Стил / (Wo) man
Страв од емотивно врзување

Денеска не ретко може да се чуе и да се видат луѓе кои имаат страв од емотивно врзување. Која е причината за тоа? Дали одговорот на ова прашање треба да се бара во фактот што повеќето млади доцна се одвојуваат од семејството, а со тоа се блокира можноста за осамостојување? Широк е спектарот на проблеми со кои треба да се соочите, од потполно губење на компасот за реалност, преку песимизмот до преголемата вкоренетост во реалноста која не изгледа светло. Проблемите во општеството секогаш влијаеле на нашата психичка состојба. Тоа е невозможно да се избегне. Семејни конфликти, контакти со други лица, сексуалните проблеми... Како во тоа море од проблеми да се согледате себе си, да ја преиспитате вашата улога и да одговорите на прашањето: „Кој сум јас? А некогаш товарот на Аморовата стрела и скршеното срце беа најголемите проблеми со кои сме се сретнувале... За жал, денеска нема илузија за љубовта, се почесто се влегува во практични искуства. Претставата за љубовта постепено се губи во современото општество. Светот околу нас е суров и хаотичен. Товарот е преголем за да не се рефлектира на нашиот емотивен живот. За да можеме да ја најдеме љубовта, треба да се препознаеме себе си, а за тоа е потребно многу трпение, волја, континуирани обиди за пронаоѓање на љубовта, за да се одгледа и одржи. Затоа љубовта бара адаптација на себе си и на лицето кон кое имаме емоции. Иако е тешко да се навикнеш на љубовни порази, невозможно е да се избегнат. Љубовта е место каде може да паднеме, да се сопнеме, а никој и да не е забележи. Сепак, тоа не значи дека треба да изгубиме верба во убавите работи кои доаѓаат со љубовта. Најпогрешно е да се дистанцирате од љубовните обиди, само затоа што некои од нив би можеле да завршат неславно. Едноставно, потребно е да имаме малку повеќе храброст за да имаме малку повеќе љубов. (Д.Т)
|