Турската Влада ќе преразгледа некои прогнози за економскиот развој

Анкара, 27 септември 2016 (МИА) - Турскиот вицепремиер Нуретин Џаникли изјави дека Владата ќе преразгледа некои прогнози за економскиот развој. 

- Ќе бидат определени недостатоците на економските цели, кои ги поставивме пред нас. На прво место тоа се однесува на показателите на раст. Подготвуваме среднорочна програма и таа треба да биде основата за реалните бројки. И секако ќе има ревизија, додаде тој. 

Џаникли нагласи дека нема други проблеми освен достигнувањето на планираните показатели за раст и дефицитот на буџетот.

На почетокот на годината прогнозите за темпото на раст на турската економија беа околу 4,5 проценти, но поради серија случувања, кои негативно се одразија врз економската состојба, таа прогноза се очекува да биде намалена до три отсто за крајот на годината. 

Вицепремиерот ја коментираше и одлуката на агенцијата Мудис да го намали кредитниот рејтинг на земјата до степенот „отпад“ (junk), оправдувајќи ја оваа одлука со нестабилната финансиска и геополитичка ситуација.

- Нема да преземеме никакви специјални чекори во врска со таа одлука на Мудис. Нашите реформи ќе продолжат и ние очекуваме одлив на капиталот поради намалување на рејтингот, рече Џаникли. ац/ссм/13:35

###



Џонсон: Лондон и Анкара имаат идентични ставови за сириската криза и борбата против ИД

Анкара, 27 септември 2016 (МИА) - Властите во Велика Британија и Турција имаат заеднички погледи за серија регионални теми и, во тој дел, и во однос на сирискиот конфликт, изјави денеска британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон на прес-конференција по разговорите со својот турски колега Мевлут Чавушоглу, пренесе ТАСС.

- Ние имаме многу слични и блиски погледи за регионалните прашања, за темата за решавање на конфликтот во Сирија, за прашањата за борбата со (терористичката група) Исламска држава. И ние ги поддржуваме  сите напори на Турција во овие правци, посочи Џонсон.

Шефот на турската дипломатија, исто така, зборуваше за заедничката волја на Турција и Велика Британија во однос на борбата против Ислмска држава, пренесе НТВ.

Според Чавушоглу, двете земји имаат заеднички погледи за прашањето за обезбедување на примирјето во Сирија. Тој изрази жалење за одлуката на Велика Британија да се раздели од ЕУ, но подвлече дека треба да се почитува демократската волја на народот. Истовремено, шефот на турската дипломатија смета дека тоа може да претставува можност односите меѓу Турција и Велика Британија да добијат нови вредности.

- Ние ја напуштаме Европската Унија, но не ја напуштаме Европа, забележа Џонсон, цитиран од британските медиуми. 

Чавушоглу изрази задоволство од политиката на Обединетото кралство во однос на Курдската работничка партија (ПКК).

- Ја гледаме поддршката од Велика Британија во борбата против ПКК. Наша желба е оваа поддршка да ја зголемиме, посочи тој. сд/ссм/13:33

###

 



Медведев и Јилидирим разговараа за изградба на „Турскиот поток“

Москва, 27 септември 2016 (МИА) - Рускиот премиер Дмитриј Медведев денеска телефонски разговараше со неговиот турски колега Бинали Јилдирим за реализација на повеќе енергетски проекти и за зајакнивање на билатералната соработка, соопшти прес-службата на Владата на Русија.  

- Дмитриј Медведев и Бинали Јилдирим разговараа за актулени прашања поврзани со трговско-економската соработка и за реализација на големи заеднички проекти во енергетската сфера, вклучително и изградбата на гасоводот „Турски поток“ и на нуклеарната централа „Акују“, се наведува во соопштението. 

Како што јави ТАСС, во разговорот Јилидрим му честитал на Медведев за победата на неговата партија Единствена Русија на неодамнешните избори за членови на Државната дума. 

- Јилдирим го нагласи интересот на неговата Влада за постепен развој на руско-турските односи, се наведува во соопштението, при што се нагласува дека телефонскиот разговор бил одржан на иницијатива на турската страна. сп/14:20

###



Додик: Ќе се појавам на сослушување, но не во Сараево

Бања Лука, 27 септември 2016 (МИА) - Претседателот на Република Српска, Милорад Додик денеска изјави дека се уште не добил покана за сослушување од Обвинителството на БиХ поради организирањето референдум за Денот на Републиката во српскиот ентитет во Босна и Херцеговина.

