Во четири кампови во Турција се обучуваат околу 15.000 терористи

Анкара, 26 јуни 2016 (МИА) - На територијата на Турција во близина на границата со Сирија има четири кампови на терористички организации, јавија дел од турските медиуми повикувајќи се на извештај на полицијата од округот Дијарбекир.



- Терористичките групи Исламска држава и Џебхат ал Нусра во Турција формирале четири кампови за обука, во кои се наоѓаат околу 14.700 луѓе од Блиски Исток, Северна Африка, Централна Азија и Кавказ, се посочува во полицискиот извештај.

Инфраструктурата за камповите е воспоставена уште на почетокот на 21 век од Ал Каеда, а од 2011 година, кога почнаа судирите во Сирија членови на терористичките органзиации повторно се вратија во регионот.

- За снабдување на борците со експлозиви и оружје се користат легалните и илегалните гранични премини. За жал, фактот дека територијата на Турција се користи од терористите за влез во Сирија и штети на меѓународниот имиџ на Турција, бидејќи земјата се претставува како помагач на терористичките групи, се посочува во извештајот.  

Полицијата предупредува од евентуални терористички напади во Турција.

- ИД планира напади во Турција, за да ја принуди земјата да се инволвира во војната во Сирија, Цели на терористите можат да бидат армијата и полицијата во округот Шанлурфа. Има разузнавачки информации дека меѓу целите се Анкара и Истанбул, каде има голем број амбасади, се истакнува во извештајот.

Во документот се посочува и дека во последно време е зголемен бројот на турски граѓани кои се борат во странство и организираат самоубиствени напади во Турција. Додека повредените турски и странски борци се сместуваат во болници во граничните окрузи на Турција.

Во извештајот се наведува и дека различни организации и имами во Турција водат пропаганда во корист на ИД, а некои сириски бегалци исто така им помагаат на терористите. ми/14:33

###



Голем шумски пожар во Анталија

Анкара, 26 јуни 2016 (МИА) - Десет хеликоптери и канадери се обидуваат да го изгаснат шумскиот пожар што избувна во турскиот округ Анталија, јави Анадолија.

Бидејќи огнот што изби во близина на одморалиштето Адрасан се шири кон населбата Олимпос евакуирани се туристите од хотелите и бунгаловите.

Се уште не е позната причината за пожарот. ми/17:57

###



Израел и Турција постигнаа договор за нормализирање на односите

Анкара, 27 јуни 2016 (МИА) - Израел и Турција потпишаа вчера договор за нормализирање на односите по шестгодишниот прекин. Се очекува израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска да соопшти детали од договорот.

Односите меѓу некогашните блиски сојузници Турција и Израел драстично се влошија во 2010 година, откако израелски специјалци убија 10 турски активисти од бродот „Мави Мармара“, кој се обиде да пробие израелска блокада во Појасот Газа и да достави хуманитарна помош за Палестинците.

Турција настојуваше Израел да се извини, да плати отштета и да ја повлече блокадата од Газа. Израел, пак, побара ограничување на дејноста на Хамас во Турција.

Според претставник на израелската делегација, конкретно двете страни се договориле да им бидат исплатени 20 милиони долари на повредените и роднините на загинатите од бродот. Во однос на олеснување на ембаргото на Газа, во план е Турција да изгради електроцентрала и водопречистителна станица, со цел да се обезбеди чиста вода за пиење за луѓето од Газа. Додека третиот услов на Анкара, а тоа е официјално извинување од страна на Израел, претходно веќе бил исполнет од премиерот Нетанјаху.

Во преговорите во Рим учествуваа турскиот заменик министер за надворешни работи Феридун Синирлиоглу и специјалниот пратеник на израелскиот премиер Јозеф Цихановер. гт/сп/07:48

###



Музалас: Брегзит ќе го отежне преместувањето бегалци од Грција во ЕУ

Атина, 27 јуни 2016 (МИА) - Излезот на Велика Британија од Европската унија ќе го влоши и онака минималнотo расположение меѓу земјите-членки да продолжат со преместувањето на бегалци од Грција во другите држави, изјави грчкиот заменик министер за миграциска политика, Јанис Музалас.

