Во Грција запленети 174 килограми хашиш

Атина, 24 октомври 2016 (МИА) - Грчката полиција откри и заплени 174 килограми хашиш во автомобил управуван од 44-годишен Албанец, објави денеска електронското издание на грчкиот весник „Етнос“.

Автомобилот бил запрен вчера во близина на грчко-албанската граница. Хашишот бил распореден во 90 пакетчиња.

Возачот е приведен, а автомобилот запленет.

Грчката полиција на почеток од месецот откри и заплени 250 килограми хашиш. ми/14:09

###



Поранешна романска пратеничка осудена поради непотизам

 

Букурешт, 24 октомври 2016 (МИА) - Поранешната пратеничка од романската Социјалистичка партија, Оана Никулеску Мизил денеска е осудена од Врховниот суд на една година условна затворска казна под обвинение за судир на интереси.

Таа е обвинета дека ја вработила мајка си во својата парламентарна канцеларија.

Првично, во октомври 2014 година, Мизил била осудена на три години условна затворска казна. Судот денеска ја прифати нејзината жалба и ја намали пресудата.

Поранешната пратеничка пред судот изјавила дека ја ангажирала својата мајка во парламентарната канцеларија, бидејќи никој друг не сакал да ја извршува функцијата советник во „проблематичната“ избирачка единица Рахова-Ферентари. гт/14:55

###

 



Најмалку 50 припадници на ПКК загинаа во антитерористичките операции во Турција

Анкара, 24 октомври 2016 (МИА) - Педесет членови на Курдска работничка партија се убиени изминатата недела во воздушните напади на турските безбедносни сили, објави турски весник „Ашкам“.

Во операциите биле уништени 15 упоришта на ПКК, а конфискувано е големо количество оружје и муниција.

„Ашкам“ наведува дека при операциите биле осуетени 12 терористички напади, меѓу кои неколку со автомобили-бомби и еден самоубиствен бомбашки напад. ми/14:50

###



Србија и Словенија потпишаа договори во областа на транспортот, културата и интелектуалната сопственост

 

Белград, 24 октомври 2016 (МИА) - Владите на Србија и Словенија денеска потпишаа неколку договори во областа на транспортот, културата и интелектуалната сопственост.

Српскиот премиер Александар Вучиќ изјави на прес-конференција во Белград дека односите меѓу двете земји се подобри, меѓу нив нема отворени прашања, со исклучок на уште некои сегменти од наследството од поранешна Југославија.

- Двете влади се обидоа да разговараат по сите сфери на општествениот живот, а клучот беше во политичките и економските прашања, истакна Вучиќ.

Според него, вредноста на трговската размена меѓу двете држави минатата година изнесувала 870 милиони евра, а оваа година се очекува да ја надмине и првата милијарда евра. гт/15:15

###

 



Тахири: „Трепча“ нема да биде тема во рамки на дијалогот во Брисел

Приштина, 24 октомври 2016 (МИА) - Косовската министерка за дијалог Едита Тахири изјави денеска дека прашањето за комбинатот „Трепча“ нема да се разгледува во рамки на дијалогот меѓу Белград и Приштина во Брисел.

Таа, реагирајќи на ставот на шефот на делегацијата на Европскиот парламент за односи со Србија, Едуард Кукан дека прашањето за „Трепча“ треба да се решава во рамки на дијалогот, истакна дека позицијата на косовската Влада е „јасна и одлучна“.

- Нема да зборуваме за „Трепча“ во рамки на дијалогот во Брисел, нагласи Тахири.

Според неа, „Косово одлучува за Трепча и сите богатства на земјата“.

Тахири оцени дека изјавата на Кукан не одговара со реалноста, додавајќи дека „без разлика што тој доаѓа од земја која не го признала Косово, сепак треба да го знае тоа бидејќи и Словачка е нова, млада држава“. гт/17:20

###



Турската полиција во потрага по тројца потенцијални напаѓачи самоубијци на ПКК

 

Анкара, 24 октомври 2016 (МИА) - Турската полиција е во потрага по тројца терористи на Курдската работничка партија (ПКК), за кои се претпоставува дека подготвуваат самоубиствени напади во Турција, објави турската телевизија НТВ.

Според тврдења на разузнавањето, еден од наводните напаѓачи е странец, идентификуван како Наден Шема.

Интернет страницата на НТВ објави фотографија на две жени и еден маж, за кои се смета дека се тројцата осомничени.

Податоци и фотографии биле испратени до сите полициски станици во земјата. гт/18:55

###



Во Грција уапсени Бугари за нелегално посвојување

Атина, 25 октомври 2016 (МИА) – Властите во Комотини, североисточна Гrција, уапсиле четворица бугарски државјани во врска со илегално посвојување на бебе.