Тој на прес-конференција во Бања Лука истакна дека нема да оди во Обвинителството на Сараево, но ќе се согласи да биде сослушан во секоја друга правосудна институција на територија на Република Српска.

Додик нагласи дека по добиените закани од бошњачкиот член на Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ дека ќе ја има судбината на Моамер Гадафи, Садам Хусеин или Слободан Милошевиќ, не сака да го ризикува својот живот со заминување во Сараево.

Претседателот на Република Српска објасни дека заканата од Изетбеговиќ ја протолкувал како порака до сите екстремистички групи во БиХ и повик за негова ликвидација. гт/сп/16:40

###



Хрватска компанија ќе гради најголем еолски парк во БиХ

Сараево, 27 септември 2016 (МИА) - Хрватската групација ДИВ најави дека ќе го гради најголемиот парк со ветерници во Босна и Херцеговина, јави Фена.

Според најавите, паркот ќе се наоѓа во близина на Томиславград, а неговата изградба треба да почне следната година.

Примарна дејност на ДИВ е бродоградежништвото и производството на валјаци и столбови за еолски централи.

Со новата инвестиција ДИВ планира да се вклучи на пазарот и како производител на електрична енергија од обновливи извори.

Планот на групацијата е до 2017 година во Хрватска и во други земји од регионот да инсталира електрани со ветерници со капацитети од 400 до 600 мегавати.

ДИВ поседува фабрики за валјаци во Самобор и Книн, бродоградилиште во Сплит, како и производни погони во Србија и БиХ. сп/16:04

###



Курц: Затворањето на балканската мигрантска рута беше правилен чекор

Виена, 27 септември 2016 (МИА) - Шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц денеска оцени дека затворањето на балканската рута претставувал правилен чекор.

Тој пред Одборот за надворешна политика на австрискиот Парламент ги негираше тврдењата на пратеничката од Зелените, Ален Корун дека затворањето на балканската рута најмногу ги оптоварило Грција и Италија.

Курц ги демантираше тврдењата на Корун дека Австрија води политика на оградување од бегалците.

- Ние не смееме да ги затвораме очите пред страдањето во светот. Меѓутоа, со неограничениот прием на бегалци во Централна Европа не може да се намалат страдањата, посочи Курц. 

Тој се заложи за употреба на средства од Европска унија за подобрување на ситуацијата на луѓето на лице место. ми/сп/19:04

###



„Тагесцајтунг“: БиХ се соочува со распад

Сараево, 27 септември 2016 (МИА) - Референдумот во Република Српска, што се одржа во неделата, е многу повеќе од прашање за еден државен празник и денес, 20 години по Дејтонскиот договор, тој би можел повторно да ја втурне Босна и Херцеговина во нов амбис, оценува германскиот весник „Тагесцајтунг“.

Според весникот, по успехот на референдумот за државниот празник во Република Српска, преседателот на овој ентитет Милорад Додик е подготвен за нова ескалација - на референдум за одвојување на Република Српска од БиХ. 

- Со поддршката од Москва, Додик може да се чувствува сигурно. За Додик и неговите поддржувачи не станува збор за ништо друго туку за остварување на националистичкиот сон за формирање на Голема Србија, оценува весникот.

„Тагесцајтинг“ додава дека на ваквата амбиција на властите во Бања Лука, Бошњаците велат дека „босанските Срби може да ја напуштат БиХ, но без земја“, што недвосмислено претставува закана за војна.

Весникот потенцира дека во Брисел и во Вашингтон се свесни што може да се случи во БиХ, додавајќи дека сепак има време да се интерванира, бидејќи „работите се уште не отишле предалеку“. 

„Тагесцајтунг“ истакнува дека и покрај Референдумот, според анкетите на јавното мислење, мнозинството од боснаските Срби сакаат да бидат дел од ЕУ, но за да се оствари тоа ќе мораат да се согласат на компромис. сп/18:41

###



Мултинационалната бригада на НАТО ќе функционира во Крајова

Букурешт, 27 септември 2016 (МИА) - Мултинационалната бригада на НАТО ќе дејствува во јужниот романски град Крајова, изјави денеска романскиот претседател Клаус Јоханис.

