Чавушоглу: Турција не отстапува од операцијата во Сирија

Анкара, 26 октомври 2016 (МИА) - Турција нема да отстапи од операцијата во Сирија, порача денеска турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу, откако хеликоптер за кој се верува дека им припаѓа на силите на сириската Влада, бомбардираше позиции на бунтовниците во северна Сирија, кои ги поддржува Анкара.

Чавушоглу изјави дека силите лојални на сирискиот претседател Башар ал Асад продолжуваат да ги бомбардираат сириските бунтовници, наместо ИД.

- Турските воени операции за чистење на границата од ИД ќе продолжат се додека силите, кои ги поддржува не го заземат сирискиот град Ел Баб, рече тој. 

Чавушоглу истакна дека Турција ќе преземе и мерки доколку биде нападнат ирачкиот град Тал Афар. ац/сп/13:31

###



Србија и БиХ отвораат заедничко трговско-туристичко претставништво во Истанбул

Истанбул, 26 октомври 2016 (МИА) - Во Истанбул денеска ќе биде отворено заедничко трговско-туристичко претставништво на Србија и Босна и Херцеговина, соопшти српскиот вицепремиер и министер за трговија Расим Љајиќ по средбата на Трилатералниот трговски комитет на Србија, Босна и Херцеговина и Турција во Истанбул.

Како што јави Танјуг, Љајиќ појасни дека тоа ќе биде место каде што двете земји ќе можат да го претставуваат стопанскиот и туристички потенцијал на Србија и Босна и Херцеговина со цел зголемување на нивната размена со Турција.

Љајиќ дополни и дека имал средба со турскиот министер за економија Нихат Зејбекчи и со босанскиот министер за надворешна трговија Мирко Шаровиќ, на која е договорен иден проект за инфраструктурно поврзување на Србија и БиХ, што би бил поддржан и од Турција.

Тројцата министри ќе присуствуваат на трилатерален бизнис форум. си/сп/14:17

###



Ердоган: Туција нема тајни планови во врска со Алепо

Анкара, 26 октомври 2016 (МИА) - Воените операции на Турција во Сирија имаат за цел да обезбедат контрола над сириските градови Ал Баб и Манбаџ, но Анкара нема намера нив да ги прошири до Алепо, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

- Ние водиме заедничка борба против терориситчките организации, но Алепо им припаѓа на неговите жители. Би било некоректно да се прават тајни планови за Алепо, порача Ердоган.

Ваквата изјава на Ердоган следи откако силите лојални на сирискиот претседател Башар ел Асад, порачаа дека ако турската армија продолжи да напредува кон нивните позиции северно и источно од Алепо, ќе наидат на решителен и силен отпор. сп/14:29

###



Турските власти досега смениле три четвртини од окружните полициски началници

Анкара, 26 октомври 2016 (МИА) - Турските власти смениле три четвртини од окружните полициски началници во рамки на истрагата која започна во јули по неуспешниот обид за воен преврат, објави денеска Службениот весник во земјата.

Од 15 јули досега во Турција се уапсени 35.000 лица, а сменети или отстранети од работните места се над 100.000 луѓе во државниот сектор, судството, полицијата... Официјална Анкара соопшти дека има намера да ги искорени поддржувачите на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој живее во САД, и кој е обвинет дека го организирал обидот за пуч. Ѓулен ги отфрла ваквите обвиненија.

Полициските раководители на 61 од 81 округ во Турција биле прераспоредени на должности надвор од нивните окрузи, според указ, објави Службениот весник. Во соопштението не се наведува кога стапиле на сила смените на работните места. гт/зш/15:15

###



Над три милијарди евра ќе влезат во економијата на Грција преку финансиски инструменти

Москва, 26 октомври 2016 (МИА) – Над три милијарди евра ќе влезат во економијата на Грција врз основа на инвестициски план, попознат како „план Јункер“, како и според резултат на активирање други европски финансиски инструменти.

Грчкиот министер за економија Јоргос Статакис нагласи во Парламентот дека Грција ќе добие финансиски средства врз основа на планот Јункер  - еден дел од парите, 1,2 милијарди евра, ќе бидат за заеми за потреби на мали и средни фирми.