Уапсени се биолошката мајка и татко на бебето, на возраст од 32 и 36 години, една 41-годишна Бугарка кај која двојката престојувала во Грција, и уште една Бугарка на возраст од 37 години која ја придружувала мајката при породувањето во болница во Катерини.

Полицијата се уште трага по неидентификуван Бугарин, кој наводно ја убедил бремената жена да го даде детето на посвојување во Грција.

Според досегашната истрага, неидентификуваниот Бугарин и пришол на една грчка двојка и им кажал дека може да им договори илегално посвојување.

Во исто време, весникот „Етнос“ пишува и дека уапсените Бугари се обиделе да го продадат бебето за осум илјади евра. јт/ссм/07:20

###



Благајник ограбил 111.000 евра од грчката Национална опера

Атина, 25 октомври 2016 (МИА) - Вработен во Националната опера во Атина, кој бил задолжен за касите, бил уапсен минатата недела за проневера на 111.000 евра, соопшти вчера Операта.

Измамата била откриена за време на рутинска проверка на резервите кеш на Операта спроведена на 19 октомври, за време на која ревизорите утврдиле дефицит од 111.000 евра во приходите. Понатамошната истрага открила дека сторителот бил менаџер на благајната кој го признал делото. Тој е отпуштен од работа и против него е покрената тужба.

Сторителот бил вработен во Националната опера од 1999 година. јт/ссм/07:26

###



Амбасадорката на БиХ во Италија, Зовко станува хрватска европратеничка

Загреб, 25 октомври 2016 (МИА) - По формирањето на новата хрватска Влада, премиерот Андреј Пленковиќ и новиот министер за надворешни работи Давор Иво Стиер го напуштија Европскиот парламент, а меѓу оние кои треба да ги заменат е и амбасадорката на БиХ во Италија, Жељана Зовко. 

Пленковиќ ќе го замени Ивица Толиќ, додека Давор Иво Стиер требаше да го замени Иван Тепеш, но бидејќи тој одлучи да не го прифати понудениот мандат следна на листата, која требаше да замине во ЕП е босанската амбасадорка во Италија, Жељана Зовко. 

Зовко, која е родена во Мостар, кариерата ја минала во дипломатијата, јавуваат хрватските медиуми. 

На заедничката листа на Патриотската коалиција на изборите за ЕП во 2014 година беше на деветтото место, како претставничка на дијаспората, а освои 2.392 гласови.

Зовко инаку е професорка по француски јазик, а во 1999 година почна да работи во Претседателството на БиХ, од 2004 до 2008 година беше амбасадорка на БиХ во Франција, а од 2008 до 2011 година беше амбасадорка во Шпанија. Потоа се врати во БиХ, каде работеше како советник за надворешна политика. Минатата година стана амбасадорка во Италија. ац/ссм/08:01

###



Парламентот на РС планира по итна постапка да го усвои законот за Денот на РС

Бања Лука, 25 октомври 2016 (МИА) - Парламентот на Република Српска денеска ќе одржи специјална седница со само една точка на дневен ред, нацрт-законот за Денот на РС, кој треба да биде усвоен по итна процедура.

Претседателот на РС Милорад Додик изјави претходно дека Републиката останува на одлуката за одбележување на 9 јануари како празник и оти Владата ќе одлучува за функционирањето на институциите и за тоа дали тој ден ќе биде работен или неработен. 

Босанските Срби гласаа на референдум на 25 септември за тоа дали празникот на РС да остане на 9 јануари, датум, кога во 1992 година тие прогласија „Република на српскиот народ“ во состав на БиХ, по што почна војната, која траеше од 1992 до 1995 година.

Референдумот беше забранет од Уставниот суд, кој оцени дека датумот на празникот е дискриминирачки за несрпското население. ац/ссм/08:36

###



Експлозија на паркингот на трговско-индустриската комора во Анталија

Анкара, 25 октомври 2016 (МИА) - На паркингот на трговско-индустриската комора во турскиот град Анталија денеска одекна силна експлозија, јави Си-Ен-Ен Турк.

Според информациите на оваа телевизија во експлозијата има повредени, пренесува БТА.

Кон местото на инцидентот упатени се голем број амбулантни возила.

Засега не е позната причината за експлозијата.

Во експлозијата оштетени се голем број возила и прозорци на околните згради.

Според градоначалникот на Анталија Мендерес Турел можно е експлозијата да била несреќа, но истрагата ќе ја утврди точната причина. Тој дополни дека има поголем број повредени лица, но никој не е во критична состојба. ссм/08:56

###

 



Вучиќ: Во Србија е подготвуван заговор против Црна Гора

Белград, 25 октомври 2016 (МИА) - Во Србија се подготвувани незаконски акции против Црна Гора и имаме цврсти докази дека тука има група, која го следеле премиерот Мило Ѓукановиќ, изјави на синоќешната седница на Бирото за координација на безбедносни служби српкиот премиер Александар Вучиќ.

