
|
 |
Вести / Балкан
|
|
Турција ја провоцира Грција преку официјалниот сајт на турското МНР, тврди грчкиот печат
Атина, 12 мај (МИА) - Серија турски провокации кон Грција овој пат се појавија на официјалниот сајт на Министерството за надворешни работи на Турција, пишува денеска атинскиот весник „Елефтерос“.
Весникот наведува дека провокациите се појавиле само неколку дена по разговорите на шефовите на дипломатиите на двете земји, што се одржаа минатата седмица во Брисел.
- Така и овој пат се покажа дека насмевките и љубезноста на министрите пред телевизиските камери се далеку од реалноста, коментира „Елефтерос“.
Грчкиот весник „Етнос“ објавува делови од интернет страницата на турското МНР, во кои, според весникот, се дава оценка дека „Грција е опседната со силна желба за територијална експанзија преку прекршување на Лозанскиот договор со Турција“ и дека „турското малцинство во грчка Тракија живее во забранета воена зона“.
Според весникот, на сајтот на турското МНР било наведено дека „секое дејство од страна на Грција за проширување на нејзините територијални води надвор од пропишаните шест морски милји во Егејското море е неприфатливо за Турција и ќе се смета за казус бели (причина за војна)“.
Во текстот, за кој грчките весници тврдат дека се наоѓа на официјалниот сајт на турското МНР, се нагласува дека Грција во нејзиниот стремеж за „хомогенизација“ на сопствената нација не го прифаќа идентитетот на останатите етнички групи во земјата - Македонци, Албанци, Власи, Бугари, Турци, Евреи и Муслимани.
- Според текстот на сајтот геноцидот врз црноморските Грци е „најобична пропаганда“ насочена против Турција, потенцира „Етнос“.
Весникот цитира и друг извадок од текстот во кој се наведува дека дестабилизацијата на Турција е „примарна“ цел на Грција.
Весникот „Катимерини“ ја објавува реакцијата на портпаролот на грчкото Министерство за надворешни работи, Јоргос Кумуцакос, кој наведува дека Атина внимателно го следи сајтот на турското МНР во неговиот дел за односите со Грција и дека се преземени сите дипломатски мерки.
Претставник на најголемата опозициска партија во Грција - ПАСОК за весникот „Елефтеротипија“ го окарактеризира сајтот на турското Министерство како „провокативен“ и „целосно неточен“, при што додава дека Турција во последно време почнала да се оддалечува од демократијата.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|