- Пред Брегзит, би рекол дека волјата на ЕУ, особено на некои земји како Германија, Франција и Холандија, беше барем на билатерално ниво, да се преселат најмалку 15.000 до 20.000 бегалци. Но, по Брегзит, не можам да кажам како ќе се одвиваат работите, изјави Музалас во интервју за весникот „Авги“.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, тој, исто така, информира дека Министерството иницирало краткорочен план за затворање на значителен број импровизирани кампови до септември.

- Планот на Владата е овие кампови да се затворат и бегалците и мигрантите рамномерно да бидат распределени низ Грција, во близина на големите градови, во кампови и апартмани со помалку од 1.000 луѓе по регион, со цел да се избегне создавање гета и да започне процес за постепена интеграција, за онолку долго колку што тие ќе останат во земјата, додаде Музалас. јт/сп/07:10

###



Голем шумски пожар северно до Атина

Атина, 27 јуни 2016 (МИА) - Големиот пожар што избувна во саботата вечер во борова шума во Дервенохорија, северно од Атина, се подели на два фронта, што во голема мера им ја отежнува работата на пожарникарите, соопштија синоќа грчките власти.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, подрачјето кое гори е многу недостапно, со длабоки долови и карпести терени, што предизвика пожарот да се прошири и да се подели на два фронта, од кои еден на југозапад кон градот Магула во Атика, е недостапен по копно и може да му се пријде само од воздух. Од другата страна огнот се шири на исток кон планината Парнита.

Еден од канадерите што го гаснат пожарот, поради технички причини вчера морал и принудно да слета, но ниту еден од двајцата пилоти не се повредени, соопшти противпожарната служба.

Властите изразија загриженост дека во текот на ноќта југозападниот фронт на огнот може да се прошири и да биде вон контрола, со оглед на тоа што канадерите не летаат навечер поради ограничена видливост.

Пожарот веќе уништи големи површини шуми. Оваа област беше уништена од голем пожар и на 28 јуни 2007 година. јт/сп/07:29

###



Геровасили: Брегзит е досега најсилен аларм за ЕУ

Атина, 27 јуни 2016 (МИА) - Гласањето во Велика Британија за излез од Европската унија е резултат на арогантното однесување на бирократскиот центар за донесување одлуки, како и на демократскиот дефицит во Унијата и лошото справување со економската и бегалската криза, изјави портпаролката на грчката Влада, Олга Геровасили.

- Одлуката на Британците да ја напуштат Европската унија не може да биде пријатна, но целосно се почитува. Јас тоа го сметам за најсилен аларм за ЕУ, што досега сме го имале, изјави таа во интервју за солунскиот весник „Тес Њуз“.

- Ова се резултати на демократски дефицит, лошо справување со економската и бегалската криза, но главно на арогантното однесување на бирократските центри за одлучување, нагласи Геровасили. јт/сп/07:31

###



Цакалотос: Не постои опција за излез на Грција од ЕУ

Атина, 27 јуни 2016 (МИА) - Влијанието на гласањето за излез на Велика Британија од Европската унија врз грчката економија ќе мора внимателно да се испита, но не постои прашање за излез на Грција од Унијата, изјави грчкиот министер за финансии Еуклид Цакалотос.

Како што јави дописникот на МИА од Атина во говор на седница на Централниот комитет на Сириза, коментирајќи ги резултатите од гласањето во Велика Британија, Цакалотос рече дека „ќе се создадат двосмислености и несигурност за европската економија“, но оти исто така може да се отвори дебата за центрифугалните сили.

