Знаењето е највредна роба. Комуницирањето е исто така знаење кое треба да се надградува. Да се биде успешен комуникатор е најзначајната способност за да може човекот да опстане во ова време. Нивото од кое некој комуницира е клучно за успешна комуникација и посебно важно во остварувањето на личните и професионални цели. Ова го потврдува и Марина Анчевска, прва македонска дама во светот на коучингот и инспиративен тренер за личен и професионален развој-денешен гостин во рубриката LoveMK.

Зошто се вративте во Македонија?
После долгогодишниот престој во Холандија ја почувствував потребата за фамилијарните вредности и едноставниот живот во кој материјалното не е на прво место. Силно почувствував дека мојата лична надградба до одредено ниво беше постигната и дојде време за нов предизвик. Храбро го прифатив и до сега ниту еден момент не почувствував дека сум направила погрешен избор.
Осознав дека каде и да одам себеси се носам. Богатството кое што го барам ево мене. Сето тоа што го креирам во мојата околина е за да ме потсетува и враќа назад кон изворот, т.е. кон самата себе. Независно од тоа каде се наоѓам и со кого сум, јас секогаш се справувам со самата себе. Мојата свесност е мојот учител, водич и креатор на мојот живот. Многу луѓе, за јавноста можеби непознати, но за мене многу значајни, свесно или несвесно дале голем придонес во мојот живот и јас сум им благодарна.

Дали ова значи дека сте горда Македонка?
Да. Горда сум што сум родена овде, бидејќи оваа средина сеуште поседува фамилијарни вредности и ги има зачувано убавините на едноставноста. Во срцата на Македонците се чувствува природната едноставност и смиреност. Тука сум своја и се препознавам во македонските традиции и верувања. Македонската жена е посебна. Таа е моќна и способна да води семејство, да гради кариера и да се грижи за својот изглед. Македонската жена е интуитивна и чувствителна, силна и спремна да учи, да се надградува и да оди напред.
Во кое годишно време Ви е најубава Македонија?
Во секое годишно време има свои убавини. Ја сакам дивата природа која сама по себе се отвора и ни ги покажува сите убавини. Мое омилено место каде што во секое време од годината уживам со полно срце е околината на Марков манастир и секако самиот манастир кој што зрачи смиреност. Во хармонија со природата се чувствувам во манастирот Јоаким Осоговски.

Есента е прекрасна за прошетки во природа. Уживам во сите нејзини златесто-жолтеникави бои. Во есента ја чувствувам смиреноста на природата и полека почнувам да се подготвувам за зимата. Зимата ја чувствувам медитативна и како подготовка за нови идеи кои што се реализираат со пролетта. Прекрасни се деновите кога паѓа снег. Тогаш природата ја покажува нејзината светлина и смиреност. Појавувањето на првите кокичиња и качунки ме исполнува со надеж и доверба. Во пролет се отворам и насекаде го чувствувам раѓањето на сите природни креации и лесно се поврзувам со таа животна енергија. Креирам, исполнета сум и имам голема желба и енергија да ги остварам моите цели. Во лето сум слободна како птица и интензивно уживам во секој момент од денот. Природата е енергична, полна со живот и отворена со целосна доверба.
Која Ви е омилена личност од македонската историја?
Чувствувам голема почит кон сите оние луѓе, познати или непознати, кои што дале придонес во постигнување на колективни цели. За оние кои што се бореле и го жртвувале целиот свој живот за остварување на безусловни цели кои биле наменети за доброто на сите. Сите тие луѓе на свој уникатен начин го дале својот придонес и најважно од се е нивната безусловна пожртвуваност во остварувањето на нивната мисија.
Кој е предизвикот и целта да имате агенција за комуникација?
Предизвикот е многу голем, а одговорноста е уште поголема. Во мојата работа јас луѓето ги соочувам со нивните вредности и верувања, со нивните цели т.е. со нивниот живот. Најважно од се е да се соочиме со фактот дека ние самите ја креираме нашата сегашност и иднина, и дека секогаш постои избор.

Правењето на било кој избор и преземањето на било која акција е наша одговорност. Во секоја ситуација постои момент на одлука, а таа одлука ја донесуваме сами. Ниту еден човек на оваа планета не постои сам за себе. Сите ние сме поврзани и зависиме еден од друг, директно или индиректно. Секој направен избор има влијание врз околината во која живееме. Секој оној кој што овој факт ќе го освести и разбере како природен закон на дејствување ќе ја разбере суштината на ефикасна комуникација и ќе почне свесно и одговорно да живее. Најуспешен е оној кој што безусловно и позитивно влијае врз другите и кај секого знае да го освести личниот потенцијал. Оној кој што верува во луѓето и знае со почит да им се приближи за да ги мотивира, а не да ги манипулира за остварување на лични цели. Мојата работа е многу одговорна, бидејќи преку тренинзите секој поединец станува свесен за моќта на своите најинтимни делови од психата, тоа се мислите. Всушност човекот цел живот учи како да размислува правилно! Секој поединец ја освестува одговорноста за планирање на својот живот. Со преземањето на одговорноста во свои раце тој станува свесен и за успешно негово однесување спрема колегите, семејството и целата околина.
(И.Николовски)