До крајот на годината се очекува да бидат отпочнати три нови финансиски инструменти, во рамки на кои во Грција ќе влезат уште 1,9 милијарди евра. гт/зш/18:22

###



Вкупно 316 косовски граѓани заминале на странските боишта

Приштина, 26 октомври 2016 (МИА) – Според податоци на косовската полиција, 316 луѓе од Косово се наоѓаат на странски боишта. Меѓу нив има 44 жени и деца.

Проценките се дека во воените конфликти учествуваат уште 140 граѓани од Косово и 77 се вклучени во работа на терористички организации.

– Педесет и осум лица од Косово загинале, а најголем дел од нив ги убиле терористи во обид да напуштат зона на судири. Успеале да се вратат 117, кои се на возраст од 17 до 27 години, главно со ниско образование и лоша финансиска состојба. Меѓу нив има и лица со полициско досие, изјави Блерим Рама од Управата за контратероризам во косовската полиција. гт/зш/19:33

###



Обама и Ердоган вo телефонски разговор ги планирале следните дејствија против ИД

Вашингтон, 27 октомври 2016 (МИА) - Претседателите на САД и Турција, Барак Обама и Реџеп Тајип Ердоган вчера во телефонски разговор ги разгледувале следните чекори во воената операција против терористичката групација Исламска држава, соопшти прес-службата на Белата куќа.

Обама дал висока оцена за учеството на Турција во акциите, особено поддршката на Анкара за сириските вооружени групи, коишто ги поттиснаа џихадистите од сириско-турската граница, пренесува ТАСС.

Американскиот претседател посочи и на неопходноста од тесна координација меѓу Вашингтон и Анкара со цел умножување на успесите и елиминирање на заканата, наречена Исламска држава. Тој исто така, го поздравил и постојниот дијалог меѓу Анкара и Багдад за меѓусебна соработка во Ирак.

Двајцата шефови на држави се согласиле околу почитувањето на територијалниот интегритет на Ирак и дека Курдската работничка партија, што и Вашингтон и Анкара ја сметаат за терористичка организација, не треба да добие засолниште во Северен Ирак.  си/ссм/08:28

###



Хисени: Во септември шестмина Косовци се приклучиле на ИД

Приштина, 27 октомври 2016 (МИА) – Веста на медиумите дека неколку косовски државјани заминале на воените жаришта во Сирија и Ирак ја потврди и косовскиот министер за внатрешни работи Скендер Хисени.

Тој, како што пренесува порталот Албеу, потврди дека по една година „одмор“ граѓани од Косово повторно почнале да заминуваат за Сирија и Ирак.

- Од крајот на месец септември имаме шест случаи кои таму заминале по различни патишта. Зборуваме за бројки, регистрирани случаи, бидејќи никогаш не ја отфламе можноста некој радикализиран да најде и трети патишта, изјави Хисени.

Според него произлегува дека околу 70 граѓани од Косово се наоѓаат во конфликтните зони во Сирија и Ирак, додека од 2013 година косовската полиција отворила истрага за над 200 лица. Уапсени се 119, а осудени се 35 лица за поврзаност со терористички групи.

Официјалната статистика потврдува дека животот на боиштата во Сирија и Ирак го загубиле шеесеттина косовски граѓани, но неофицијално бројката е над 70. вт/ссм/07:33

###

 



Косово поставува нови услови за продолжување на дијалогот со Србија, Белград ги отфрла

Белград, 27 октомври 2016 (МИА) - Српската Влада ќе ги разгледа денеска новите услови, кои ги постави Приштина за продолжување на дијалогот со Белград, пишуваат денеска српските весници. 

- Доколку Приштина смета дека треба да разговара со ултиматуми и навистина не е подготвена да разговара на друг начин и ако она што се соопштува се услови за продолжување на дијалогот, тоа значи дека тие се откажуваат од дијалогот и оти нема да има дијалог, изјави директорот на српската владина Служба за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ.

- Во секој случај ситуацијата е мошне сериозна и јавноста ќе биде информирана за натамошните чекори, додаде тој.

Косовскиот министер за дијалог со Белград, Едита Тахири претстави вчера пред парламентарна комисија документ, предаден во Брисел, кои ги содржи клучните точки или услови на Приштина за да ги продолжи разговорите со Белград.