Во рамки на мултинационалната бригада на Алијансата ќе биде втората пешадиска бригада на романската армија.

Романскиот претседател не наведе детали до каде се преговорите и кои држави со колкав број војници ќе учествуваат во мултинационалната бригада.

- Во 2017 година ќе биде објавен првичниот капацитет на бригадата, што значи дека ќе биде оперативна до 2018 година, како најоптимистично сценарио, наведе Јоханис. ми/зш/19:52

###



Самоопределување со барања до премиерот Мустафа за демаркацијата со Црна Гора

Приштина, 27 септември 2016 (МИА) – Лидерот на косовското движење Самоопределување Висар Имери побара од премиерот Иса Мустафа уште еднаш да го разгледа договорот за демаркацијата на границата со Црна Гора.

На попладневната средба со новинарите Имери, изјави дека начинот на кој е определена границата со Црна Гора е грешка.

- На Комисијата за обележуање на границата мандатот и е поминат. Оваа комисија направи многу грешки Оваа нова линија е закана за интегритетот на земјата. Методата, која е применета за обележување на границата не е вистинската. Договорот е неприфатлив. Косово треба да има  обележена граница, но тоа треба да биде на точен и праведен начин, истакна Имери, додавајќи дека неговата партија има неколку барања во врска со демаркацијата  со Црна Гора.

Според него чекорите кои треба да се направат се: Парламентот да формира сепартиска и независна комисија, како и комисија која ќе спроведе истрага за договорот; Премиерот треба да побара од Црна Гора уште еднаш да го разгледа договорот и трето, премиерот преку официлно барање да побара повеќе подробности овој процес да не биде проблем за визната либерализација.

 Имери смета дека е потребно да се организира  научна конференција.

Инаку, против договорот, потпишан пред една година, освен Самоопределување, против се и Алијасата за иднината на Косово на Рамуш Харадинај и иницијативата за Косово на Фатмир Лимај. вт/ми/21:04

###



Грчкиот парламент усвои нови мерки за штедење

Атина, 28 септември 2016 (МИА) - Грчкиот парламент синоќа усвои нови мерки за штедење, кои беа побарани од меѓународните кредитори, вклучувајќи и забрзување на приватизацијата на малите комунални претпријатија.

Меѓу јавните претпријатија кои се на продажба е и компанијата за електрична енергија ДЕИ, како и грчкиот водовод, пренесува Танјуг.

- За новите реформи гласаа 152 од вкупно 293 присутни пратеници, изјави заменикот претседател Јоргос Ваременост по парламентарната расправа.

Со изгласувањето на реформите ќе биде можен новиот заем во износ од 2,8 милијарди евра, кој беше блокиран од јуни, кога Грција ги почна преговорите со своите кредитори.

За време на парламентарната расправа, пред зградата на законодавниот дом се собраа повеќе од 1.500 лица кои протестираа против продажбата на јавните претпријатија.

Новиот закон предвидува реорганизација на пазарот на електрична енергија, забрзување на програмата на приватизација и управување со ненаплатливи кредити.

Реформите се усвоени по итна постапка и имаат поддршка во законите донесени во последните години. ссм/07:24

###

 



Умерен земјотрес го погоди грчкиот остров Родос

Атина, 28 септември 2016 (МИА) - Умерен земјотрес е регистриран синоќа кусо пред полноќ во поморскиот регион на грчкиот остров Родос, јавија грчки медиуми.

Атинскиот сеизмички институт соопшти дрека земјотресот бил со интензитет од 5,1 степен според Рихтеровата скала.

Потресот бил почувствуван на територијата на целиот острот, а исто така и на околните острови.

Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 56 километри.

Нема информации за евентуални жртви и причинета материјална штета. ац/ссм/07:52

###



Во Атина трилатерална енергетска средба на Грција, Кипар и Израел

Атина, 28 септември 2016 (МИА) - Министрите за енергетика на Грција, Кипар и Израел денеска во  Атина ќе разговараат за проекти за енергетско поврзување на земјите од источниот дел на Медитеранот, јавуваат грчки медиуми.

