Сузи Клик

Еклектичен меѓукултурен стил

Малкумина можат да го погледнат светот со широко отворени очи, да ги препознаат убавините и безгрижно да ја прегрнат неговата разноликост. Еден таков космополитски дух е дизајнерката Сузи Клик, чиишто креации ги слават уникатноста и единственоста на различните традиции и култури во светот, притоа обединувајќи ги за да блеснат со сета своја убавина.



Како дете, Сузи Клик со воодушевување ја гледала својата баба како со умешност создава фустани од навидум грдите вреќи за брашно. Тоа ќе ја разбуди нејзината креативност и ќе ја натера првин во свои креации да ги облече малите куклички, подоцна, кога ќе ја добие својата прва Сингер машина, за да ја сошие и првата облека за себе.Тоа ќе го означи почетокот на нејзиното лично патување во светот на дизајнот. Ќе продолжи да пишува текстови за мода во средношколскиот весник, а подоцна ќе ги заврши и мастер студиите за облека и текстил на техничкиот факултет во Тексас. Ќе следат триесетина години работа како дизајнер за имиња како Вранглер Џинс и Леви Штраус, конечно, во 2001 год., за да го послуша својот порив и да ја основа компанијата за облека која гласно ќе говори за Сузи Клик и она што значи нејзина естетика, љубов кон уметноста и патувањата, како и потребата за уникатност, единственост.


Подарок за повеќе животи

Рачно везеното палестинско традиционално (тексиру) палто, кое мајка ѝ го добива како подарок од нејзиниот сопруг по враќањето од воена должност од Египет, ќе остави силен впечаток на Сузи, а воедно ќе го означи она што подоцна ќе стане и нејзин дизајнерски потпис. Палтото изработено од сјајно црно кадифе прекриено со везови во металик боја, ќе го поттикне нејзиниот интерес за различните племиња и нивните култури, ткаенините и орнаментите кои народите ги користат за украсување на традиционалните носии, како и восхитот за нивната умешност да создадат таков неверојатно уникатен спој во секоја од нив.

Шареноликоста на светот како инспирација

Внатрешната потреба да трага и да ги осознава дури и најдалечните катчиња на Земјината топка, ќе го збогатат нејзиниот дизајнерски поглед, изострувајќи ѝ го чувството за набљудување, дури и на најситниот детаљ. Освојувајќи еден нов свет на бои и форми, Сузи ќе создаде својата дизанерска филозофија, којашто самата ја насловува „еклектичен меѓукултурен стил“. Со филозофијата и со стилот ги чествува потеклото и минатото, истовремено спојувајќи ги со сегашноста во еден современ, уметнички, мултиетнички дизајн. Од многуте патувања во Египет, Тајланд, Гватемала , Мексико, Мароко , Шкотска, Узбекистан, Бали, Перу,... Клик се враќа со мноштво рачно изработени ткаенини, оригинални декорации, како и недобројни идеи, кои подоцна мајсторски ги спротивставува меѓу себе, создавајќи нешто сосема ново и модерно.

Во дизајнерското ателје на Сузи Клик има фустани, марами, кошули, јакни, капи и торбички,.. кои претставуваат хармонична мешавина на најубавото од многуте земји и традиции. Поглед кон само едно парче, нѐ носи на сосема различни страни од светот. Така, нејзиниот „бахмал-џакет“ е изработен од кадифе од Узбекистан, свилена постава и декорации од јагнешка кожа од Монголија. „Нага-туниката“, пак, е составена од ткаен материјал од племето Нага во Бурма и Индија, рачно изработен вез од Перу и рачно боени индиго ракави од Мали. Тука се и „мароканската марама-таписерија“ која Клик ја украсува со декоративни фрагменти во вид на огледалца од Гујарат,а и „ча-ча Мали-кошулата“ која е составена од индиго материјал од Мали, украсна свила од Индија и декоративен вез од Авганистан. Навидум спонтаните миксови на бои, шари, форми,.. всушност се мајсторски избрани делчиња на колажот каде што сѐ си има свое совршено место и значење. Сузи Клик на овие интернационални парчиња им дава еден нов, современ крој, кој не само естетски, ами и функционално, се вклопува во животот на денешниот човек. Разнобојните уметнички парчиња на Клик го наоѓаат патот до гардероберот на оние за кои самата вели дека „сакаат да бидат забележани по нивниот стил, да се издвојат од толпата, да се искажат себеси и отворено го прифаќаат она што го носат длабоко во себе“.

