Анкара: Бесмислено е да се осуди пучот, а да не се преземат мерки против „главниот пучист“

Анкара, 25 јули 2016 (МИА) - САД не треба да му дозволуваат на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кого турските власти го обвинуваат дека стои зад обидот за пуч на 15 јули, да ги користи нивните закони за да спречат тој да биде изведен пред суд во Турција, наведува Ибрахим Калин, портпарол на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во статија за весникот „Њујорк тајмс“.

Калин тврди дека има се поголеми докази кои ја покажуваат улогата на Ѓулен, како лидер на превратот, додавајќи дека обидот за пуч бил „планиран и спроведен од неговите следбеници во редовите на армијата“. 

Неколкумина од генералите и офицерите вмешани во пучот, признаа дека се поврзани со Ѓулен, наведува Калеи, додавајќи дека меѓу нив е и Левент Туркан, аѓутант на началникот на Генералштабот на турската армија. 

- САД треба да го екстрадираат турскиот државјанин Фетулах Ѓулен во Турција. Турција веќе достави одреден број правни документи до американските власти и ќе испрати уште со добивањето нови докази, додаде портпаролот. 

Според Калин, осудите на обидот за пуч во Турција ќе имаат значење, само доколку против извршителите бидат преземени сериозни мерки.

- Бесмислено е една земја да го осудува превратот без да презема соодветми мерки против главниот пучист, додаде тој. 

САД и предложи на Анкара да формираат работна група, составена од претставници на Стејт департментот и Министерството за правда, која ќе и помогне на Турција да го подготви официјалното барање за екстрадиција на Ѓулен. ац/сп/13:59

###



На Хиос прогласена вонредна состојба поради пожарот

Атина, 25 јули 2016 (МИА) - Грчките власти прогласија вонредна состојба на островот Хиос, каде од доцна синоќа беснее голем пожар, кој според последните информации, гори на два фронта, јави дописникот на МИА од Атина.

Во моментов пожарот го гаснат четири авиони и четири хеликоптери, 16 противпожарни возила со 38 пожарникари, 33 доброволци и 21 камиони.

Од Атина, Тесалија и северна Грција кон островот се упатиле 21 протипожарно возило со 50 пожарникари.

Градоначалникот на островот Манолис Вурнус изјави дека огнот стигнал до близина на едно од селата и веќе се запалиле неколку дворови. Некои луѓе ги напуштиле селата поради густиот чад, но засега нема наредба за евакуација на населението. јт/сп/14:16

###



Најмалку тројца полицајци загинаа во експлозија на бомба во југоисточна Турција

Анкара, 25 јули 2016 (МИА)  - Најмалку тројца полицајци загинаа денеска при експлозија на бомба во југоисточна Турција, информира турската телевизија Хабертурк.

Според информации на телевизијата, рачно изработената бомба била детонирана при минување на оклопно полициско возило крај неа на пат во округот Мардин.

Ккао што јави ТАСС, според властите, експлозивната направа била подметната од бунтовниците од Курдската работничка партија (ПКК).

САД, ЕУ и Турција оваа курдска група ја сметаат за терористичка организација. Групата од 1984 година води вооружена борба против турската држава. Насилството драстично се засили откако во јули минатата година ПКК се откажа од прогласеното примирје. сд/сп/15:19

###



„Туркиш Ерлајнс“ отпушти над 200 вработени по обидот за пуч (ДПЛ)

Анкара, 25 јули 2016 (МИА) - Турската државна авиокомпанија „Туркиш Ерлајнс“ денеска објави дека отпушти 211 вработени, осомничени за поврзаност со проповедникот Фетулах Ѓулен.

Во соопштението од „Туркиш Ерлајнс“ се наведува дека отказите се доделени поради некомпетентност, лошо работење, како и поради поддршка на Ѓулен.

Претходно, турските медиуми објавија дека меѓу отпуштените работници има и членови на управата.

Смените во „Туркиш Ерлајнс“ биле извршени синоќа. ми/сп/15:27

###



Пучистите ќе бидат судени во нов суд во квартот Синџан во Анкара

Анкара, 25 јули 2016 (МИА) - Воените лица, обвинети за учество во неуспешниот обид за преврат во Турција, ќе бидат судени во новиот суд во анкарскиот кварт Синџан, што до 1997 година бил арена на моќта на турската војска, пред изведувањето на „постмодерниот преврат“, пренесоа британските медиуми. 