Меѓу нив се утврдувањето на границата меѓу Косово и Србија, исплаќањето воени репарации, добивање гаранции од ЕУ дека Србија ќе го признае Косово, спречување на можноста Белград да го попречи приемот на Косово за членка на различни меѓународни организации, вклучувајќи ги и Обединетите нации, во спортски и културни организации и остранување на Косово од Уставот на Србија (во преамбулата на Уставот на Србија е запишано дека Косово е нераскинлив дел од Србија).

Српскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави дека Србија воопшто не планира да разговара за новите услови на Приштина и оти бриселскиот дијалог или ќе биде неутрален во однос на статусот на Косово или воопшто нема да се одржува. 

- Ако ова се условите, тогаш нема да има дијалог и тоа повеќе не е проблем на Србија. Дијалогот или ќе се води како неутрален во однос на статусот на Косово или нема да го има. Србија е целосно јасна. Во такви услови со сигурност нема да има дијалог, рече Дачиќ. ац/ссм/09:00

###



Операција на полицијата во Истанбул против приврзаници на ИД

Истанбул, 27 октомври 2016 (МИА) - Полицијата во Истанбул изутринава спроведува операција против осомничени поддржувачи на групацијата Исламска држава, јави турската телевизија НТВ. 

Екипи за борба против тероризмот на истанбулската полиција извршуваат претреси во голем број домови во квартовите Фатих, Башакшехир, Пендик и Картал. 

Досега се приведени повеќе поддржувачи на џихадистичката групација, а меѓу нив има и странски државјани. ац/ссм/10:11

###



Турција ќе инвестира 10 милијарди долари за изградба на индустриска зона во Иран

Анкара, 27 октомври 2016 (МИА) - Истанбулската индустриска комора планира да инвестира 10 милијарди долари во изградба на првата странска индустриска зона во Иран, пишува весникот „Милиет“. 

Весникот се повикува на изјавата на иранскиот заменик-министер за индустрија, рудници и трговија Али Јездани, кој посочи дека согласно со договорот со Истанбулската индустриска комора, индустриската зона ќе биде со големина од 500 хектари. 

Јездани истакна дека досега има одделни странски инвестиции во различни индустриски зони во Иран, но дека ова ќе биде првата индустриска зона која ќе биде изградена од странци. 

Тој додаде дека на Истанбулската индустриска комора и биле предложени 15 реони за индустриски зони и дека преговорите со Турција за финализирање на договорот продолжуваат. см/ссм/11:16

###



Нови апсења во Турција на лица осомничени за поврзаност со Фетулах Ѓулен

Анкара, 27 октомври 2016 (МИА) - Налози за апсење на 73 пилоти, од кои 71 постар поручник, се издадени во рамки на истрагата на Главното обвинителство во Конија против лица осомничени за поврзаност со Фетулистичката терористичка организација (ФЕТО), пишува весникот „Милиет“. 

Полицијата  спроведе операција за апсење на тие лица во 17 окрузи во земјата, меѓу кои и Конја.

Турските власти ја обвинуваат групацијата ФЕТО, на проповедникот Фетулах Ѓулен, кој живее во САД, дека стои зад обидот за преврат на 15 јули. 

Истовремено нови налози за апсење во рамки на истрагата за ФЕТО се издадени во многу окрузи на земјата. ац/ссм/12:09

###



Преговорите за Кипар продолжуваат во Швајцарија

Никозија, 27 октомври 2016 (МИА) - Преговорите за решавање на кипарското прашање ќе продолжат во Швајцарија, каде што лидерите на етнички поделената островска држава ќе се сретнат наредниот месец, стои во соопштение на Обединетите Нации.

Разговорите ќе се водат во Мон Пелерин, од 7 до 11 ноември, при што акцентот ќе биде ставен на територијалните аспекти на кипарскиот проблем, пренесува БТА.

Во соопштнието се наведува и дека на вчерашната средба во Никозија, лидерот на кипарските Грци, Никос Анастасијадис и претставникот на турската заедница Мустафа Акинџи изразиле надеж дека разговорите во Швајцарија ќе го подготват теренот за последната фаза од преговорите. Ако двете страни постигнат спогодба, тоа ќе оди на референдум.

Претходниот план на ОН за решавање на кипарскиот проблем беше отфрлен на референдум во 2004 од страна на грчката заедница поради недостиг од гаранции за немешање на Турција во внатрешната политика на Кипар.

