петок, 08.08.2008

  IDIVIDI Мени
Клуб на пријатели
Вести / Балкан

МИА БИЛТЕН БАЛКАН: Политика - Финансии

Македонска Информативна Агенција

  _____  

М И А    Б И Л Т Е Н

Скопје, 16 мај 2008

 

БАЛКАН: Политика - Финанси


Македонската информативна агенција - МИА, вестите во МИА БИЛТЕНОТ ги прнесува во изворна форма. Тие не го одразуваат секогаш ставот на МИА.

13 мај

Средба на претседателот Црвенковски со амбасадорите на државите членки на ЕУ

Скопје, 13 мај (МИА) - Претседателот Бранко Црвенковски денеска имаше средба со амбасадорите на државите членки на Европската унија во Република Македонија.

Во воведното обраќање пред амбасадорите, тој апелираше до учесниците во изборниот процес да дадат придонес за фер и демократски избори, а инцидентите што се случија во изминатите два дена да бидат последни.

- Поради тоа главна задача на сите нас, а тука би сакал да ве поканам и вас дипломатските претставници во Скопје, е да апелираме и да укажуваме дека учесниците на изборите треба да придонесат за креирање атмосфера во која нема да биде толку важно кој ќе победи туку многу поважно да биде државата да не загуби“, рече претседателот Црвенковски.

Тој ги повика раководствата на ДПА и на ДУИ да се соочат со својата одговорност и да ги смират тензиите меѓу нивните активисти, а од МВР побара брзо и ефикасно откривање на предизвикувачите на инцидентите и покренување соодветни постапки бидејќи, како што рече, секој нерасветлен инцидент и секој несанкциониран насилник претставува охрабрување за ново насилство.

По организирањето фер и демократски избори, според Црвенковски, прва цел на новата влада што би требало да се формира во најкус рок е да ги интензивира разговорите околу спорот за името и во исклучително краток временски период да демонстрира напредок во осумте клучни области посочени од Европската комисија, а се со цел во октомврискиот извештај на Комисијата да се најде и препораката за почнување преговори со Република Македонија.

Шефот на македонската држава осврнувајќи се на преговорите со Грција за спорот со името рече дека тој може да биде решен само доколку има волја за компромис од двете страни.

- Доколку се настапува од позиции на сила и се наметнува решение кое ќе го загрози нашиот национален идентитет и достоинство на нашиот народ и граѓани тогаш решение ќе нема, рече Црвенковски.

Интегрирањето на Република Македонија во НАТО и ЕУ, според него, треба да придонесе кон трајна стабилизација и развој, а ако цената која треба да се плати за полноправно членство е толку висока што би предизвикала внатрешни поделби и дестабилизација тогаш не само што тие резултати нема да се постигнат туку ќе се случи спротивното.

Тој ги прокоментира и серијата инциденти во кои, како што рече, жртви на насилство и понижување се македонските граѓани.

- Ако на тоа се придодадат неколку проблематични мерки од економски карактер со кои се загрозуваат интересите на македонски фирми и компании се добива амбиент кој дефинитивно не придонесува ниту за добрососедските односи ниту за јакнење на меѓусебната доверба, рече македонскиот претседател, додавајќи дека почитувањето на принципот на добрососедски односи не треба да се бара само од земјите-аспиранти туку и од земјите-членки на Европската унија.

Осврнувајќи се на регионалните состојби, Црвенковски се задржа на прашањето на независноста на Косово и притоа истакна дека новата влада што ќе се формира веднаш по изборите ќе треба брзо да изгради став за косовското прашање кое, како што рече, било одложувано заради Самитот на НАТО и претстојните избори.

- За Македонија од исклучителна важност е процесот на демаркација на нашата северна граница да започне и да заврши како што е предвидено со планот на Ахтисари. Секое друго решение кое би значело фактичко започнување нови преговори за границата ќе отвори серија други проблеми, а тоа во овој момент му е најмалку потребно на Косово, на Македонија и на регионот во целина, истакна претседателот Црвенковски.