Турскиот министер за правда, Бекир Боздаг, изјави дека новиот суд ќе биде изграден во Синџан, местото каде на 4 февруари 1997 година турската армија извади десетици тенкови и оклопни возила за време на протестите на исламистите, на кои присуствувал и тогашниот ирански амбасадор во Анкара. 

Неколку месеци подоцна премиерот исламист Неџметин Ербакан беше отстранет од власта под притисок на војската. 

Претходно Боздак изјави дека во Турција во моментов нема доволно судови, во кои можат да бидат судени толку голем број осомничени лица. 

Новиот суд, што ќе биде најголем во Турција, ќе има капацитет за 900 лица, како и сопствен затвор. см/сд/17:57

###

 



Албанската полиција откри шверц со деветчлена група Сиријци

Тирана,25 јули 2016 (МИА) – Албанската полиција, на патниот правец Левен-Тепелена, во близина на селото Почем, во автомобил „БМВ X5“ откри девет сириски државјани, меѓу кои и две жени и две деца.

Уапсен е сопственикот на автомобилот, жител на Тирана, кој требало Сиријците да ги транспортира до албанско-црногорската граница, од каде илегално требало да влезат на територијата на Црна Гора, а од таму да продолжат за некоја од западноевропските земји.

Сиријците, кои на албанска територија влегле илегално од Грција, предадени и се на пограничната полиција во Валона.

Полицијата од северниот албански град Скадар вчера приведе група од 19 емигранти од Авганистан, чија цел била илегално да влезат на територијата на Црна Гора, а крајна дестинација им била Германија.

За „услугата“ да транзитираат низ Албанија, тие плаќале најмалку по илјада евра за човек. вт/сд/17:36

###



Тахири: Побаравме Србија да го исфрли Косово од својот Устав

Приштина, 25 јули 2016 (МИА) - Министерката за дијалог во косовската Влада, Едита Тахири, смета дека односите меѓу Приштина и Белград не можат да се нормализираат со постојниот Устав на Република Србија, според кој Косово е дел од нејзината територија.

-Освен условите за добрососедски односи, Србија, исто така, има и Поглавје 35 кое ја обврзува на такво нешто. Во таа смисла, важно е да се постигне една спогодба која ќе биде правно обврзувачка во претстојните фази, а за почеток, истакнавме дека е време Србија од својот Устав, значи од преамбулата, да го исфрли Косово, рече Тахири за Радио Слободна Европа.

На прашањето кога е можно тоа да се случи тахири кажа дека „што повеќе се приближуваме до ЕУ, до тоа и ќе дојде, но тоа што сега е сигурно е дека Србија не може да стане дел од ЕУ без признавање на Косово“, истакна таа. сд/18:39

###

 



„Јени Шафак“: Пензиониранот американски генерал Џон Кембел е организатор на пучот во Турција

Анкара, 25 јули 2016 (МИА) - Поранешниот командант на НАТО силите во Авганистан, пензионираниот генерал на американската војска Џон Кембел, е организатор на неуспешниот обид за пуч во Турција, објави денеска турскиот весник „Јени Шафак“. 

Генералот Кембел (59) е „една од клучните фигури кои ги организираа и контролираа војниците кои се обидоа да извршат преврат во Турција“, објави конзервативниот весник на англиски јазик. 

Весникот е познат како лојален поддржувач на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, кој беше цел на обидот за воен удар. 

Како што наведува „Јени Шафак“, Кембел исто така, управувал со трансакции во висина од над две милијарди долари преку нигериската „УБА“ банка, користејќи ги своите врски во ЦИА, а парите ги делел на пучистите во Турција. 

Пензионораниот американски генерал наводно два пати тајно ја посетил Турција во периодот меѓу мај и 15 јули, кога е избршен обидот за преврат, за кој турските власти ја обвинуваат „терористичка организација на Фетула Ѓулен“(ФЕТО). 

Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, денеска предупреди дека односите на Анкара и Вашингтон можат да се влошат доколку САД не го екстрадираат муслиманскиот проповедник Фетула Ѓулен, кој живее во Пенсилванија. 

