Во неделата што полека изминува Македонската јавност со радост и гордост ја пречека машката ракометна репрезентација по враќањето од Европското првенство во Србија.

Македонија на првенството го освои петтото место а Кире Лазаров со 61 гол беше прогласен за најефикасен ракометар на европските првенства. Нов европски шампион е репрезентацијата на Данска откако во финалето го порази домаќинот Србија.

Машката кошаркарска репрезентација на ждрепката во Каракас за квалификациониот турнир за пласман на ЛОИ во Лондон беше избрана во групата Д заедно со Нов Зеланд и Ангола.

Новак Ѓоковиќ во финалето на Австралија Опен по маратонски меч од речиси 6 часа, по пет сета игра го порази Рафаел Надал и го освои вториот последователен трофеј во Мелбурн. Кај дамите Викторија Азаренка ја шокираше фаворитката Марија Шарапова и по два сета го освои трофејот во женска конкуренција.

Низ европските фудбалски лиги бевме сведоци на повеќе изненадувања. Манчестер Јунајтед се израмни во бодовите со градскиот ривал, откако Манчестер Сити загуби минимално со 0-1 на гостувањето во Ливерпул против Евертон. Во Италија дури 4 натпревари беа одложени поради силните врнежи од снег, но од тие што се одиграа, Лацио со 2-0 беше подобар од Милан а Интер не успеа да освои 3 бода и покрај 4-те гола од Диего Милито.