Младата ракометарка на репрезентацијата на Македонија до 18-години Сара Ристовска ќе биде подготвена за денешниот натпревар против Аргентина.
Женската кадетска репрезентација на Македонија го загуби првиот дуел на СП за ракометарки до 18-години кое се одржува во нашата земја, а Ристовска на средбата со Германија ја обнови старата повреда на десниот лакт.
Сепак нема простор за загриженост, смирува селекторот Аце Станковски.
- Ристовска се здоби со удар во лакотот. Тоа е нејзина стара повреда што беше обновена, но за среќа не станува збор за ништо посериозно. Сара сигурно ќе настапи против Аргентина и ќе ни помогне во обидите да стигнеме до првата победа на шампионатот, изјави македонскиот селектор.
Вчера на Мундијалот е слободен ден за селекциите кои настапуваат во групата „Ц“ во која се и нашите ракометарки, а веќе утре од 19 часот и 30 минути во салата „Парк“ во Струмица, репрезентацијата на Македонија ќе го одигра вториот натпревар на Мундијалот. Противник е селекцијата на Аргентина.