Вести / Балкан
Коалицијата „За европска Србија“ прогласи победи на изборите во Србија
Белград, 11 мај (МИА) - Коалицијата „За европска Србија“ предводена од Демократската партија (ДС) на српскиот претседател Борис Тадиќ вечерва прогласи победа на денешните предвремени парламентарани избори во Србија.
- Во овој момент е важно тоа што граѓаните на Србија без сомнеж го потврдија јасниот европски пат на Србија, изјави Тадиќ на прес-конференција во Белград на која ја прогласи победата на изборите на неговата коалиција.
Тој нагласи дека сега е најважно да се формира нова влада што е можно побрзо.
Српската Републичка избора комисија (РИК) соопшти дека според досега обработените податоци коалицијата „За европска Србија“ освоила 35,06 отсто од гласовите, а Српската радикална партија (СРС) 28,12 проценти.
Коалицијата на Демократската партија на Србија (ДСС) и Нова Србија (НС) осволила 10,75 проценти од гласовите, блокот предводен од Социјалистичката партија на Србија (СПС) 10,75 отсто, а Либерално демократската партија (ЛДП) 3,95 проценти, покажуваат податоците на РИК.
Според српската невладина организација Центар за слободни избори и демократија (ЦеСИД), врз основа на 80 отсто од обработените податоци, коалицијата „За европска Србија“ освоила 39 отсто од гласовите, пред СРС за која гласале 28 проценти од избрачите што денеска го искористија своето гласачко право.
Врз основа на овие податоци, коалицијата „За европска Србија“ во идниот состав на Собранието би имала 103 пратеници, а радикалите 66.
Според ЦеСИД, коалицијата на ДСС-НС осволила 11 проценти од гласовите и 30 пратеници, блокот на социјалистите 8 отсто и 21 мандат, а ЛДП 5,2 проценти и 13 пратенички места.
Од партиите на малцинствата, Унгарската коалиција освоила 4 пратеници, „Листата за европски Санџак“ три, а коалицијата на Албанците од југот на Србија еден пратеник.
Изборниот штаб на коалицијата „За европска Србија“ информира дека овој блок освоил 38 отсто од гласовите, а радикалите 28,1 процент. Врз основа на овие резултати на коалицијата „За европска Србија“ и припаднале 103 пратенички места, а на СРС - 76.
Според податоците на коалицијата „За европска Србија“, блокот на ДСС и НС освоил 11 отсто од гласовите и 30 пратеници, сојузот на СПС добил осум проценти и 21 мандати, а ЛДП освоила 5,4 отсто од гласовите и седум пратеници.
ДСС ги потврди ваквите резултати објавувајќи дека според нејзините досега обработени податоци, колаицијата на ДС освоила 38,1 проценти од гласовите, радикалите 29,1, а блокот ДСС-НС 11,8 отсто.
Членката на блокот „За европска Србија“, партијата Г17 Плус соопшти дека оваа коалиција победила и на изборите за членови на покраинското Собрание на Војводина освојувајќи 33,6 проценти од гласовите, пред СРС со 29,9 отсто.
Третопласирана на покраинските избори во Војводина е Унгарската коалиција со 9,1 отсто, пред Лигата на социјалдемократите на Војводина со седум, СПС со 5,6, ДСС со пет и ЛДП со четири проценти.
На изборите за одборници во Собранито на Белград, според Г17 Плус, коалицијата „За европски Белград“ освоила 39,9 отсто од гласовите, пред СРС со 33,7, ДСС-НС со 11,3, ЛДП со 7,3 и блокот на СПС со 5,3 проценти.
Одѕивот на изборите бил над 61 отсто.
|
|