Спорт / Останати спортови
Во недела против Чешките одбојкари
Чешка не е невозможна мисија
Заеднички став на репрезентацијата е дека Чесите се фаворити, но ние одиме на активен резултат на првиот меч, кој ќе можеме само да го потврдиме во реваншот пред домашната публика.
Машката сениорска репрезентација, која за првпат во историјата на македонската одбојка успеа да обезбеди учество во третата фаза од квалификациите за Европското првенство 2009 во Турција, вчера на прес- конференција пред јавноста ги изнесе очекувањата за претстојниот бараж двомеч со Чешка. Стручниот штаб на селекцијата влегува во овој натпревар со доза на резерва препуштајќи му ја на противникот улогата на фаворит и надевајќи се дека од Брно ќе се вратиме со активен резултат, кој пет дена подоцна во Скопје со помош на домашната публика ќе можеме да го потврдиме и да обезбедиме пласман на ЕП.
“Македонија постигна многу во квалификациите по групи од овој циклус и сега не очекува последниот чекор, оној најголемиот за првпат да се најдеме на Европското првенство. Чешката репрезентација е фаворит на овој двомеч, особено на првиот натпревар кој го игра на свој терен. Но, јас немаше да ја прифатам позицијата на селектор доколку не верував во квалитетот на оваа репрезентација и во можностите на моите избраници. Имаме тешка задача пред нас, но максималната ангажираност и позитивната атмосфера која ја има во селекцијата ми дава верба дека може да се надеваме на позитивен резултат во Брно”, изјави селекторот на машката сениорска репрезентација, Светислав Пеица.
Шансата за победа селекторот ја гледа во играта на своите избраници и од она што тие ќе го покажат на натпреварот. “Противникот го измени пола состав во оваа последна фаза и со тоа ја намали можноста тактички соодветно да се подготвиме. Но, шансата за триумф ќе ја бараме во нашата игра потпирајќи се најмногу на силниот сервис и стабилниот прием, и доколку сите играчи одговорат на висината на задачата, можеме искрено да се надеваме дека ќе се вратиме со позитивен, активен резултат”, додаде Пеица.
Истиот оптимизам го поделија и четирите најискусни играчи во репрезентацијата, новиот капитен Хари Наковски, Јовица Симовски, Виктор Зафиров и интернационалецот кој минатата сезона настапуваше во чешкото првенство, Атанас Милев.
“Влогот е голем и оваа генерација вреди да се најде на ЕП. Не играме со противник кој е во кремот на европската одбојка и затоа мислам дека имаме реални шанси да ја исполниме нашата цел. Секако со максимална поддршка од домашната публика, историскиот успех ќе биде неизбежен”, вели Виктор Зафиров.
За Јовица Симовски најважно е да го покажеме квалитетот што го поседуваме, па и доколку да изгубиме, од оваа фаза да излеземе со крената глава. “Чешка иако е фаворит, таа не е невозможна мисија. Одбојкарите и јас ќе дадеме се од себе бидејќи ова го правиме пред се за нас, за да се докаже нашата големина како играчи и за Македонија како една нова одбојкарска сила. Доколку изгубиме, ќе изгубиме чесно и ќе се бориме до крај”, мотивирано изјавува Симовски.
Милев уште еднаш само го потврди квалитетот на чешката репрезентација како најдобар познавач на одбојкарите кои се дел од неа, но остана оптимист дека може да се надеваме на победа.
Машката репрезентација денеска ќе одработи уште еден тренинг, а планирано е и утре во претпладневните часови да се соберат за последен пат во салата “Борис Трајковски”, пред да заминат за Брно, Чешка, каде што на 9 септември го играат првиот бараж натпревар со оваа селекција. В. Зарева
Составот комплетен в недела
Стручниот штаб на машката сениорска репрезентација в недела ќе го комплетира конечниот состав кој ќе не претставува на двомечот со Чешка. Селекторот Пеица и неговиот помошник Атанасов на вчерашниот прес ги објавија 11 репрезентативци кои се сигурни во составот, додека за едното останато место на примачката позиција се во дилема. Селекторот вели дека за него подеднакво конкурираат Трајчевски, Карановиќ и Владо Милев, но дека конечната одлука ќе биде донесена на последниот тренинг пред поаѓањето.
КОНЕЧЕН СПИСОК: 1. Александар Митев техничар 2. Филип Деспотовски техничар 3. Јовица Симовски коректор 4. Никола Ѓоргиев коректор 5. Александар Милков примач 6. Хари Наковски примач 7. Атанас Милев примач 8. Ѓоко Јосифов среден блокер 9. Виктор Зафиров среден блокер 10. Зоран Ѓорѓевски среден блокер 11. Благој Гинов либеро 12. Трајчевски/ Карановиќ/ В. Милев примач
Наковски нов капитен
Искусниот интернационалец Хари Наковски ќе биде новиот капитен на сениорите, по самоиницијативното повлекување на досега актуелниот предводник Виктор Зафиров. По откажувањето на Зафиров од капитенската лента, селекторот Пеица реши таа улога да му ја додели на одбојкарот кој има најмногу репрезентативни настапи и најголемо искуство.
ХАРИ НАКОВСКИ (КАПИТЕН НА СЕНИОРИТЕ)
Борбено на чешката самоувереност “Македонија покажа една голема карактеристика во текот на овие квалификации, тоа е борбеноста. Се надевам дека со неа ќе успееме да ја разбиеме самоувереноста која ја имаат Чесите и од ова гостување да се вратиме со позитивен резултат. Чешка е квалитетна селекција, но не би и дал преголемо значење бидејќи и ние имаме многу да покажеме. Претставуваме еден спој на младост и искуство, и имаме шанса на овој бараж да ги отвориме вратите на Европа за младата квалитетна генерација која треба да не претставува во иднина”, изјави новиот капитен на машката сениорска репрезентација, Хари Наковски.
Пренос на МТВ
Двата натпревари од бараж двомечот со Чешка ќе имаат директен пренос на Македонската телевизија. Претседателот на ОФМ, Марјан Јованов, успеа по пат на евровизиска размена да се договори со чешката федерација и со националната телевизија дуелите да имаат пренос во живо, што е од заеднички интерес и за двете репрезентации.
Бараж фазата стартува викендов
Освен Македонија и Чешка, во бараж фазата за квалификации на ЕП 2009, играат и репрезентациите на Словенија и Португалија, односно Белгија и Полска. Другите двојки првиот натпревар ќе го одиграат утре, а реваншите се следниот викенд. Во нашиот дуел со Чешка терминот беше поместен поради Европското првенство за младинци кои оваа недела се одржува во Брно.
БАРАЖ ЗА ЕП - 1. МЕЧ: НЕДЕЛА: 15:00ч. Белгија - Полска 17:00ч. Словенија - Португалија
МАРЈАН ЈОВАНОВ (ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ОФМ): “Заслужуваме да не види Европа”
“Не само репрезентативците, туку и целата Федерација сериозно ја сфати задачата која ни ја наметнаа овие квалификации. Заслужуваме да не види Европа и да бидеме дел од шампионатот во Турција, само ќе мора да бидеме истрајни во оваа последна битка. Дека тоа е возможно зборува и фактот дека Чесите и покрај тоа што се фаворити имаат многу арогантен однос кон нас и постојано прават опструкции со кои би сакале да наметнат негативна енергија во нашите редови. Но, тоа нема никакво влијание, само дополнително ја мотивира селекцијата”, изјави претседателот на Федерацијата, Марјан Јованов.
|