Данскиот тим Есбјерг, спаринг партнерот на македонскиот првак Вардар во подготвителниот период во пресрет на четвртфиналените натпревари против Ѓер во Лигата на шампионите од вчера претпладне е во Скопје.
Есбјерг пет дена, до недела, ќе ги здружи силите со вардарки за што подобро темпирање на формата, во пресрет на завршните обврски од сезоната.
По вчерашната аклиматизација на средината, денеска екипите ќе го одиграат првиот контролен натпревар, кој ќе биде од затворен тип.
Заедничките тренинзи, како и втората контрола, в сабота (18 часот), која ќе биде отворена за јавноста се и тоа како добредојдени за „црвено-црните“ дами.
Ако нешто создаваше проблеми сезонава за вардарки тоа беше отсуството на пријателски натпревари, што стручниот штаб на тимот, не дозволи да се повтори во пресрет на најважната задача, која води на финалниот турнир од најсилното европско клупско натпреварување во Будимпешта.
По една седмица пауза од клупските обврски поради неделата на ЕХФ, Вардаровите ракометарки повторно се собраа во СЦ „Јане Сандански“ и се насочуваат кон пречката која стои меѓу нив и Будимпешта.
РЕВАНШОТ СО ЃЕР НА 11 АПРИЛ
Реванш натпреварот од четвртфиналето во Лигата на шампионите, кој ЖРК Вардар го игра на гостински терен против Ѓер, е закажан за 11 април (сабота) во 16.30 часот. Терминот вчера доби и официјална потврда од ЕХФ, откако претходно беше поставен само на клупскиот сајт на унгарскиот првак.
Првиот натпревар од двомечот ќе се игра во Скопје, на 4 април (сабота), кој од 19 часот ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“.
Ѓер исто така ги информираше фановите дека во продажба се и билетите за натпреварот, кои чинат 17, 20 и 23 евра.