Тој нагласи дека се согласува со премиерот Алексис Ципрас, кој на прашањето за „повеќе или помалку Европа“, рече дека е потребна „подобра и подемократска Европа“. јт/сп/07:45

###



За две години од Грција во ЕУ ќе бидат преместени 35.000 бегалци

Атина, 27 јуни 2016 (МИА) - Од 49.000 мигранти и бегалци кои во моментов се наоѓаат во кампови во континенталниот дел на Грција, 35.000 би требало да бидат разместени во други европски држави во следните две години, дознава „Катимерини“.

Според весникот, како што јави дописникот на МИА од Атина, до крајот на јули треба да заврши т.н. процес за претходна регистрација, кој го спроведуваат Службата за азил во соработка со УНХЦР и Европската канцеларија за поддршка на азил (ЕКПА).

Со програмата се опфтени лица кои влегле во земјата од 1 јануари 2015 до 19 март годинава, кои ќе почнат процес за добивање на азил во Грција и ќе добијат пристап до шемата на ЕУ за преместување. Поединците кои ќе ја заобиколат постапката, ќе се сметаат за илегалци и ќе бидат депортирани.

Ситуацијата е поинаква за околу 8.556 мигранти и бегалци заглавени на островите, најмногу на Лезбос, Самос, Хиос, Лерос и Кос. Тие пристигнале по 19 март, откако беше потпишан договорот за миграција меѓу ЕУ и Анкара, а властите во моментов ги испитуваат нивните барања за азил.

Кандидатите кои успешно ќе ја завршат постапката ќе бидат префрлени на грчкото копно, но нема да имаат пристап до програмата за релокација. Остатанатите ќе бидат вратени во Турција. јт/сп/07:52

###



Загреб: Навивачите ја загрозуваат безбедноста на Хрватска

Загреб, 27 јуни 2016 (МИА) - Хрватската Безбедносно-разузнавачка агенција (СОА) објави денеска јавен документ со податоци за своите активности, во кој како еден од проблемите е наведен и екстремизмот, посебно навивачкиот.

Агенцијата укажува на добро организираните екстремистички ограноци внатре во главните навивачки групи, а посебно внимание предизвикува нивното се почесто делување надвор од спортските случувања.

- Насилството, екстремистичката реторика симболите на некои навивачки групи се присутни долги години, а ја нарушуваат безбедносната состојба во Хрватска и нејзиниот меѓународен углед, пишува во документот.

Според СОА, „плодно тло за јакнење на екстремизмот можат да бидат последиците од воените трауми и нерешените меѓунационални односи. Искажувањето на големосрпскиот и четничкиот екстремизам на подрачјето на Хрватска е забележано меѓу младата популација, што е посебно загрижувачко“.

Ова е трета година по ред СОА да објавува извештај за својата работа, а од годинешниот е видливо дека тајната служба се занимавала и со политички екстремизам. гт/сп/10:17

###



Околу 100 мигранти и бегалци пристигнале во Грција во последните 24 часа

Атина, 27 јуни 2016 (МИА) - Вкупно 97 мигранти и бегалци пристигнале на грчките острови во последните 24 часа, соопштија денеска властите.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, повеќето од нив, 43 лица, пристигнале на островот Самос.

На островите во северниот дел на Егејското Море во моментов има 6.641 бегалци и мигранти, соопшти Координативното тело за справување со бегалската криза. јт/сп/11:07

###



Тачи: Шпанија наскоро ќе го признае Косово

Приштина, 27 јуни 2016 (МИА) - Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека „е сигурен оти Шпанија наскоро ќе ја признае независноста на Косово“.

Тој одбил да направи споредба меѓу отцепувањето на Косово и сепаратистичките движења во Шпанија.

- Шпанија не е Србија, а Каталонија не е Косово, истакна Тачи.

На прашањето за тероризмот, Тачи одговори дека на Косово има „нулта толерантност кон терористички и криминални групи“.

