Дождот и студеното време не ги спречија најупорните љубители на модата да присуствуваат на последната вечер од Fashion Weekend-от што вчеравечер се одржа во катната гаража „Солунски конгрес“. На програмата беа неколку ревии, изложби и модни перформанси.
Идивиди присуствуваше на ревиите на Linea Collection и Дејан Тодоровиќ, кои презентираа два сосема поинакви стила.
Linea си поигра со животинските принтови и формите создавајќи креациите кои ја нагласуваат женственоста, а во исто време флертуваат со класичната линија. Во колекцијата доминираа фустани кои лесно може да станат дел од секојдневната облека на една дама.
Во „Happy“ колекцијата на Дејан Тодоровиќ, дамата се трансформира во самоуверена заводничка која го ослободува сексапилот и храбро го покажува своето тело. Креациите се припиени, најчесто изработени од светкави материјали, кои даваат доза на гламур, а воедно ја будат вродената еротичност.
Во текот на вечерта беа презентирани и колекциите на модните куќи „Менакон“ и ,„Hera Couture“,како и на дизајнерите Олгица Ѓоргиева и Јагода Пачемска од арт- студиото за цвеќе „ФА-БУ.
Посетителите на модниот викенд имаа можност да ги видат маичките од мини колекцијата „Џинсоманија“ на „Фешн Груп Македонија“ дизајнирани во соработка со блогерката Јована Зука како и меѓународната фото изложба „Модата и културното наследство.