Мировните преговори за Кипар се водат од 1974 година. Дипломати велат дека Анастасијадис и Акинџи се умерени политичари и се досега најдобрата можност за постигнување спогодба.

Островот беше поделен по турската инвазија во 1974, причинета од обид за воен преврат на грчки анексионисти, кои имаа за цел Кипарската Држава да ја присоединат кон Грција. По неуспешниот воен удар, 30.000 турски војници останаа во северниот дел на државата, којшто е признат како независна држава единствено од Анкара.

Двајцата лидери повеќе од една година водат разговори во Никозија. Сепак, за очекување беше најкритичните етапи од преговорите да бидат спроведени в туѓина, за да се избегне евентуално протекување информации, што би ја компромитирало преговарачката тактика на двете страни, посочува БТА.  си/ссм/13:27

###



Грчките хотелиери сокриле четири милиони евра приход

Атина, 27 октомври 2016 (МИА) - Генералниот секретаријат за јавни приходи на Грција регистрира значително даночно затајување во хотелите и другите сместувачки капацитети за време на летниот период.

Новиот тип на контроли кои Генералниот секретаријат за првпат ги примени, открија огромни разлики меѓу приходите кои ги пријавиле хотелите и бизнисите за изнајмување соби, и оние кои ги пресметале инспекторите преку индиректни начини.

Според податоците, регистрирани се отстапувања од проценетите приходи во вредност од четири милиони евра. Во некои случаи хотелите пријавиле нула приходи или неколку десетици евра, а проценетиот реален износ бил 180.000 евра.

Генералниот секретар за јавни приходи, Јоргос Питсилис изјави дека иснпекции биле извршени во 2.123 сместувачки единици, вклучувајќи 1.548 хотели и 578 бизниси за изнајмување соби. јт/ссм/12:12

###



Влошена позицијата на Грција во Дуинг Бизнис 2017

Атина, 27 октомври 2016 (МИА) - Грција падна за три места во извештајот Дуинг бизнис 2017 на Светската банка, од 58 на 61 позиција од 190 рангирани земји.

Ова е втора година по ред како грчката позиција е влошена на листата, поради тоа што постојаните пречки за претприемништвото ги бркаат инвеститорите, што е еден од главните услови за закрепнување на грчката економија.

Грција годинава има ист резултат како во 2015 година што укажува на стагнација во период кога се неопходни брзи реформи, додека другите земји преземат дополнителни чекори и имаат предност во однос на Грција во подобрување на бизнис активностите и привлекување на инвеститори. јт/ссм/12:21

###



Обама нема да посредува за нова спогодба меѓу Грција и ЕУ

Атина, 27 октомври 2016 (МИА) - Американскиот претседател Барак Обама нема да биде посредник за нова спогодба помеѓу Грција и Европската Унија, изјави портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест.

Како што пренесува грчкиот весник „Прото тема" на својата веб-страница, Обама пристигнува во посета на Грција на 15 ноември, а грчката Влада се надеваше на можно негово вмешување по прашањето за долгот на Атина. Проблемот со државниот долг на Грција предизвикува разногласија кај меѓународните кредитори, па така Меѓународниот монетарен фонд настојува на опцијата за преструктурирање на долгот. Берлин од своја страна, и натаму го одолговлекува решението, се вели во написот. 

Со вчерашната изјава, Ернест „ги потона“ надежите на Атина и рече дека се очекува американскиот лидер да побара продолжување на реформите ветени од страна на Атина, посочува уште „Прото тема".

Порталот на „Катимерини" пак, од изјавата на портпаролот, нагласокот го стави на „историската одлука на Обама да ја посети Грција“.

Ернест говореше и за долгогодишната соработка помеѓу САД и Грција, како и за големата грчка заедница во Америка.

Престојот на американскиот претседател во Грција ќе биде дводневен. Планирани се средби со претседателот Прокопис Павлопулос, премиерот Алексис Ципрас и евентуална посета на бегалски камп.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Наставникот по географија го завртел глобусот и го прашува ученикот кој треба да одговори:
- Што е ова?
- Почнуваат вести - одговорил ученикот.
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
1191.- Почна зографирањето на црквата "Свети...
1284.- Роден е англискиот крал Едвард II....
1595.- Во Рим умре Торквато Тасо, италијански...
1599.- Роден е водачот на Англиската револуција...