Средбата е продолжение на средбата на лидерите на трите земји, Алексис Ципрас, Никос Анастасиадис  и Бенјамин Нетанјаху, која се одржа во јануари, а на која тие се договорија да дадат поттик за плановите за поврзување на енергетските мрежи со цел зајакнување на енергетската безбедност на трите држави и на целиот регион. 

Се очекува на средбата да бидат разгледани плановите за поврзување на електричните мрежи на Кипар со ЕУ преку Грција, за електричната врска меѓу Израел, Кипар и Грција, како и за изградба на гасовод по дното на морето од регионот на југоисточниот Медитеран до Грција, а оттаму до Италија. ац/ссм/08:35

###



„Волстрит журнал“: Грција следната година ќе забележи економски раст

Атина, 28 септември 2016 (МИА) - Економијата на Грција следната година ќе забележи раст, прогнозира американскиот весник „Волстрит журнал“. 

Весникот се повикува на оценки од експерти, кои покажуваат дека растот на грчката економија оваа година е невозможен и дека со третата транша за Грција дадена од нејзините кредитори, се предвидува позабележлив раст да се очекува од крајот на следната година, односно прогнозата е раст од 2,7 отсто. 

За во 2017 година економијата од приватниот сектор очекува растот во Грција да е околу 0,6 проценти. 

Особено загрижувачки е фактот што износот за кој се претпоставува дека ќе ја доведе Грција до економски раст, се наоѓа во процес на мало опаѓање, бидејќи извозот се спречува поради контролата на капиталот во земјата, високите даноци и недостигот на кредитирање, пишува „Волстрит журнал“. см/ссм/10:23

###



Грабар Китаровиќ денеска ги почнува консултациите за ново парламентарно мнозинство во Хрватска

Загреб, 28 септември 2016 (МИА) - Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ денеска на пладне ги почнува консултациите со пратениците и лидерите на партиите за мандатар за составување на новата хрватска Влада, по вонредните парламентарни избори од 11 септември, јавува Танјуг.

Како што пренесуваат хрватските медиуми, таа прво ќе ги прими осумината пратеници од националните малцинства.

Консултациите на Пантовчак следат откако во понеделникот беа објавени официјалните резултати од изборите, а според Уставот хрватската претседателка мандатот за составување влада му го доверува на лицето кое, врз основа на распределбата на застапничките места во Саборот и извршените консултации, ужива доверба од мнозинството од сите пратеници.

За добивање на мандатот е потребна поддршката од најмалку 76 пратеници.

Најблиску до оваа бројка е шефот на ХДЗ, Андреј Пленковиќ, бидејќи неговата партија на изборите оствари релативна победа, освојувајќи, сама или со партнерите, 61 од 151 застапнички места, па за составување парламентарно мнозинство преговара со Мост, кој на изборите освои 13 мандати, како и со осумината застапници на националните малцинстав.

Претставниците на Мост ќе ги предводи шефот на партијата, Божо Петров.

Зоран Милановиќ, кој поднесе оставка на челната функција во СДП, како што пренесуваат  хрватските медиуми, нема да се појави на консултациите со претседателката, а партијата ќе ја претставува потпретседателката Миланка Опачиќ.

Партиите кои на изборите се појавија во рамки на Народната коалиција, собрани околу СДП, претседателската ќе ги прими посебно. сд/ссм/10:22

###







Кристалина Георгиева нов кандидат на Бугарија за генерален секретар на ОН наместо Ирина Бокова

Софија, 28 септември 2016 (МИА) - Бугарија го менува својот кандидат за генерален секретар на Обединетите нации Ирина Бокова со Кристалина Георгиева, согласно одлуката на Владата. 

- Бугарската Влада треба да му даде шанса на кандидат, кој ќе и даде поголема сила на источноевропската група. Ротацискиот принцип е исклучително важен и ние ќе бараме поддршка за нашата кандидатура, изјави министерот за надворешни работи Даниел Митов пред министрите на почетокот на владината седница, јави БТА.

- Вложивме огромни напори, не само ние, туку и Кабинетот на претседателот, Министерството за надворешни работи и самата Ирина Бокова, но ги гледате резултатите, изјави премиерот Бојко Борисов.