Тој наведе дека криминалците го следеле Ѓукановиќ со високотехнолошки методи и оти тие не се поврзани со српските државјани уапсени  во Црна Гора на денот на изборите, пренесува Б92.

- Одредени лица го следеле движењето на црногорскиот премиер и секоја секунда информирале други лица, кои требало да дејствуваат, посочи Вучиќ.

Тој додаде дека Србија има цврсти материјални докази за таквите тврдења и дека се одземени околу 125.000 евра, униформи и други работи и сето тоа сопственост на државните органи на Србија.

- Лицата кои подготвувале илегалнни дејности во Црна Гора се под контрола на државните органи на Србија и Црна Гора е информирана за тоа, посочи Вучиќ.

Тој додаде и дека во целиот случај не се вмешани политичари од Србија и од Црна Гора, туку дека станува збор за криминалци. ми/ссм/09:52

###



ХРВ: Турција ги затвора очите пред малтретирањата за време на вонредната состојба по обидот за пуч

Истанбул, 25 октомври 2016 (МИА) - Турција ги затвора очите пред малтретирањата за време на вонредната состојба, која е во сила во земјата по обидот за воен удар, наведува во својот извештај организацијата за заштита на човековите права Хјуман рајтс воч. 

ХРВ одбила тврдења за малтретирање за време на полициски апсења по неуспешниот обид за преврат во јули. Владата во Анкара досега уапси 35 илјади лица, осомничени дека се поврзани со обидот за пуч, пренесува БТА.

- Вонредната состојба не и дава право на Владата да не ги почитува правата, се вели во извештајот. 

Во текстот се наведени 13 случаи на злоупотребување од властите, вклучувајќи тепање, тортура и сексуално насилство. ац/ссм/10:28

###



Најмалку 10 луѓе повредени во експлозијата во Анталија

Анкара, 25 октомври 2016 (МИА) - Повеќе од десет лица се повредени во денешната експлозија пред паркингот на Трговско-индустриската комора во турскиот град Анталија, јужна Турција, јавија турските медиуми.

Според телевизијата НТВ бројот на повредени луѓе е од 10 до 15.

Експлозијата била слушната и во центарот на Анталија, а ги искршила прозорците на Трговско-индустриската комора и оштетила шест до седум автомобили.

На местото на инцидентот се упатија голем број возила на брзата помош и на полицијата. Се уште не е позната причината за експлозијата.

Градоначалникот на Анталија, Мендерес Тјурек изјави дека е можно експлозијата да е несреќа и да не е терористички акт. Тој додаде дека ниту еден од десетината повредени лица не е во тешка зравствена состојба. ми/ссм/10:35

###



Јелко Кацин повика на што е можно поитно формирање на владата на Црна Гора

Подгорица, 25 октомври 2016 (МИА) - Словенечкиот амбасадор во НАТО, Јелко Кацин ги повика сите проевропски сили во Црна Гора што е можно побрзо да формираат нова коалициска влада.

Кацин е согласен со оценката на меѓународните релевантни институции дека изборите во Црна Гора биле фер и демократски. 

- Сите избори се тест за деморкатијата и Црна Гора повторно се покажа како земја, која може да биде пример во регионот. На Црна Гора е сега што поитно да формира нова коалициска влада и да продолжи со својот пат на европски и евроатлантски интеграции, рече Кацин. ац/11:04

###



Рекорд во ЕУ: Седумдесет отсто од младите Хрвати живеат со родителите

Загреб, 25 октомври 2016 (МИА) - Речиси три четвртини од младите Хрвати не го напуштаат домот на родителите, а според бројот на младите од 18 до 34 години, кои се уште живеат со родителите, Хрватска со 70 отсто е рекордер во Европската унија. 

Според податоците на Евростат, по Хрватска се Словачка, Србија, Италија и Малта. 

- За да си заминете од домот на родителите, треба да имате извесни приходи. Друг фактор се цените на недвижнините, висината на наемот, луѓето тоа едноставно не можат да си го дозволат, а следната работа секако се одредени навики и комодитетот, тврди социологот, Гојко Бежован, јавуваат хрватски медиуми. 

Во традиционално католичките земји просекот на оние кои живеат со родителите е секогаш поголем. 

Делумно поради менталитетот, а делумно и поради подобриот животен стандард најбрзо се остамостојуваат Данците, а потоа се Финците, Швеѓаните и Норвежаните.

- Хрватска не би била меѓу најлошите доколку државата не им помага на младите со конкретни мерки, додава Бежован. 