Вкупно 13.165 лица се уапсени за наводни врски со неуспешниот обид за преврат, изјави вчера Ердоган, кој истакна дека бројот вклучува 8.838 војници, 2.101 судии и обвинители, 1.485 полицајци, 52 локални функционери и 689 цивили, објави турскиот весник „Хуриет“. см/сд/19:11

###



Јилдирим: Власта и опозицијата заедно ќе работат на новиот устав

Анкара, 26 јули 2016 (МИА) - Турската Влада е подготвена да соработува со повеќето опозициски партии во изработката на нацртот на новиот уставот, изјави вчера турскиот премиер Бинали Јилдирим.

- Сите главни партии се подготвени да ја почна работата на новиот устав, рече тој пред новинарите во Анкара.

Тој додаде дека тоа е заклучок од состанокот со претседателот Реџеп Таип Ердоган и двајцата опозициски лидери, одржан претходно вчера. 

- Целта на сите партии е да се состави нацрт на новиот устав по неуспешниот воен пуч на 15 јули, изјави Јилдирим на прес-конференција по состанокот на Владата, со која претседаваше Ердоган.

Според него ист став имаат Владата, опозициските партии, невладините организации и медиумите. ац/07:48

###



Ердоган: Морам да го слушам турскиот народ, а тој сака смртна казна

Анкара, 26 јули 2016 (МИА) - Турскиот народ сака повторно воведување на смртната казна и оној што ја предводи земјата мора да ги слуша граѓаните, изјави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, и покрај предупредувањата на европските лидери дека таквиот чекор на Анкара ќе ги прекине преговорите за членство во ЕУ.

- Што зборува денес турскиот народ? Тој сака повторно да се воведе смртната казна, а ние како Влада мора да го слушаме. Не смееме да кажеме „не“, тоа не не интересира, истакна Ердоган.

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер претходно нагласи дека Турција не е во позиција набргу да стане членка на ЕУ доколку земјата воведе смртна казна.

Освен тоа, Ердоган изјави дека Анкара ќе ги исполни ветувањата од договорот за мигрантите со ЕУ, но нагласи дека Унијата не го почитува договорот.

Тој тврди дека ЕУ не и помогнала доволно на Турција.

- За жал, Западот досега не беше искрен, заклучи турскиот претседател. 

Во меѓувреме, турскиот премиер Бинали Јилдирим истакна дека Босфорскиот мост во Истанбул во иднина ќе го носи името „Мост на мачениците од 15 јули“, во чест на цивилите кои загинаа спротивставувајќи се на обидот за воен удар.

Одлуката за преименување на мостот беше донесена вчера на владина седница.

Босфорскиот мост е еден од двата големи моста во Истанбул, кој ги спојува европскиот и азискиот дел на градот. гт/07:46

###



Ципрас: Потребна е измена на Уставот, а на народот да му се даде „директна демократија“

Атина, 26 јули 2016 (МИА) - Грчкиот премиер Алексис Ципрас изјави дека се потребни измени на Уставот со кои Грците ќе добијат „директна демократија“, што се однесува на изборот за претседател и одржување референдуми за законите.

- Време е да се остави настрана стравот од судот на народот, па дури и ако луѓето не се непогрешливи, истакна Ципрас во телевизиско обраќање до јавноста.

Според него, народот треба да го избере шефот на државата, кој моментно го избира Парламентот, доколку пратениците не успеат, како што беше случај минатата година, а освен тоа граѓаните треба да имаат можност на референдум да отфрлат закони, освен оние кои се однесуваат на фискалната политика, како и да предлагаат правни иницијативи.

Ципрас порача дека Грција треба да биде „верски неутрална“, иако земјата мнозински е православна.

Презентирајќи го владиниот предлог за ревизија на Уставот, Ципрас истакна дека тоа треба да се случи пред 2021 година, кога се одбележува 200-годишнината од основањето на модерната грчка држава.

Тој нагласи дека тоа треба да биде Устав „од народот и за народот“. гт/08:19

###



Хан: На есен ќе се одлучува за последиците во Турција

Виена, 26 јули 2016 (МИА) - Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан изјави денеска дека, и покрај актуелната тешка ситуација во Турција, не треба да се донесуваат избрзани решенија, додавајќи дека, по извештајот за напредок, на есен, треба да се донесат одлуки за последиците.

Тој во интервју за виенскиот весник „Стандард“ нагласи дека воведувањето на смртна казна ќе претставува „нокаут критериум“ за пристапните преговори со Турција.

