонија меѓу понискорангираните покажаа дека имаат квалитет за највисок дострел.
Секако најмногу причини за да ја слават им даде Франциска Мицнер која го постигна одлучувачкиот гол на пет секунди пред крајот на средбата.
Првото полувреме имаше многу интересен тек во кој и двете селекции имаа свои периоди. Почетокот им припадна на ракометарките на Данска коишто тргнаа силно кон голот на противникот најавувајќи добар меч во кој се решени да дојдат до победата. Играа многу добро во одбраната, голманката Сандра Тофт лесно ги бранеше ударите на противникот, па разликата постојано беше зголемувана.
Како одминуваше времето така Германките имаа се поголема негатива. Беше премногу тешко да се дојде до помала негатива, а Данките знаеја како да стигнат до шест гола позитива за 16 минути игра. Во овој период од мечот имаа водство од 9:3.
И како што тоа многу често се случува, кога некој има вака високо водство за само десетина минути игра, редовно има пад во играта. Така по добриот почеток беше промашена контра која можеше да донесе предност од седум гола. Мие Аугустесен беше сама "очи во очи" со голманот на Германките, но топката ја упати крај голот.
Тоа беше најава за одлично продолжение на средбата, но овој пат со доминација на германскиот состав.
Одлично ги затворија сите приоди кон својот гол и ги натераа Данките да брзаат со своите акции, но и многу повеќе да грешат. Тоа им даде резултат бидејќи почнаа да ја топат разликата. Шест минути беа доволни за да изменат многу работи на теренот.
Данска остана без погодок до 22 минута, а прими дури шест. Со тоа водството од 9:3 беше анулирано набрзина и веќе во 22. минута од мечот на семафорот стоеше резултат од 9:9 така што во тие моменти мораше се од почеток.
Репрезентативките на Данска одново најавија добар период. Почнаа да играат поорганизирано во нападот и дојдоа до три разлика во 27 минута, 13:10. И место да продолжат во тој стил до крајот на првиот дел одново имаа пад во играта, па на паузата немаа предност туку на одмор се замина со резултат од 13:13, што беше најава за големи возбудувања во продолжението на средбата.
Вториот дел мина во уште интересна атмосфера бидејќи во ниту еден момент не можеше да се каже дека некоја селекција има сигурно водство и се наоѓа пред триумф.
Германките почнаа одлично и најавија победа. Поведоа со три гола разлика, 19:16, но потоа застанаа дозволија противникот да се врати во живот и да биде одново конкурентен за победата.
Данска не само што успеа да израмни на 19:19 туку со серија од четири гола успеа и да поведе и да дојде до водство од 20:19. Сепак, немаше доволно сила за да се издржи до крајот и Германија одново се врати во игра израмнувајќи го резултатот на 20:20.
Тука почна драмата во последните десет минути од средбата. Се играше гол за гол, а во последната минута се влезе со нерешен резултат од 22:22. Данска имаше прв напад и шанса да поведе, но брзоплетоста беше причина што се дозволи противникот да добие напад и шанса да дојде до триумф.
Се одеше стрпливо после тајм-аутот и Франциска Мицнер успеа да дојде до позиција за шут. Биеше прецизно и на пет секунди пред крајот донесе водство од 23:22 за Германија. Пред да се стопира времето минаа уште две секунди, па три секунди беа премалку за Данска да постигне гол. Најпрецизната ракометарка на овој шампионат Камила Далби биеше од далечина и нејзиниот шут заврши како лесен плен за голманот на Германија, Мелани Херман. Тоа значеше дека титулата оди кај Германките кои ја наследија селекцијата на Русија на тронот. Германија е новиот светски шампион.
Гвон од Кореја, МВП
Ракометарката од Кореја, средниот бек Хана Гвон е прогласена за најдобра ракометарка на Светското првенство. Таа успеа да одигра најдобро на ова првенство и го доби приматот за севкупно најдобар играч така што дефинитивно најдобрите четири селекции ги поделија наградите.
ОЛ-СТАР ТИМ
ГОЛМАН: Сандра Тофт (Данска)
ЛЕВ БЕК: Надја Надгорнаја (Германија)
СРЕДЕН БЕК: Хана Гвон (Кореја)
ДЕСЕН БЕК: Камила Далби (Данска)
ЛЕВО КРИЛО: Елиса Алмендарис-Гарсиа (Германија)
ДЕСНО КРИЛО: Кармен Беренгуер (Шпанија)
ПИКЕР: Сандра Бошњак (Хрватска)
НАЈДОБАР СТРЕЛЕЦ: Камила Далби (Данска) 65 гола
Кореја фер-плеј екипа
Селекцијата на Кореја доби награда и за фер-плеј екипа на овој шампионат. Оваа селекција играше некако најчисто во одбраната, а тоа го покажаа и во дуелот за 3. место кога нема ниту едно исклучување.
Иста грешка како на мечот во саботата
И на овој дуел, како и на средбата на која играше Македонија во саботата се случи проблем од типот на погрешно запишана ракометарка во записникот. Овој пат недостигаше една од најдобрите ракометарки на Данска, Мие Аугустесен, но проблемот беше воочен навреме, па се беше поправено во предвидениот временски период така што таа доби шанса за да игра во финалето.
РЕЗУЛТАТИ
ФИНАЛЕ
Данска - Германија 22:23 (13:13)
3. МЕСТО
Кореја - Шпанија 29:22 (14:8)
5. МЕСТО
Унгарија - Хрватска 28:24 (12:15)
7. МЕСТО
Франција - Црна Гора 42:35 (17:14)
9. МЕСТО
Романија - Бразил 31:33 (12:16)
11. МЕСТО
Аргентина - Ангола 24:29 (13:13)
13. МЕСТО
Исланд - Јапонија 27:26 (15:12)
15. МЕСТО
Словенија - Алжир 33:27 (17:12)
17. МЕСТО
Македонија - К. Тајпеј 25:26 (15:12)
19. МЕСТО
Австралија - Казахстан 22:32 (13:15)
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|