Просекот на младите кои живеат со родителите на ниво на ЕУ изнесува 48 отсто. ац/ссм/11:41

###



Грција ќе добие транша од 2,8 милијарди евра

Атина, 25 октомври 2016 (МИА) – Работната група на еврото дала зелено светло за исплата на транша од 2,8 милијарди евра за Грција, јави грчката државна агенција АНА-МПА, повикувајќи се на извори од Еврозоната.

Одборот на директори на Европскиот механизам за стабилност (ЕСМ), кој денеска ќе има состанок во Брисел, треба официјално да ја одобри исплата на две под-транши од 1,1 и 1,7 милијарди евра.

Исплатата на под-траншата од 1,1 милијарди евра беше одобрена на состанокот на Еврогрупата на 9 октомври, при што беше утврдено дека Грција во целост ги исполнила сите 15 барања, додека одлуката за 1,7 милијарди евра беше одложена се додека кредиторите не ги добија септемвриските бројки за отплата на државните долгови.

Грција овие податоци ги испрати минатата недела по што претставници на министерствата за финансии на еврозоната дадоа зелено светло за исплата на преостанатите 1,7 милијарди евра. јт/ссм/10:46

###



Двајца израелски раазузнавачи признаа дека ја шпионирале Лаура Кодруца Ковеши

Букурешт, 25 октомври 2016 (МИА) - Двајцата претставници на приватната израелска фирма за разузнавање „Блек Кјуб“, обвинети за шпионажа на директорката на романската антикорупциска агенција, ја признаа вината, објави „Романија либера“.

Во април годинава Дирекцијата за истрага на дела на организиран криминал и тероризам ги приведе израелските државјани Рон Вајнер и Давид Гецлович под обвинение дека ја шпионирале главната обвинителка на Националната дирекција за борба против корупцијата Лаура Кодруца Ковеши со цел да ја компромитираат.

Првото судско рочиште за Вајнер и Гецлович закажано е за 7. ноември во Букурешт.

За истот дело обвинети се уште тројца шпиони - Дан Зорела, Ави Јанус и Јоси Беркштајн, кои во моментот се во Израел, а во Романија беше обвинет и е во притвор поранешен вработен во Романската разузнавачка служба Даниел Драгомир. ми/ссм/12:25

###



ЕК одобри финансиска помош за кипарските Турци

Никозија, 25 октомври 2016 (МИА) - Европската комисија одобри финансиска помош во износ од 33 милиони евра за кипарските Турци, пишува грчкиот весник „Етнос“.

Парите се наменети за „економското обединување на островот“ и за „подобрување на контактите меѓу двете заедници со ЕУ“. 

Од почетокот на 2006 година ЕУ за турската заедница на Кипар доставила 450 милиони евра, потсети весникот и додаде дека тоа е најголемата финансиска помош, која Брисел ја доделил надвор од Унијата.

ЕК за да ја спаси спогодбата со Турција за ограничување на бегалскиот прилив преку Егејското Море, го подготвува теренот до крајот на годината да биде укинат визниот режим за турските граѓани. Претседателот на Комисијата, Жан Клод Јункер нагласи дека Анкара исполнила 65 од вкупно 72 критериуми на Унијата и покрај тоа што еден од нив е да ја признае државата на кипарските Грци, Република Кипар, што Турција одбива да го стори, додава „Етнос“. ац/ссм/12:53

###



Русија и Турција договориле воено-разузнавачка размена на податоци

Анкара, 25 октомври 2016 (МИА) - За време на посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Анкара, на 10-ти месецов, била договорена разузнавачка соработка меѓу Русија и Турција, јави денеска турската приватна НТВ.

Според рускиот весник „Известија" пак, којшто се повикува на руски воено-дипломатски извори, Русија ќе им предаде на турските власти разузнавачки информации кои ќе бидат употребени во операцијата „Еуфратски штит" која турските сили ја спроведуваат во Сирија.

Весникот го цитира и првиот заменик претседател на Комисијата за одбрана и безбедност при Советот на федерацијата, Франц Клинцевич, кој изјави дека и Турција стана дел од неофицијалната група за разузнавачка соработка, заедно со Русија, Сирија, Ирак и Иран.

Клинцевич во таа прилика ја пофалил разузнавачката мрежа на Турција во Сирија, додава изворот.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Едно утро се шета Милошевиќ низ затворскиот двор во Хаг, А сонцето му вели:
- Добро утро хероју српски, миротворецу најголем, ослободителу наш... (овој се дуе ли се...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од...
Верски календар
На денешен ден
1421.- Повеќе од 100.000 луѓе се удавија кога...
1492.- Кралската двојка на Шпанија (тогашна...
1790.- Во Филаделфија умре Бенџамин Франклин,...
1894.- Роден е рускиот државник Никита Сергеевич...