Хан истакна дека не смее да се игнорира разградувањето на владеењето на правото, додавајќи дека моментно постојат повеќе најави.

- Мора да гледаме како ќе се материјализираат работите, порача еврокомесарот.

Според него е добро што ОБСЕ планира да го набљудува судењето против осомничените за обидот за воен преврат, истакнувајќи дека тоа би било добар сигнал доколку се согласи Турција.

Истовремено смета дека не е препорачливо да се прекине финансиската помош за договорот за мигрантите меѓу ЕУ и Турција.

Хан нагласи дека избрзаните европски одлуки против авторитарниот турски претседател Реџеп Тајип Ердоган би можеле лошо да влијаат на мигрантите и турските невладини организации.

Тој изјави дека Турција не е само Ердоган, туку неа ја сочинуваат 80 милиони луѓе, од кои многумина имаат надеж во ЕУ. гт/08:42

###



Двајца турски генерали се уапсени во Дубаи по обидот за пуч во Турција

Истанбул, 26 јули 2016 (МИА) - Двајца турски генерали, кои се на служба во Авганистан, биле уапсени во Дубаи по обидот за воен преврат во Турција, објави телевизијата Си Ен Ен-Турк, повикувајќи се на дипломатски извори.

Тие денеска изутрина биле префрлени во Турција.

Според телевизијата, уапсени се генерал-мајор Џахит Бакир, командант на турските сили во меѓународната мисија на НАТО во Авганистан, и бригадниот генерал Шенер Топуч.

Најмалку 246 лица загинаа ноќта на 15 јули, кога група војници употребија авиони-ловци, хеликоптери и тенкови со цел да ги преземат аеродромите и нападнаа згради, меѓу кои и турскиот Парламент, при обид да ја соборат Владата. гт/сп/10:05

###



Ердоган ќе го посети Санкт Петербург на 9 август

Москва, 26 јули 2016 (МИА) - Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на 9 август ќе го посети Санкт Петербург, соопшти денеска во Москва турскиот заменик-премиер Мехмет Шимшек.

- Нашиот претседател потврди дека ќе стигне во Санкт Петербург на 9 август. Ние сме денеска овде со цел што поскоро и забрзано да ги нормализираме состојбата и нашите односи, кои беа нарушени на 24 ноември 2015 година, изјави Шимшел, по средбата во Москва со рускиот вице-премиер Аркадиј Дворкович.

Како што јави ТАСС, Шимшек и се заблагодари на Русија за упатената поддршка на турската Влада за време на обидот за воен удар, кој според Анкара го организирал муслиманскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој се наоѓа во доброволен егзил во САД.

- Би сакал да ви се заблагодарам за поддршката за време на неодамнешните случувања во Турција и затоа што ја поддржувате демократијата и турската Влада, порача Шимшек.

Односите меѓу Турција и Русија драстилно се влошија откако турското Воено воздухопловство лани во ноември урна руски авион над територијата на турско-сириската граница. сп/10:52

###



Пожар во близина на Патра

Атина, 26 јули 2016 (МИА) - Шумски пожар утрово избувна во близина на планинското село Вунтени, во областа на пристаништето Патра.

Како што јави дописникот на МИА, голем број пожарникари и 15 противпожарни возила се обидуваат да го држат огнот под контрола и подалеку од населените области.

Силните ветрови што дуваат во областа го отежнуваат гаснењето на огнот.

Во меѓувреме, пожарот на Хиос е ставен под контрола, но предизвика огромни штети. јт/сп/10:25

###



Ѓулен ја обвинува Турција дека ги уценува САД за негова екстрадиција

Њујорк, 26 јули 2016 (МИА) - Исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен во статија во весникот „Њујорк тајмс“ ја обвини Турција дека ги уценува САД, заканувајќи се дека доколку Вашингтон не го екстрадира, тогаш Анкара ќе ја ограничи поддршката за коалицијата против групата Исламска држава. 

Според Ѓулен, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ги условува САД да ја гарантираат неговата екстрадиција, независно од недостигот на докази и било каква најава за праведен судски процес.

- Искушението да му се даде на Ердоган тоа што го бара е сосема јасно. Но, САД треба да се спротивстават на ваквото примамување, додаде Ѓулен, кого Анкара го смета за одговорен за неодамнешниот обид за преврат во Турција.

