Сириски Курди: Турската офанзива во Џараблус е „објавување на војна“Дамаск, 24 август 2016 (МИА) - Сириските Курди го осудија денешното навлегување на Турција во градот Џараблус, кој е под контрола на Исламска држава.
Сириските Курди тоа го оценија како „објавување на војна“.
- Турското вмешување во Џараблус е нарушување на суверенитетот на Сирија... и објавување на војна на (курдската) автономна администрација и федералниот систем, изјави Алдар Халил, член на сириската курдска Партија Демократски сојуз.
Во март Партија Демократски сојуз и неколку групи нивни сојузници прогласија федерален систем на администрацијата во северна Сирија.
Турски тенкови денеска ја преминаа границата и влегоа на сириска територија. Тенковите имаа поддршка од воздух од воените авиони на коалицијата предводена од САД против Исламска држава.
Турската телевизија НТВ јави дека 20 турски тенкови ја преминале сириската граници и оти има судири во пограничниот регион. Според дел од западните медиуми на сириска територија има шест турски тенкови.
Турската артилерија и авиони од утрово напаѓаат цели на ИД во северна Сирија. ми/14:04
###
Бајден изрази жалење за фактот дека Ѓулен е во САД, а не во друга земја
Анкара, 24 август 2016 (МИА) - Американскиот вицепретседател Џо Бајден денеска изрази жалење за фактот дека исламскиот проповедник Фетула Ѓулен се наоѓа во САД, а не во друга држава, пренесе ТАСС.
Бајден ова го кажа по средбата со претседателот на турскиот Парламент Исмаил Кахраман во Анкара.
Има придвижување во преговорите за екстрадицијата на Ѓулен, но одлуката за неговото предавање на Турција ќе ја донесе Федералниот суд на САД. Жалосно е што Ѓулен се наоѓа во САД, а не во некоја друга земја, рече Бајден, цитиран од турската телевизија НТВ.
Турските власти сметаат дека исламскиот проповедник, кој живее во САД, и негови следбеници стојат зад обидот за преврат во Турција, извршен на 15 јули.
Бајден денеска уште и кажа дека денот кога беше извршен обидот за преврат во Турција - „15 јули, е истото нешто што 11 септември е за САД“. сд/14:22
###
Најмалку 29 луѓе загинаа при нападот на турската армија врз сирискиот град Џараблус
Дамаск, 24 август 2016 (МИА) - Во турските воздушни и артилериски напади врз пограничниот сирискиот град Џараблус, кој е под контрола на Исламска држава, загинаа 29 луѓе, меѓу кои и едно четиричлено семејство, јави курдската новинска агенција Фарат.
Агенцијата наведува дека припадниците на ИД го напуштиле градот по нападот на турската армија.
Претходно, локални медиуми јавија дека турските специјални сили влегле во Џараблус од север и од запад и воспоставиле контрола над градот. Тие јавуваат и за загинати и повредени лица, нагласувајќи дека е итно е потребна медицинска помош.
Турски тенкови утрово ја преминаа сириската граница. Тенковите имаа поддршка од воздух од воените авиони на коалицијата предводена од САД против ИД.
Официјална Анкара соопшти дека воената операција е со цел ликвидирање на позициите на ИД во близина на границата со Турција. Турската армија ги поддржува вооружените формации на умерената опозиција, која се бори против ИД.
Претходно, сириските Курди го осудија денешното навлегување на Турција во градот Џараблус. Тие тоа го оценија како „објавување на војна“.
- Турското вмешување во Џараблус е нарушување на суверенитетот на Сирија... и објавување на војна на (курдската) автономна администрација и федералниот систем, изјави Алдар Халил, член на сириската курдска Партија Демократски сојуз.
Во март Партија Демократски сојуз и неколку групи нивни сојузници прогласија федерален систем на администрацијата во северна Сирија. ми/14:48
###
Петров: Тензиите меѓу Србија и Хрватска се исцениран циркус
Загреб, 24 август 2016 (МИА) - Потпретседателот на хрватската Влада, Божо Петров, денеска изјави дека затегнатите односи меѓу Србија и Хрватска всушност се само „инсцениран циркус“.
-Мене тоа навистина ми изгледа како циркус, затоа што испратија толку многу протестни ноти што кога ќе слушнам дека доаѓа уште една, тоа ми е буквално за канта за смет, вели Петров, а пренесе сајтот Н1.