Тој додаде дека македонскиот став по ова прашање треба да се изгради земајќи го предвид ставот на мнозинството земји-членки на ЕУ и НАТО и да биде одраз на структурата и расположението на македонските граѓани. 

Славка Каленикова реизбрана за претседател на Трговската комора при ССК

Скопје, 13 мај (МИА) -  Славка Каленикова, досегашен претседател  Трговската комора при Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), на редовно годишно собрание на Комората повторно е реизбрана на функцијата. Ова е втор мандат за Каленикова.

- Најголем приоритет меѓу другото ќе дадеме на натамошно намалување на трговскиот дефицит и создавање на поповолни услови за развој и унапредување на малите и средните претпријатија, а преку коморското работење ќе ја подобриме бизнис климата во Македонија, изјави Каленикова по реизборот.

Според неа, зголемувањето на членството за 40 отсто во изминатите две години јасно покажува дека коморското работење се повеќе станува актуелно за успешно решавање на присутните проблеми што ги оптоваруваат малите и средните трговски компании.

На годишно собрание на Трговската комора беше разгледано и досегашното работење  на Комората и усвоена програмата за работа во наредниот период.

Хрватска „Ингра“ најавува инвестиции во модернизација на „Маврово“

Скопје, 13 мај (МИА) - Инвестиции во модернизација на македонската градежна компанија „Маврово“, вклучување на компанијата во проектите на хрватската компанија „Ингра“, задржување на работа на 1.100 вработени и отворање нови работни места најавува хрватска „Ингра“ која  успешно ја презеде  „Маврово“.

Раководниот тим на „Ингра“ денеска на прес-конференција истакна дека приоритетните прашања за нив ќе бидат решавањето на заостанатите долгови на „Маврово“, преструктуирањето на компанијата и задржување на сите 1.100 вработени. За таа цел формиран е транзициски тим на чело со Маријан Костренчиќ кој треба да помогне во преструктуирањето на компанијата. 

- Сакаме „Маврово“ повторно да го вратиме како партнер на „Ингра“ како што тоа беше пред 20-30 години оти сметаме дека со својот кадар има таква можност. Со „Маврово“ сакаме да одиме во регионот и светот, рече Костренчиќ.

Потпретседателката на Управата на „Ингра“, Јасна Лудвигер вели дека во моментов заедно со „Маврово“ подготвуваат понуда за изградба на брана во Алжир.

- „Маврово“ има прекрасен тим стручни лица и посакувам да ја добиеме првата заедничка работа во Алжир, подвлече Лудвигер.

Раководниот тим на „Ингра“ вели дека е свесен за долговите на „Маврово“ и оти се надеваат дека во најскоро време овој проблем ќе се реши.

Хрватска „Ингра“ стана сопственик на 79,01 отсто од акциите на „Маврово“. Со 52,08 отсто од акциите „Ингра“ се стекна по пат на јавна понуда која заврши кон крајот на минатиот месец, а останатиот дел од акциите ги обезбеди преку Македонската берза.

Хрватската компанија „Ингра“ постои од 1955 година и има изведено околу 800 инвестициски проекти во 30 земји во светот. Во 2007 година вкупниот приход на компанијата е 700 милиони куни, а вкупната добивка е над 70 милиони куни. Присутни се во Германија, на Блискиот Исток, рускиот пазар и на подрачјето на Либија и Алжир.

Приштина демантира дека за 12 дена почнува демракацијата на македонско-косовската граница

Тирана, 13 мај (МИА) - Кабинетот на косовскиот премиер Хашим Таши ги негира информациите објавени во некои медиуми дека за 12 дена ќе почне демаркацијата на границата меѓу Македонија и Косово, пренесува денеска тиранската телевизија Топ-ченел. 

Според претставник на кабинетот на Тачи на кого се повикува Топ ченел, првично било договорено на 9 мај екипите за демаркација да бидат на терен, но владини извори од Скопје изјавиле дека поради предвремените парламентарни избори во земјата бил пролонгиран процесот за обележување на границата со Косово.