Тој потсети дека остро го осудил воениот удар, нагласувајќи дека власт се добива со слободни и фер избори, а не со сила.

Ѓулен од 1999 година живее во доброволен егзил во САД. Турските власти официјално побараа тој да им биде предаден и да му се суди заедно со над 70 главни учесници во превратот. Судскиот процес е закажан за крајот на ноември оваа година.

Се очекува кон крајот на неделава турските министри за внатрешни работи и за правда, Ефкан Ала и Бекир Боздаг, да ги посетат САД, каде ќе го разгледаат прашањето за екстрадицијата на исламскиот проповедник. гт/сп/12:01

###



Шеесетина мигранти спасени кај Кос

Атина, 26 јули 2016 (МИА) - Грчката крајбрежна стража денеска спаси 61 мигрант во близина на островот Кос и уапси двајца осомничени шверцери.

Брод на крајбрежната стража во раните утрински часови бил испратен во близина на Кос, откако било јавено дека е виден шверцерски чамец како тоне на мало растојание од брегот. Чемацот со мигранти претходно пукнал и во него почнало да влегува вода.

Според последните информации, како што јави дописникот на МИА, сите 61 мигрант се во добра здравствена состојба.

Во операцијата се уапсени двајца мажи, на возраст од 28 и 37 години, кои се осомничени за шверц со луѓе.

Во меѓувреме, на Лезбос пристигнал чамец со околу 40 мигранти. јт/сп/11:30

###



Над 1.110 вработени отпуштени од турската Дирекција за религиозни прашања

Анкара, 26 јули 2016 (МИА) - Дирекцијата за религиозни прашања во Турција досега има отпуштено 1.112 лица, вклучително и муфтии и наставници во исламските училишта, по неуспешниот обид за воен удар на 15 јули.

Турските власти за пучот го обвинуваат проповедникот Фетулах Ѓулен, кој живее во САД, а во Турција има мрежа од поддржувачи, училишта, фондации и фирми. ми/сп/12:27

###



Околу 120 мигранти штрајкуваат со глад на српско-унгарската граница

Белград, 26 јули 2016 (МИА) - Вкупно 124 мигранти штрајкуваат со глад на граничниот премин Хоргош, на границата меѓу Србија и Унгарија, соопшти денеска државниот секретар во српското Министерство за труд и социјална политика, Ненад Иванишевиќ.

Тој нагласи дека најверојатно вратите на ЕУ ќе останат затворени за овие мигранти, додавајќи дека „вратите на Србија не се затворени за никого“.

Иванишевиќ посочи дека на мигрантите веќе им е кажано дека немаат никаква шанса да добијат азил во Унгарија.

- Тие по одреден период ќе мора или да поднесат барање за азил во Србија или да се одлучат да се вратат од каде што дошле, посочи Иванишевиќ. 

Како што јави Танјуг, мигрантите, главно од Авганистан и Пакистан, но меѓу кои има и Ирачани и Иранци, од вчера се наоѓаат крај транзитната зона на унгарската граница. Тие седат на земја и најавија дека не сакаат да одат во импровизираниот камп. 

Мигрантите истакнаа дека ќе останат тука до следната одлука и ќе пијат само вода, со цел да прувлечат внимание на состојбата на бегалците ширум светот. Својот протест тие го нарекуваат „мирен марш“, нагласувајќи дека не се криминалци и очекуваат Унгарија да ги отвори границите за нив.

Во петокот околу 300 мигранти тргнаа пеш од Белград кон границата со Унгарија. Некои од нив се откажаа патем, а други поминаа дел од патот со воз или автобус.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Студенка по медицина полага
испит.
-Колешке,во тестисите на
мажите колкаво количество спер-
ма има?
По кратко размислување.
-Паа,голтка -голтка ипол!
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Времена измена на режим на сообраќај на регионален пат Р1101 делница Прилеп - Битола заради интезивирање на градежни активности во врска со проект "Санација на трупот на патот кај...
Верски календар
На денешен ден
- Денеска е Светски ден на бабите, празник...
1472.- Роден е италијанскиот сликар Бартоломео...
1483.- Во Урбино е роден Рафаело Санти,...
1749.- Во Бомон ан Ож е роден Пјер Симон Лаплас,...