|
|
 |
Искапен во светата река
Едно од последните патувања на трагично починатата мегаsвезда Тоше Проески беше во Израел. Како искрен верник Тоше се искапел во светата река Јордан и се помолил на Sидот на плачот во Ерусалим.
"Вест" ексклузивно ги објавува досега необјавените фотографии од аџилакот на Тоше. Неговите блиски велат дека ова патување толку го воодушевило, што рекол дека ќе го памети цел живот и дека таму доживеал случки и емоции кои нема да може да ги опише со зборови, тоа му било духовно прочистување.
Тоше во Израел престојуваше од први до седми јули годинава, со неговата девојка Андријана Будимир и со уште четворица пријатели. Биле во Ерусалим, се капеле во реката Јордан каде што се крстел Исус, биле и во Назарет, местото каде што се родил синот Божји. Го посетиле Sидот на плачот, Витлеем и сите цркви што постојат и се поврзани со животот и делото на Исус.
Раскажувајќи за тоа искуство пријателите велат дека по враќањето од посетата на Исусовиот гроб од возбуда дури и не можеле да зборуваат и дека "со оваа посета ги добиле темелите на верата".
Црковните лица објаснуваат дека верниците одат во Израел и се капат во реката Јордан, бидејќи тоа е местото каде што Јован Крстител го крстил Исус. Кога поклоници одат организирано да бидат крстени има молитва и свештеници и тие се облекуваат во бело како симбол на чистотата. Тие што сакаат можат да си понесат вода за спомен , бидејќи таа е крстена.
"Јас сум бил таму, има некоја чудна енергија и околината е мистична. Таму има многу библиски места каде што се движел Исус. Бидејќи реката Јордан е граница меѓу Израел и Јордан, додека поклониците се крштаваат во реката од двете страни на границата има израелски и јордански војници, што е интересно доживување", вели отец Ивица Тодоров.
Sидот на плачот во Ерусалим е свето место, бидејќи таму проповедал Исус.
"Тој се наоѓа на западната страна од некогашниот храм на царот Соломон, кој бил срушен во времето на владеењето на Римјаните. Таму Исус проповедал и прорекнал дека храмот ќе биде срушен", објаснува отец Тодоров.
Според црковните обичаи крштавањето во Јордан не е класично крштавање и не значи повторно крштавање, туку верниците "во сеќавање на Господ Исус Христос сакале да го следат и да го проткаат во својот живот".
Инаку, и други наши јавни личности имаат одено на аџилак во Ерусалим, меѓу нив се и актуелниот министер Антонио Милошоски, пратеничката Валентина Божиновска и експремиерот Љубчо Георгиевски.
Македонската православна црква го посочува Тоше како вистински пример и образ на побожност.
"Тој не само што јавно го проповедаше Бог во своите песни, туку искрено и автентично го следеше. Тој на луѓето им ја промовираше верата во љубовта, добрината и хуманоста, вредности кои сите ние ги заборавивме", велат во МПЦ.
Владиката Климент вели дека Тоше вербата во Господ Бог ја добил од татка си и мајка си.
"Нашиот народ вели: 'Здрав корен, добар плод'. Од семејството Проески навистина изникна личност којашто не случајно на крштавањето го добила името Тодор, што на наш јазик значи 'дар од Бога'. Целокупната јавност неговиот дар го виде преку песната, но црковната јавност неговиот дар го забележа во скромноста, смерноста, исповеданието на христијанските верници, богољубието и човекољубието во неговиот живот", вели владиката Климент.
Во МПЦ велат дека родителите на Тоше ја покажаа својата вистинска верба кога во најголемото искушение, кога го загубија своето дете, не покажаа никаков гнев.
|
|
Отпечати
|
Испрати по
e-mail
|
Коментари (13)
|
|
|
 |
|
![]() |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
МТнет WEBmail |
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|