Претходно, бугарскиот премиер изјави дека Ирина Бокова била номирана за генерален секретар на ОН во последните денови од кабинетот на претходниот премиер Пламен Орешански, а владата на Борисов потоа ја прифатила таа одлука и официјално ја номинирала Бокова и покрај бројните реакции од влијателни западни земји дека нејзината кандидатура е неприфатлива.

Бокова е генерален директор на УНЕСКО, а Георгиева е  актуелен потпретседател на Европската комисија. ац/ссм/10:58

###



САД наскоро ќе дадат одговор за барањето на Турција за апсење на Ѓулен

Анкара 28 септември 2016 (МИА) - Американски претставници им кажале на своите турски колеги дека САД за неколку дена ќе одговорат на барањето на Турција за апсење на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кого Анкара го обвинува дека стои зад обидот за воен удар во Турција, изјави денеска турскиот министер за правда Бекир Боздаг во интервју за турската телевизија НТВ, јави БТА. 

Турција бара од САД да го екстрадираат Ѓулен, кој живее во американската сојузна држава Пенсилванија, за да биде изведен пред суд по обвинението за организирање на превратот за соборување на турската Влада на 15 јули. 

Седумдесет и петгодишниот Ѓулен демантира дека е вмешан во обидот за преврат.

Вашингтон објави дека соработува со Анкара по ова прашање и ја замоли за трпение. ац/ссм/11:28

###



Тензии на грчките острови поради зголемениот број бегалци и мигранти

Атина, 28 септември 2016 (МИА) – Жителите на грчкиот остров Хиос денеска планираат да одржат протест со барање да се спроведат итни мерки за да се намали бројот на мигранти на островот.

Заедно со другите острови во источниот дел на Егејското Море, Хиос води тешка битка за да се справи со зголемувањето на бројот на мигранти и бегалци, информира „Катимерини“. Вкупниот број на бегалци и мигранти заглавени на островите во источниот дел на Егејското море денеска изнесува 13.863 луѓе.

На протестот, според организаторите, ќе се внимава да не дојде до ескалација на ситуацијата како што се случи пред околу две седмици, кога полицијата мораше да употреби солзавец за да ги растера демонстрнтите.

Локалната заедница вчера до полицијата на Хиос испрати отворено писмо во кое истакнува дека пропорционално со зголемување на борјот на мигранти, се зголемил и криминалот на островот.

„Кражби од градини, магацини и домови во областите околу кампот Виал се секојдневна појава“, се вели во писмото и се додава дека во пораст се и поплаките од локалното население. Во исто време, нагласуваат жителите, расте и тензијата и лутината и меѓу мигрантите кои се заглавени на островот, и живеат во неизвесност.

Вработените во грчката и Европската служба за азил на Хиос вчера одржаа симболичен протест со блокирање на влезот на преполниот камп Виал, барајќи поголемо присуство на полицијата. Демонстрантите рекоа дека тие, заедно со мигрантите, секојдневно се соочуваат со ризик од насилство, особено кога барањата за азил се одбиени.

Во понеделникот, еден Авгнистанец си ги пресекол вените на зглобовите и бил пренесен во болница, откако неговото барање за азил било одбиено.

Тензии има и на островот Кос, каде што властите бараат итни мерки за намалување на бројот на мигрнати, затоа што во постоечката инфраструктура не можат да се сместат 1.813 лица, колку што во моментов има на островот. Негативното влијание врз економијата, исто така е големо, со оглед на тоа што бројот на туристи е намален за 15 проценти.

Во меѓувреме, на Лезбос, четири малолетни бегалци денеска треба да бидат изведени пред обвинител, за групно силување на тинејџерка во кампот Мориа минатата недела. Девојката била однесена во локалната болница, каде по лекарскиот преглед било потврдено дека била силувана. јт/ссм/12:24

###



Кристалина Георгиева нема да прима плата од ЕК за време на кампањата за ОН

Брисел, 28 септември 2016 (МИА) - Заменикот-претседател на Европската комисија, Кристалина Георгиева ќе замине на неплатено отсуство за време на нејзината кампања за избор за генерален секретар на ОН, соопштија од Комисијата, јави БТА.