„Моќта на украсувањето“



„ Облечете се секој ден како да е празник!“, велела уметничката легенда Фрида Кало, а овие зборови ќе станат мото и на Клик, но и она што значи нејзин личен стил и дизајнерска естетика. Клик е импресионирана од Фрида и моќта на уметничката, која преку својот оригинален стил на облекување на извонреден начин го слави своето родно Мексико. Таа зрачи со самоувереност и е синоним на токму онаа „женска моќ“ во којашто Сузи Клик силно верува. Тука е и симболот на Девицата од Гвадалупе, која е исто така постојана инспирација на Клик и која ја персонифицира нејзината љубов кон бојата, текстурата и моќта на жените. Во релација со дизајнот и жената како негова вечна муза, Сузи е импресионирана и од делата на Пол Поаре, кој во 20-тите години, во Арт-деко ерата, го ослободува женското тело од тесните и неудобни корсети, создавајќи ја за тоа време несвојствената силуета на лелеави кимоно дизајни на фустаните. Неговите креации се ишарани со ориентални мотиви, што исто така се поклопува со дизајнерската естетика на Клик.

Дизајнерската порака, како и пораката дека преку облеката жената може да блесне со сета своја самоувереност и моќ, Клик ја пренесува преку својот блој, кој соодветно е насловен како „Моќта на украсувањето “ - www.powerofadornment.com , заедничко дело со нејзината долгогодишна пријателка и истомисленичка Грешен Шилдс, која работи како дизајнер на оној интересен и оригинален накит кој најчесто се јавува како декорација на дизајните на Клик. „Моќта на украсувањето“ говори за интересните патувања на двете дизајнерки, нивните заеднички доживувања, но истовремено е и модна хроника на нивниот личен стил и креативна експресија.

Сузи Клик, стилска икона



Водена од максималисктичката филозофија дека „повеќе е подобро“, Сузи Клик создава извонредно креативни, стилски секојдневни комбинации. Смелите мешавини на бои, принтови со сета нивна театралност наликуваат на оние на нејзината модна муза, познатата Ајрис Апфел, препознатлива по веселиот колоритен стил и големите очила во силни бои и тие сѐ повеќе стануваат предмет на интерес на модните блогери насекаде низ светот. Покрај за нејзините претпазливо избрани уметнички, креативни парчиња облека, она за што со воодушевување пишуваат светските блогови, е и начинот на кој таа го уредува својот дом и љубовта со кое е создадено секое негово катче. Пространиот дом во шпански стил од 20-тите години, во Лос Анџелес, кој Клик го дели со својот сопруг, уметникот Дејвид Б. Луис, е парче уметност сам за себе. Исто како и во своите дизајни, Клик и „дома“ создава магична комбинација на бои, текстури и принтови, инспирирани од нејзините егзотични патувања. Ѕидови украсени со уметнички слики на Дејвид , со фолк уметност, декоративен мебел и кутии, килими и простирки кои Клик ги носи од нејзините патувања, индијански грнчиња , а тука се и двете простории посветени на нејзините музи, Фрида Кало и Девицата од Гвадалупе...



Домот на Клик, како и нејзината облека, се видлив резултат на сите оние нешта однатре што ја движат и поттикнуваат да твори и да создава.



Ц. Беличанска



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Двајца излегле со своите жени низ чаршија да се прошетат но и двајцата ги изгубиле своите жени.
И почнале да ги барат.Барајки ги жените и двајцата се судриле.Првиот рекол:Извини...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
570.- Во Мека е роден Мухамед, основач на...
1653.- Водачот на Англиската револуција Оливер...
1657.- Англиската флота, под команда на адмирал...
1768.- Умре италијанскиот сликар Каналето, еден...
Хороскоп

Овен Бик Близнаци Рак Лав Девица Вага Скорпија Стрелец Јарец Водолија Риби