Стил / (Wo) man
Бизнисот и верата во вид на сала за вежбање само за муслиманките Сала за вежбање само за муслиманки
Салата за вежбање „Хајат“ во Келн ги нуди своите услуги само за муслиманките, бележејќи успех во работењето, во комбинација со почитување на исламската вера и обичаи, пристојно женско облекување и напорни вежби.
Емина и Јасмина во април 2007 година дошле на идеа да отворат „специјализирана“ сала за вежбање во општината Еренфелд во Келн, која за свои клиенти ќе има само муслиманки кои сакаат да се занимаваат со спорт, а при тоа да не се одречат од правилата на однесување кои им ги наложува верата.

Во нивната сала „Хајат“ кое на турски значи - живот, работат само женски инструкторки, а на муслиманките покрај можноста да ја остварат желбата за убав изглед, им е овозможено да вежбаат и со традиционалната шамија на главата.
Во „Хајат“ не може да се види девојка облечена во хеланки, за разлика од вообичаената глетка во теретаните каде може да се види тенот на жените кој зрачи низ вежбалните.
„Муслиманките не завидуваат кога е во прашање женското тело. Ние не ѕвериме една во друга и не ги споредуваме нашите фигури. Жените се прифаќаат себе си такви какви што се“, објаснува сопственичката Емина (39), која во април ја прослави првата годишница од успешната работа.
Освен турска поп-музика која можат да ја слушаат во текот на вежбањето, на муслиманките им е на располагање и соба во која можат да се молат, која е уште една карактеристика на салата за вежбање во Келн.
Сопственичката на салата е задоволна од бројот на муштериите (350 жени) кои моментално доаѓаат да вежбаат, од кои 90 отсто се од турско потекло. Останатите жени, со просек на возраст од 30 години, се од Тунис, Мароко, Египет, Романија, а има и неколку Германки.
Здружението на германските работодавачи во фитнес и спа индустријата, смета дека примерот на Емина и Јасмин, треба да послужи како добар начин за вложување пари имајќи го предвид фактот дека во Германија, во која живеат 83 милиони жители, постои само една специјализирана сала за вежбање за муслимани (во Хамбург).
Емина потврдува дека интересот кај луѓето е голем и дека секојдневно добива повици од заинтересирани луѓе за добивање на информации, на кој начин можат и тие да отворат сала како нејзината.
„Јас им велам дека рецептот за успех е во забраната на култот за убавото тело, а дека акцент треба да се стави на здравјето, уживањето и делењето со другите“, вели Емина.
Жените кои доаѓаат во нејзината сала за вежбање, се сеќаваат на времињата кога вежбале или поточно се обидувале да вежбаат во „нормални“ сали.
Христијанските жени, Германките, им се потсмевале поради шамиите кои ги носат секаде. Не можеле да се сокријат од љубопитните погледи. Проблемот за муслиманките е тоа што верата им забранува да го изложуваат телото во делот од градите до колената, дури и пред други жени.
Поради оваа причина за муслиманките е речиси невозможно да се пресоблекуваат или тушираат во заеднички простории со други жени.
Во „Хајат“ и овој проблем е решен, со посебни кабини за туширање и преслекување.
Сопственичките на фитнес салата потенцираат дека нивната врата е отворена и за жените и девојките кои не се муслиманки од проста причина дека во нивниот град живеат луѓе од различни култури.
Мајките своите мали деца можат да ги остават во просторија за играње која е составен дел од „Хајат“.
Без сомнеж „Хајат“ секогаш ќе биде забранета зона за мажи. Тоа се гледа на влезот на кој пишува „Забранет пристап за мажи“.
Мажите на оние жени кои вежбаат во салата не можат да влезат внатре а не се добредојдени ни поштарите ни мајсторите.
Младите муслиманки ги поздравуваат правилата според кои функционира фитнес салата и велат дека никогаш не би вежбале во некоја друга сала затоа што добро знаат дека таму би биле вознемирувани од блиското присуство на мажи.
(Танјуг)
|