
|
 |
Спорт / Останати спортови
Ова е реалноста во моментов
Македонија во моментов е 18. селекција во светот. Ова е факт којшто никој не може да го демантира, никој не може ниту да го избрише или да го поправи со некакво објаснување или оправдание. Тоа е реалноста на која сите мораат да & погледнат во очи и што побрзо да го најдат проблемот бидејќи така ќе можеме да продолжиме напред.
Пред почетокот на првенството никој не постави барање од оваа генерација дека таа мора да дојде до медал. Никој не рече ниту дека репрезентацијата на Македонија мора да биде и меѓу првите осум. Едноставно девојките живееја во некој сон според кој очекуваа да се пласираат дури и во финалето. Веруваа во себе, но не беа свесни дека другите селекции имаат одлични тимови коишто со години наназад играат заедно и имаат голем број контролни средби.
И сега откако е се завршено, а се пласиравме дури на 18. место многу е тешко да кажете дали ова е неуспех и разочарување или овој резултат е само една реалност на младинскиот ракомет во Македонија.
Сите ние очекувавме барем едно. Самите ја избравме групата и токму поради тоа сметавме дека вториот круг ни е загарантиран. Пласманот во овој втор круг за нас ќе беше голем успех и веќе по првата недела ќе кажевме дека сме го добиле она што сме го посакувале од оваа генерација и далеку поопуштено ќе ги следевме средбите.
"Првенството го почнавме со добра игра, но на крајот се излезе на лошо. Се најдовме дури на дното. Дали е тоа резултат на неискуство или е во прашање нешто друго... По средбите во Охрид имаше некој психолошки пад и беше многу тешко да ги вратиме назад девојките. Се виде на последниот меч против Кинески Тајпеј дека тие сакаа да играат, но не знам што се случи. Дали е толку силата? Дали е тоа неискуството? Турнирските средби? Едноставно не знам. Девојките се бореа. Даваа максимум, но... се виде дека тоа не е доволно. Ќе мораме многу да работиме за да успееме да постигнеме еден европски квалитет на ракомет. Во секој случај сето ова беше едно големо искуство за сите бидејќи одигравме многу меѓународни натпревари. Се гледаше разликата меѓу репрезентациите коишто настапија на ова Светско првенство и нас. Другите имаа многу повеќе натпревари пред да дојдат во Македонија и тоа им помогна многу да ги остварат своите амбиции", вели селекторот Георгиевски.
Нештата тргнаа по надолна линија уште во првиот круг кога игравме во Охрид. Првата средба против Австралија покажа дека Македонија ќе има многу проблеми за да стигне до втората фаза. Ни требаа 40 минути за да влеземе во шема, но тоа ни остана единствена победа. Следуваа Кореја, Хрватска, Бразил... Три порази кои ги преселија девојките. Во саботата, на 26 јули кога сите очекуваа забава за прослава на пласманот во вториот круг тие ги пакуваа куферите за пат кон Гевгелија.
"Во Охрид сите видоа што се случуваше. На мечот со Бразил доколку бевме посталожени можевме да дојдеме до посакуваниот резултат. На полувремето реков дека имаме да издржиме уште 30 минути. Беше важно да го победиме Бразил за да останеме меѓу тие 12 селекции. Сепак, не успеавме во тоа и по овој меч се се сврте наопаку. Имаше и проблеми со повреди, па сето тоа одеше против нас. И поразот против Бразил веројатно беше шок за сите и делуваше разочарувачки бидејќи овие деца, сепак, се недоволно искусни. Тие не се научени на одговорност и на вакви големи натпревари".
Имаше премногу грешки. Пропусти во одбраната, загубени топки во нападот. Она што ќе го направевме во десетина добри минути го губевме во продолжението кога влегувавме во криза и никако не успеававме да продолжиме во ист стил.
"Го плативме данокот на неискуството. Оние селекции кои останаа во кругот за највисок пласман се далеку посилни и со многу повеќе турнирски натпреврувања и контролни средби. Се гледаше од начинот на којшто играа. Ние 'кикснавме' бидејќи немавме доволно средби пред почетокот на првенството. Можеби девојките имаа страв и од самата публика, па имаше и многу технички грешки. Како пример може да послужи и фактот што во втора минута не одиш на брз центар, а во 55 минута се уште можеш да трчаш. Тоа беше психолошки момент. Јас постојано им велев дека можат. Тие играа подобро во второто полувреме, но дури откако ќе почнеа да губат. Дури тогаш се опуштаа и почнуваа да играат. Ние секогаш одевме на победа и така се мотивиравме без разлика што противниците беа посилни од нас. Имаше преголем стрес од преголема одговорност. Со Бразил имавме четири зицери пред крајот со кои можевме да го решиме тој меч и да победиме. Успеевме ли да победиме се ќе беше подобро. Вака загубивме и се почна да оди надолу и веќе немаше доволно мотив и играта беше сосема различна", заврши Георгиевски.
И сега откако веќе завршија двете напорни недели во кои имаше и многу квалитетни натпревари, нам ни останува да извлечеме поука и грешките да ги поправиме веќе при следните квалификации на јуниорките за некое друго првенство. Квалитетот дефинитивно го имаме, но тој не може да дојде до израз преку ноќ. Треба некој да го извлече најдоброто од овие девојки, а тоа може само преку добра и квалитетна работа во клубовите.
Иднината е пред нас. Само таа може да ни покаже дали знаеме како да ги поправиме грешките!
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|