Nissan Titan e „помал брат„ на моделот Titan XD кој тежи над 3 тони, наменет за оние на кои им е потребен помал, т.е „обичен“ камионет.
Визуелно, овие два модели се скоро идентични, но разликата во големината веднаш се забележува – растојанието помеѓу тркалата кај Titan е нешто повеќе од 3.5 метри, во споредба со моделот XD кај кого тоа е скоро 3.85 метри. XD е долг над 6 метри и широк над 2 метри, додека Тitan, иако е пократок и понизок, ја има задржано истата ширина, со таа разлика што товарниот простор е за 40cm пократок отколку оној на XD.
Најголемата разлика помеѓу Titan и Titan XD е под хаубата. Кај помалиот модел, Nissan ќе го нуди само 5.6 литарскиот , V8 бензиски „Endurance“ мотор, а не и Cummins дизел верзијата. Овој мотор ќе има 390 коњски сили и 544 Nm вртежен момент, што го става во категоријата на мотори вградени во камионети кои тежат по половина тон (како Ford-овиот 5-литарски од 385 коњски сили и 525 Nm вртежен момент или Chevrolet-овиот 5.3 литарски V8 од 355 коњски сили и 520 Nm вртежен момент). Моторот на Titan би можел да се мери со оној на Ram (5.7 литарски Hemi V8 од 395 кс/555 Nm вм), додека единствен појак од оваа категорија е оној на General Motors ( 6.2 литарски Ecotec V8 од 420кс/623 Nm вм). Titan ќе има седумбрзински автоматски менувач.
Во однос на дизајнот, за разлика од Titan XD кој е лимитиран на само една варијанта на должина на товарниот простор и на кабината, Titan ќе има опција за Single или King Cab кабина и товарен простор со должина од 1.6, 1.8 или 2.4 метри. На располагање ќе бидат 4 модели со различни спецификации – S, SV, Pro-4X и Platinum.