DeLorean автомобилите станаа исклучително препознатливи во поп културата во 80-тите благодарејќи на нивната „главна улога“ во трилогијата „Враќање во иднината“. Сега, новата генерација на DeLorean фамилијата бара начин како да го врати брендот повторно во центарот на вниманието, со тоа што ќе се направи обид за правење на летечки автомобил.
Пол ДеЛореан, внукот на оригиналниот креатор на брендот и сегашен извршен директор и главен дизајнер на DeLorean Aerospace, вели дека компанијата работи на возило со две седишта кое ќе биде способно за вертикално полетување и слетување (VTOL), наменето за персонален транспорт, а подоцна и за автономни летови.
Моментално се работи на прототип во природна големина кој ќе биде пилотиран и во кој ќе може да се сместат 2 патници. Ќе биде на електричен погон, со домет од 193 km – во споредба со него, останатите летечки автомобили кои се развиваат од други компании се очекува да имаат домет од околу 40 до 80 km.
Во поглед на дизајнот, DeLorean DR-7 леталото ќе има два пара крилја – еден напред и еден на задниот дел, со уште еден пар помали под задните. Полетувањето и движењето нанапред ќе се изведува со помош на пропелери напојувани со електрицитет, и поставени по средината на леталото кое ќе биде долго 6 метри, со распон на крилјата од околу 5.6 метри.
За да ваквиот тип на летала станат реалност, без разлика дали ќе бидат пилотирани од луѓе или ќе се автономни, ќе биде потребно носење на многу закони кои ќе ја регулираат нивната употреба, како и унапредување на инфраструктурата со цел да се овозможи полнење на сите видови електрични возила/летала.
Првите продукциски модели не се очекува да бидат спремни уште најмалку 5 до 15 години.