Не ја планирајте иднината
Законот на научникот Даглас Хофстадтер, гласи: Што и да планираш да завршиш за одредено време, секогаш ќе ти треба повеќе време отколку што си предвидел. "Иако сте свесни дека некој проект ќе го пречекори рокот, и го вметнете тоа во планирањето, едноставно го поминува и тој временски рок," вели Хофстадтер.
Затоа многу често се случува кога секој ден ја правите листата на нешта што треба да ги завршите, да се насмеете бидејќи сте си задале премногу задачи за многу кратко време.

Ова се нарекува грешка во планирањето и е добро познато за психолозите. Сите сме свесни дека за сè треба подолго време отколку што се очекува, но сепак изгледа дека постојано забораваме.
Во една истражување, студентите биле прашани кога очекуваат да го завршат есејот, просечниот одговор бил 10 дена пред крајниот рок. Сепак кога студентите биле запрашани кога нормално ги завршуваат таквите задачи, тие кажале дека тоа е последниот ден пред крајниот рок.

Добро би било да се увидат грешките во планирањето, бидејќи на крај се што имате е чувство на незадоволство поради незавршените работи. Тоа се случува поради тоа што постојано се брза и погрешно се проценуваат времето и можностите.
Без разлика колку разумно и детално ги правите проектите, па дури и да ги раздвоите на етапи и да процените колку време ќе ви одземе секој дел, нема да излезе се според планот. Проблемот со непредвидливите одложувања, е тоа што не можете однапред да ги знаете, без разлика колку детално ви е разработен планот. Затоа планирајте ги само оние работи со кои претходно сте имале искуство и можете да процените колку време би ви било потребно, без да навлегувате во детали.

Како и да е, не планирајте сè во целост. Бидете спремни да реагирате во моментот доколку се појави нешто непредвидено, и подобро е така да го решавате проблемот отколку претходно да размислувате. Често пати кога сте загрижени со недели за тоа како ќе излезе некоја работа и колку време ќе ви е потребно, сфаќате дека ќе се заврши за многу брзо и дека без потреба сте се грижеле. Понекогаш тајната на добро завршена работа е едноставно да се направи без никаква претходна подготовка и да се остави работите да течат спонтано.
(Т.Ј)
|