И претседателот на косовската делегација за демаркација на границата меѓу Косово и Македонија изјавил дека нема определни рокови за ова прашање. Тој вели дека  Приштина нема да упатува луѓе на терен за демаркација на границата  се додека не биде сигурна дека се исполнети „сите технички предуслови“, јави Топ-ченел.

Албанскиот премиер Бериша го осуди оружениот напад врз лидерот на ДУИ

Тирана, 13 мај (МИА) - Албанскиот премиер Сали Бериша го осуди вчерашниот оружен напад врз лидерот на ДУИ Али Ахмети и го оцени како тежок инцидент чија цел е да  ги наруши мирот и стабилноста во Македонија.

Во соопштението од неговиот кабинет, објавено на владиниот веб сајт, се вели дека Бериша изразува уверување дека македонските власти ќе сторат се за да ги идентификуваат, уапсат и да ги изведат пред судските органи  оние што извршуваат вакви дела. 

Груевски му ја честита изборната победа на Тадиќ

Скопје, 13 мај (МИА) - Премиерот Никола Груевски денеска му испрати честитка на претседателот на Демократската партија Борис Тадиќ по повод победата на коалицијата „За Европска Србија” на вонредните парламентарни избори во Република Србија.

- Ја користам оваа пригода да го искажам моето искрено задоволство од одржаните фер и демократски избори и изборните резултати, кои ја отсликуваат определбата на граѓаните на Република Србија за демократска,  европска и евро-атланска иднина. Секој изборен успех на демократските сили во регионот претставува голема победа за подобрата иднина и заедничкиот просперитет за граѓаните на овие простори, наведува Груевски.

Тој во честитката изразува надеж дека во наредниот период Македонија и Србија ќе продолжат да работат на јакнење на демократскиот, економски, социјален и безбедносен просперитет во регионот. 

Славески: Податоците за април покажуваат дека инфлацијата е сопрена

Скопје, 13 мај (МИА) - Инфлацијата и растот на цените се запрени, тврди министерот за финансии Трајко Славески.

- Податоците покажуваат дека инфлацијата е сопрена. Растот на цените е сопрен ако го споредите април со март затоа што порастот на цените е само 0,4 отсто, изјави министерот Славески при посетата на наслебата Топанско Поле.

Тој истакна дека се надева оти  во тект на овој месец ќе има намалување на цените кај голем број производи.

- Мислам дека  во мај ќе имаме намалување на приличен број на цени, а инфлацијата ќе биде уште пониска и до крајот на годината ќе го постигне она ниво кое што го предвидовме и го договоривме со ММФ, односно да не биде повисока од пет отсто, истакна Славески. 

„ДХЛ Експрес“ инвестира два милиона евра во Македонија

Скопје, 13 мај (МИА) -  Курирската компанија „ДХЛ Експрес“ - Македонија го шири својот бизнис во земјава и инвестира два милиона евра во нови простории и царински складишта.

Компанијата денеска одбележа 15 години од своето постоење во Македонија и најави долгорочни планови за проширување со цел побрзи и посигурни услуги во експресната испорака.

Според Гари Кејмп, регионален директор на „ДХЛ Експрес“, бизнис климата во Македонија е поволна, а економијата продолжува да расте.

- Македонија е привлечна бизнис дестинација. Инвестицијата од два милиона е јасен сигнал дека планираме долгорочно да го развиваме својот бизнис тука, рече Кејмп.

Во светски рамки ДХЛ е една од најголемите компании во бизнисот на испораки. Лани оствари обрт од 63 милијарди евра. Поседува сопствена флота од 350 авиони, присутна е во 220 земји, а вработува половина милион лица.

Министрите Селмани и Славески го посетија пунктот за превентивни здравствени прегледи во Топаана

Скопје, 13 мај (МИА) - Министрите за здравство и за финансии Имер Селмани и Трајко Славески денеска го посетија пунктот за превентивни здравствени прегледи во скопската населба Топаана.