- Ние ги презедовме сите законски мерки за спречување на радикализмот, нагласи косовскиот претседател. гт/зш/11:42

###



Пожарот во централна Грција се уште гори

Атина, 27 јуни 2016 (МИА) - Шумскиот пожар кој избувна во саботата во Дервенохорија, централна Грција, денеска се уште гори.

Во гаснењето на огнената стихија учествуваат 65 противпожарни возила, околу 300 пожарникари, 30 војници, пет канадери и четири хеликоптери.

Противпожарната служба соопшти дека иако теренот е тешко достапен, условите за гаснење денеска се подобири затоа што во областа не дува ветар.

Пожарот засега не претставува опасност за населени места. јт/сп/11:32

###



За две години Бугарија ќе ги затвори сите домови за деца нез родители

Софија, 27 јуни 2016 (МИА) - За две години ќе бидат затворени сите домови за деца без родители во Бугарија, во кои во моментов има околу 650 штитеници, соопшти денеска бугарската министерка за труд и социјална политика Зорица Русинова.

Како што јави БТА, Русинова потсети дека до крајот на 2015 година беа затворени сите институции специјализирани за згрижување на деца со пречки во развојот, а мината недела беше затворен и последниот дом за деца без родители во Софија. 

Сите штитеници од домовите ќе бидат префрлени во заштитени живеалишта, во кои ќе бидат сместувани по најмногу 12 деца.

- Овие живеалишта обезбедуваат амбиент поблизок до семејниот и за децата секојдневно ќе се грижат тимови од социјални работници, психолози и лекари, потенцира Русинова.

Таа додаде дека заштитените живеалишта ќе се наоѓаат во градовите и децата ќе бидат вклучени во секојдневни активности, со што ќе стекнуваат социјални навики.

- Институциите по моделот на касарни нудеа многу лоши животни услови и се наоѓаа надвор од населените места, што пречеше за интеграцијата на децата, истакна Русинова при денешната посета на едно од заштитените живеалишта.

Процесот на затворање на домовите за деца без родители во Бугарија започна во 2009 година. За затворање на домовите во периодот  2014-2020 година, се предвидени 650 милиони евра обезбедени од Европскиот социјален фонд и уште 100 милиони евра од бугарската оперативна програма „Региони во развој“. сп/13:12

###



Јилдирим: Израел ќе и исплати отштета на Турција од 20 милиони долари

Тел Авив, 27 јуни 2016 (МИА) - Израел ќе им исплати отштета од 20 милиони долари на семејствата на жртвите, кои беа убиени од израелски специјалци на бродот „Мави Мармара“, кој се обиде да достави хуманитарна помош за Палестинците во Појасот Газа во 2010 година, изјави турскиот премиер Бинали Јилдирим.

Тој додаде дека Турција и Израел наскоро ќе разменат и амбасадори. гт/зш/13:04

###



Нетанјаху: Договорот со Турција предвидува задржување на поморската блокада врз Појасот Газа

Рим, 27 јуни 2016 (МИА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави денеска дека договорот за нормализација на односите со Турција предвидува задржување на поморската блокада на Појасот Газа. 

- Што се однесува до поморската блокада на Појасот Газа, јас не бев подготвен за компромис. Нема да дозволиме бродови да се доближуваат до Појасот, изјави Нетанјаху на прес конференција во Рим.

Премиерот додаде дека договорот со Анкара предвидува „паралелно со блокадата, зголемен број хуманитарни товари во Појасот Газа“.

Во договорот е предвидена и заштита на израелски војници од судски процеси и истрага „сега и во иднина“.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Наставникот по географија го завртел глобусот и го прашува ученикот кој треба да одговори:
- Што е ова?
- Почнуваат вести - одговорил ученикот.
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
1191.- Почна зографирањето на црквата "Свети...
1284.- Роден е англискиот крал Едвард II....
1595.- Во Рим умре Торквато Тасо, италијански...
1599.- Роден е водачот на Англиската револуција...