Тој смета дека во моментов има намерно создавање на тензиите.
-Освен заради нашите избори, заради преговорите на Србија за влез во ЕУ, тие сакаат да постигнат подобри стартни позиции. Затоа ми е смешно на било каков начин ние да се согласуваме на таков вид комуникации, вели Петров. сд/15:16
###
Додик: Република Српска не се откажува од референдумот
Бања Лука, 24 август 2016 (МИА) - Република Српска нема да се откаже од референдумот за Денот на РС во Република Српска и тој ќе биде одржан на 25 септември, повтори денеска претседателот на РС, Милорад Додик, во разговорот со рускиот амбасадор во БиХ, Петар Иванцов.
Како што соопшти кабинетот на претседателот Додик, референдумот бил главна тема на разговорите со рускиот дипломат.
Амбасадорот Иванцов во разговорот со Додик кажал дека Руската федерација се согласува народот на Република Српска да има право преку референдум да го искаже својот став.
Претседателот на Република Српска и рускиот амбасадор размениле мислења и за уште неколку актуелни прашања во Република Српска и БиХ, се наведува во соопштението.сд/15:23
###
Турската полиција бара зголемување на безбедносните мерки на аеродромите
Анкара, 24 август 2016 (МИА) - Турската полиција денеска испрати предупредување за опасност од самоубиствени терористички напади до сите аеродроми во земјата.
Во предупредувањето се препорачува обезбедувањето на аеродромите да ги засили проверките на патниците, а посебно внимание да обрне на жените, децата, инвалидите и возрасните лица.
Во самоубиствен бомбашки напад на свадба во јужна Турција во саботата загинаа над 50 луѓе. ми/15:19
###
Во Турција денеска без работа останаа уште 2.800 судии и обвинители
Анкара, 24 август 2016 (МИА) - Турските власти денеска од работа отпуштија повеќе од 2.800 судии и обвинители, што е најнова епизода во чистките почнати по неуспешниот обид за преврат од 15 јули, објави телевизијата Си-Ен-Ен Турк.
Во Турција по обидот за државен удар, за кој официјална Анкара го обвини исламскиот верски лидер Фетула Ѓулен, од работа се отпуштени или суспендирани околу 80.000 лица од државната служба, судството и полицијата, пренесоа британските медиуми.
Турската Влада тврди дека следбениците на Ѓулен со години наназад работеле на тоа да се инфилтрираат во државните институции со цел да ја соборат власта.
Ѓулен, кој од 1999 година живее во доброволен прогон во американската сојузна држава Пенсилванија, ги негира обвинувањата на официјална Анкара и го осуди обидот за пуч. сд/ссм/16:27
###
Јилдирим: Турција нема да прифати создавање на курдска управа во Северна Сирија
Анкара, 24 август 2016 (МИА) - Турција нема да прифати ни можност за создавање на каква и да е курдска територијална единица во Северна Сирија, изјави денеска турскиот премиер Бинали Јилдирим на заедничката прес-конференција со американскиот потпретседател Џо Бајден во Анкара, јави ТАСС.
- Се договоривме со САД дека претставниците на Партија „Демократска унија" и Силите за заштита на народот (ПДС и СЗН) не треба да минуваат западно од реката Еуфрат и да дејствуваат таму. Нема да прифатиме никаква територијална единица на ПДС и СЗН во Северна Сирија, на запад од Еуфрат, бидејќи тоа го сметаме за закана по нашата национална безбедност, изјави Јилдирим.
Тој истакна дека Турција го оценува како исклучително важно зачувувањето на територијалниот интегритет на Сирија.
Јилдирим изјави дека САД треба да ја преиспитаат поддршката за сириските курдски сили.
Американскиот потпретседател Џо Бајден, пак, изјави дека сириските курдски сили ќе ја загубат поддршката на САД, ако не се повлечат источно од реката Еуфрат.
- Нема да правиме компромиси за прашањата поврзани со безбедноста на турската граница и единството на Сирија, рече Бајден.
Турските медиуми уште известуваат дека Бајден индиректно изразил поддршка за операцијата преземена од Турција во северниот сириски град Џараблус. ссм/17:37
###
Анкара ги информира ОН за успехот на воената операција против ИД во северна Сирија
Њујорк, 24 август 2016 (МИА) - Анкара ја информирала Светската организација за успешниот тек на денеска преземената воена операција против терористичката група Исламска држава (ИД) и курдски формации во реонот на сирискиот град Џараблус, пренесе ТАСС.
