
|
 |
Спорт / Останати спортови
|
|
Јанковиќ и Давиденко во добра форма
Најдобрата серија на Јелена Јанковиќ оваа сезона продолжи и во четвртокот. Првата носителка од Србија влезе во 1/4 финалето на Кремљ Купот со 6:7(6:8)/6:3/6:2 победа над руската тенисерка Вера Душевина. Јанковиќ, која во понеделникот ја помина Серена Вилијамс на првото место на ВТА листата ја брка својата трета титула во исто толку турнири и сега има 9 победи по ред.
Србинката исто така е прва на ВТА турнејата која стигна до 60 победи оваа сезона и има пласман барем во четвртфиналето на 19 од 20 турнири во 2008. Но, како и секогаш работите беа интересни за 23-годишната Јанковиќ. Поддржувана од гласната публика, Душевина го освои првиот сет во тај-брејк и водеше со 2:1, 40:15 во вториот сет, по што Јанковиќ почна да игра подобро за да го освои мечот по 2 часа и 30 минути.
Финалистката од УС Опен е огромна фаворитка во четвртфиналето против Италијанката Флавија Пенета, која со 3:6/6:4/6:4 ја совлада Русинката Екатерина Макарова. Пенета ја совлада Венус Вилијамс во првото коло на овој турнир и има две титули во 2008, но има 0-4 скор против Јанковиќ.
На турнирот во Москва во последните пет години четири шампионки се од Русија и оваа година пет од осумте четвртфиналисти се од земјата домаќин. Вера Звонарева и финалистката од 2006 Надја Петрова стигнаа до победи во четвртокот да се придружат на Елена Дементиева, Динара Сафина и Светлана Кузнецова.
Звонарева ќе игра со Доминика Цибулкова, откако со 6:1/6:0 ја совлада Даниела Хантухова, додека Петрова, која игра со Дементиева водеше со 6:4/3:2 кога Данката Каролине Возниацки се повлече поради повреда.
ДАВИДЕНКО СИГУРЕН, СЛЕДЕН Е САФИН
Николај Давиденко не покажува знаци дека е подготвен да ја предаде титулата од Кремљ Купот. На првиот носител му требаа само 55 минути со 6:1/6:1 да го збрише Шпанецот Гијермо Гарсија-Лопез во второто коло на турнирот на хардкорт подлога.
27-годишниот Давиденко има 12 победи по ред на турнирот откако победи последните две години, а сега ќе има вистински предизвик против својот сонародник Марат Сафин во четвртфиналето. Поранешниот светски број 1 и двократен гренд слем шампион Сафин со 6:4/0:6/6:2 го совлада Французинот Жулиен Бенето. Светскиот рекет број 40 Сафин победи во своите први два дуели со Давиденко, но оттогаш има четири порази по ред, вклучувајќи го поразот во финалето во 2006.
НИШИКОРИ ИЗНЕНАДИ ВО СТОКХОЛМ
Јапонскиот тинејџер Кеи Нишикори го совлада Словакот Доминик Хрбати со 6:1/1:6/7:5 за пласман во 1/4 финалето на Стокхолм Опен. 18-годишниот Нишикори направи брејк за 6:5 водство во одлучувачкиот сет и сега ќе игра со вториот носител, Марио Анчиќ од Хрватска, кој со 7:6/6:4 го совлада Белгиецот Стив Дарсис.
"Се концентрирав на мојот сервис во третиот сет. Среќен сум што избегнав пораз откако имав 40:0 на негов сервис при 4:4. Ова е првпат да играм така постојано и навистина сум изненаден", вели Нишикори, кој од 288. место на АТП листата на почетокот на годината се искачи на 77. место.
РЕЗУЛТАТИ (2.КОЛО)
КРЕМЉ КУП - МОСКВА
ЖЕНИ
(1) Јанковиќ - Душевина 6:7(6:8)/6:3/6:2
(7) Звонарева - Хантухова 6:1/6:0
Петрова - Возниацки 6:4/3:2 пред.
Пенета - Макарова 3:6/6:4/6:4
МАЖИ, 1.049.000$
(1) Давиденко - Гарсија-Лопез 6:1/6:1
(4) Матју - Села 6:7(3:7)/7:5/7:6(7:0)
(7) Сафин - Бенето 6:4/0:6/6:2
Троицки - (8) Типсаревиќ 6:3/6:4
Зверев - Габашвили 6:2/2:6/6:1
Куницин - Џинепри 6:4/6:3
ИФ СТОКХОЛМ ОПЕН, 713.000Е
(2) Анчиќ - Дарсис 7:6(7:4)/6:4
(3) Ниеминен - Клемен 6:4/6:7/6:2
(7) Монтањес - Бастл 1:6/6:3/6:2
Нишикори - Хрбати 6:1/1:6/7:5
БЕНК АВСТРИЈА ТЕНИС ТРОФЕЈ - ВИЕНА, 674.000Е
Колшрајбер - (3) Дел Потро пред.
(8) Монфис - Штепанек 6:4/6:3
Ф.Лопез - Жиралдо 7:6(7:5)/6:3
Мелцер - Фереро 7:6/6:3
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|