- Денеска претседателот на комисијата Жан-Клод Јункер донесе одлука Георгиева да користи неплатено отсуство.  Должноста на Георгиева ќе ја врши еврокомисарот Гинтер Етингер, изјави претставникот на ЕК.

- Премиерот Бојко Борисов и заменик претседателот Георгиева го известија Јункер заодлуката на бугарската влада да ја номинира Георгиева за највисоката функција во ОН. Јункер ја одобри нејзината молба за неплатено отсуство за октомври, додаде изворот.  

Претходно денеска, бугарската Влада соопшти дека донела одлука да го смени својот кандидат за генерален секретар на Обединетите нации Ирина Бокова со Кристалина Георгиева. си/ссм/13:05

###



Тимерманс: ЕУ успева во менаџирањето со миграциската криза, а Турција доби 600 милиони евра помош

Брисел, 28 септември 2016 (МИА) - Европската унија успева успешно да се справи со миграциската криза, по договорот со Турција, а во рамки на истиот, Европската комисија денеска на Турците им даде нова помош од 600 милиони евра за справување со повеќе од два ипол милиони бегалци, што оваа европска земја ги има на сопствената територија. Ова, како што јавува дописникот на МИА од Брисел, днееска го потврди заменик-претседателот на Еврокомисијата, Франс Тимерманс, на заедничка прес-конференција со еврокомесарот за миграциски прашања и внатрешни работи, Димитрис Аврамопулос.

Тимерманс денеска информираше за постигнатиот напредок на релокацијата на мигрантите во рамки на Европската унија и шемата за преселување и спроведувањето на билансот на договорот ЕУ-Турција. Во исто време, Брисел ги истакна потребните чекори што се уште е потребно да се преземат од страна на Грција во поглед на иднината на продолжување на трансферите според договорот од Даблин од другите земји-членки, а исто така известено е и за контролата на привремени гранични премини што се вршат на внатрешните граници на Шенген-зоната, според препораките на Европскиот совет од 12 мај 2016 година.

Потпретседателот на Еврокомисијата, Тимерманс, денеска истакна дека имплементацијата на договорот ЕУ-Турција продолжува, како и намалувањето на бројките на бегалци во нивните обидите да го преминат Егејското Море. Тоа, според заменикот на Јункер ја потврди својата основна причина на овој договор и тој ги поздрави напорите на ЕУ-земјите да ги зголемат бројките на релокација и преселување.

- Но, она што може да стори повеќе и тоа под итно е да спроведеме ефикасно управување со мерките за азил и миграцијата во Европа, како и зачувување на Шенген-зоната, ако сите ние работиме заедно во духот на солидарноста и одговорноста - истакна Тимерманс.

Еврокомесарот за миграција и внатрешни работи, Димитрис Аврамопулос, пак, истакна дека сите мерки за миграција на ЕУ се поврзани договорот со Турција и дека истиот довел до конкретни позитивни резултати и зголемени напори направени од страна на земјите-членки во текот на изминатите месеци, кога само во септември е направена релокација на 1.200 бегалци.

- Тоа покажува дека релокацијата може да се забрза доколку постои политичка волја и чувство на одговорност. Успехот е во нашиот заеднички пристап во текот на последните месеци, а тоа е од суштинско значење за успехот на сè друго, вклучувајќи постепено враќање на Даблин-системот и нормално функционирање на Шенген-зоната. Релокацијата мора да успее,  порача Аврамопулос.

Во исто време, Европската комисија денеска потпиша два директни грантови во вредност од 600 милиони евра за поддршка на сириските бегалци и заедниците-домаќини во Турција во областа на образованието и здравството. Со оваа сума, од март оваа година, Унијата мобилизира над две милијарди евра од вкупниот буџет од три милијарди евра за помош во справувањето со бегалската криза на Турција.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Двајца излегле со своите жени низ чаршија да се прошетат но и двајцата ги изгубиле своите жени.
И почнале да ги барат.Барајки ги жените и двајцата се судриле.Првиот рекол:Извини...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
570.- Во Мека е роден Мухамед, основач на...
1653.- Водачот на Англиската револуција Оливер...
1657.- Англиската флота, под команда на адмирал...
1768.- Умре италијанскиот сликар Каналето, еден...