Во соопштението што беше лиферувано од постојаниот претставник на Турција во ОН, се наведува дека за време на операцијата биле уништени цели на ИД, што претходно биле означени. сд/ссм/19:29
###
Џамија во Приштина дувло на наркоманија и проституција
Приштина, 24 август 2016 (МИА) – Џамија во Приштина изградена пред 640 години претворена е во дувло на наркоманија и проституција.
Вознемиреноста што овој стар верски објект станал центар за наркоманија и протитуција пред министерот за внатрешни работи,Скендер Хисени ја пренесол претставникот на имамите во Приштина, Идриз Ѓигори.
- Верниците бараат одговор зошто се дозволува да се скврнави објектот додека е во фаза на реставрација, изјави Ѓигори.
На средбата на која се разговарало за безбедносната состојба во земјата,претставникот на министерството за внатрешни работи Реџеп Сијарини,потврдил дека полицијата има информации за оваа појава.
- Сме имале и телефонски дојави на граѓани,с ме интервенирале и на местото сме сретнале вакви лица, потврди Сијарини.
На средбата со претставниците на имамите од исламската верска заедница, косовскиот прв полицаец зборувал и околу превентивните мерки и активности на полицијата за спречување евенуални терористички акции. вт/ссм/21:24
###
Џо Бајден: Турција треба да ја контролира сопствената граница
Анкара, 24 август 2016 (МИА) - САД сметаат дека границата на Турција треба да се контролира од Турција и на неа не треба да се наоѓа никаква друга група, изјави потпретседателот на САД Џо Бајден.
На заедничката прес-конференција со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара, Бајден рече дека армијата на САД обезбедила воздушна поддршка на турската операција во Северна Сирија.
- Сирија треба да е цела и обединета, а не разделена на парчиња, рече Бајден.
- САД веќе некое време ги поттикнуваат Турците да преземат решителни дејствија за затворање на границата меѓу Турција и Сирија, изјави портпаролот на Белата куќа Џош Ернест. ссм/21:45
###
Турција сака нормализирање на односите со Египет
Анкара, 25 август 2016 (МИА) – Турскиот премиер Бинали Јилдирим нагласи дека е потребно нормализирање на односите со Египет кои се влошија откако армијата го собори од власт во 2013 година претседателот исламисти Мохамед Морси.
– Ние имаме заеднички вредности со египетскиот народ – вера, култура, заеднички регион. Неопходно е да ги нормализираме односите со Египет и за нас и за нив бидејќи не може да се продолжи вака, изјави синоќа турскиот премиер.
Тој додаде дека сега „сите ќе имаат корист од нормализирање на односите“.
Односите меѓу Турција и Египет се влошија по соборувањето на Морси од власт. Анкара го осуди обидот за преврат и насилствата за преземање на власта од страна на армијата во Каиро. Од своја страна, Египет го оквалификува тоа како неприфатливо мешање во внатрешните односи.
Во ноември 2013 година Египет го отповика својот амбасадор од Анкара и го прогласи турскиот колега во Каиро за персона-нон-грата. Оттогаш дипломатските односи им се на ниво на вршител на должност. зш/07:46
###
Турски тенкови преминале од граничниот град Каркамаш во Сирија
Анкара, 25 август 2016 (МИА) – Десет турски тенкови преминале денеска од турскиот граничен град Каркамаш во Сирија, јавија турски медиуми.
Тенковите и друга техника се упатиле кон градот Џараблус.
Според телевизијата Хебертурк, тие се движат во групи од по 2-3 тенкови.
Специјална техника испратена во Сирија се користи за деминирање. Медиумите во Турција јавуваат дека од сириска територија се регистрирани експлозии и рафални истрели. зш/09:35
###
Турција: Сириските Курди се повлекуваат источно од Еуфрат
Анкара, 25 август 2016 (МИА) - Силите на сириските Курди почна да се повлекуваат источно од Еуфрат, соопшти денеска турското Министерство за надворешни работи.
Тоа што е едно од клучните барања на официјална Анкара откако вчера испрати војска во источниот дел на Сирија, со цел да го освои упориштето на Исламска држава во близина на границата.
Во соопштението се истакнува дека шефот на турската диоломатија Мевлут Чавашоглу за повлекувањето на силите на сириските Курди го известил американскиот државен секретар Џон Кери.
|