Заштитете се од сонцето - и во сенка се гори

И покрај тоа што новите модни трендови диктираат светол тен, зачуван од сонцето, поцрнетиот тен никако да се истисне од праксата.
Кога поголемиот дел не ги прифаќаат новите трендови, тогаш еве неколку совети како да се подготви кожата за сончевите зраци, како да се изберат соодветните препарати, и на крај секако да не претеруваат со изложувањето на сонце.
Негативните промени на кожата, алергијата, забрзаното стареење и во краен случај ракот се последица на трите типа на ултравиолетови сончеви зраци: УВА, УВБ и УВЦ. Јачината на УВБ зраците зависи од годишното време и од периодот во денот, додека, додека УВА зраците не го менуваат својот интензитет, но се подеднакво опасни во секој период од денот или годината.

Дури и да ги применувате најдобрите заштитни креми, експертите препорачуваат да го избегнувате сонцето во периодот од 10 до 16 часот. Доколку мора да излезете на сонце, облечете полесна облека и задолжително ставите капа. Ни сенката не ви гарантира потполна заштита, а можете да изгорите и на облачно време, бидејќи УВ зраците, кои минуваат низ облаците, се одбиваат од рефлектирачките површини, односно водата и песокот.
Особено е важно да го изберете вистинскиот заштитен фактор кој ја носи ознаката SPF ( на англиски sun protection factor). Заштитниот фактор кој се пресметува со споредба на должината на времето кое е потребно за создавање на изгореници од сонце на заштитената кожа со должината на времето кое е потребно за создавање на изгорениците на незаштитена кожа.
Кремата со заштитен фактор треба да се нанесува повеќе пати на ден и тоа во подебели слоеви. Постојат четири типа на фактори.
Тип 1; светла кожа, црвена коса и пеги. Луѓето кои спаѓаат во оваа група имаат недостаток на пигменти и се особено подложни на изгореници кои се развиваат после 10 минути доколку се нема соодветна заштита. Се препорачува заштитен фактор од 20 до 30.
Тип 2; светла кожа и коса. Слаба пигментација поради која изгорениците се формираат после 20 минути на сонце. Се препорачува заштитен фактор 12-15.

Тип 3; средно светла кожа, темна коса. Станува збор за лица со добра пигментација, кои ќе поцрвенат по 30 минути на сонце без заштита. Им се препорачува заштитен фактор од 8 до 10.
Тип 4; темна кожа и коса. Поради изразито длабоката пигментација, овој тип на кожа поцрвенува дури по 45 минути изложување на сонце. Се препорачуваат заштитните фактори 4 -6.
Соодветно на типот на кожа треба да се избира и заштитната крема. Лицата, чија кожа поцрвенува по 10 минути на сонце, со нанесување на препарат со заштитен фактор 3 ќе поцрвенат после 20 минути. Доколку употребат заштитен фактор 20, ќе поцрвенат после 200 минути, што е повеќе од тричасовна изложеност на сонце.
Постојат предрасуди дека високиот заштитен фактор не дозволува кожата да потемни. Високите заштитни фактори даваат подобра заштита, но не го спречуваат потемнувањето. Дури и со фактор 50 ќе поцрните, се разбира пополека, што всушност е и многу поздраво.
За да се постигне соодветна заштита, по два милиграма од кремата треба да ставите на секој четврти сантиметар од кожата. Што значи дека слојот кој го нанесувате мора да биде видлив.
И покрај напредните козметички достигнувања и квалитетните средства со заштитен фактор, сепак не треба да претерувате со сонцето. За потсетување, дури 80 отсто од туморите се поврзани со претерана изложеност на сонце во младоста. Кожата ги памети сите оштетувања кои и се нанесени со текот на годините, а последиците почнува да ги наплаќа дури после 30 или 40 години.
(Д.Т)
|