Во рамките на акцијата на Министерството за здравство за популаризирање на здравството и на здравствените мерки стотина граѓани од Топаана денеска  извршија бесплатни здравствени прегледи.

Токму оваа посета во Топаана, каде што живее претежно ромско население, рече министерот Селмани, покажа дека оваа кампања придонесува за подигнување на свеста кај граѓаните за превентивните прегледи.

- Продолжуваме со ваквите кампањи. До крајот на октомври предвидени се стотици илјадници вакви пунктови да функционираат. Граѓаните ништо не плаќаат, а прегледуваат крвен притисок, висина, тежина, шеќер и холестерол во крвта, добиваат брошури за здрав живот, истакна Селмани.

Министерот за финансии Трајко Славески појасни дека годишно кампањата чини 200 илјади евра.

- Сепак, кога ќе се направи една анализа на трошоците произлегува дека ваквите акции кои ја будат свеста за грижа за сопственото здравје и превентивно спречување на некои заболувања кои во иднина здравствениот систем можат да го чинат десеткратно повеќе, е секако за поздравување. Владата и натаму ќе продолжи со поддршка на ваков вид акции, рече Славески.

Како резултат на позитивното искуство од Кампањата „Здравје за сите“ спроведена во јули и август 2007 година, Владата на предлог на Министерството за здравство донесе Програма „Здравје за сите“ за 2008 година. За спроведување на активностите од Програмата обезбедени се вкупно 12 милиони денари. Кампањата со програмските активности под мотото „Здравје за сите“ започна на 7 април, Светски ден на здравјето, и со неа на сите граѓани им се дава можност да извршат бесплатен превентивен преглед, независно од нивниот статус на осигурување.

Целта на кампањата е да се стави акцент на потребата и значењето на превентивните прегледи, како можност за рано откривање и спречување на болестите. Оваа година се поставени поголем број пунктови во ромски средини низ цела Македонија и интензивирана е соработката на Министерството за здравство со невладините ромски здруженија за подигање на свеста кај ромското население за важноста на превентивните прегледи и навременото лекување.

Активностите се состојат во бесплатни лекарски прегледи, мерење крвен притисок, телесна тежина и висина, индекс на телесна маса, одредување шеќер и маснотии во крвта и други лекарски совети. При прегледите, граѓаните добиваат и совети за грижа за здравјето, начин на исхрана, заштита од високите температури, а се делат и промотивни печатени едукативни материјали за правилен начин на живот и исхрана.

Оваа година е предвидено околу 140.000 граѓани да направат бесплатни прегледи, се планира да се постават вкупно 68 пункта во 32 града во Републикава, од кои 34 во градските подрачја, додека 34 пунктови ќе ги покриваат руралните подрачја. Динамиката на спроведување на активностите е двапати месечно (по два пункта во град-село) во периодот од следните шест месеци. 

Боцевски: Процесот за демаркација се одвива согласно предвидената динамика

Скопје, 13 мај (МИА) - Заедничката комисија за демаркација на границата меѓу Република Македонија и Косово работи се уште на административно-техничките детали поврзани со нивната натамошна работа врз основа на јасно утврдените меѓународни правила, норми, договори и узанси, изјави денеска владиниот портпарол Ивица Боцевски.

Тој ги демантира албанските медиуми кои јавија дека преговорите се одложени поради изборите и истакна дека рзговорите и работата на Комисијата продолжуваат.

Боцевски посочи дека во моментов се работат правилниците и другите документи и дека во наредниот период целиот процес ќе продолжи се до завршувањето на целосната демаркација на границата меѓу Република Македонија и Косово.

- Процесот продолжува, во редовна комуникација се шефовите на преговарачките тимови, состаноците се одвиваат  согласно  предвидената динамиката. Подготовките течат и од оваа и од другата страна на границата. Ова е обемен процес кој содржи многу административни детали, многу технички детали кој се повикува на меѓународните договори, на меѓународните узанси, правила, норми и, се разбира, дека и во натамошниот период ќе се продолжи со активностите кои се веќе зацртани, нагласи владиниот портпарол. 

ЕБОР во Романија инвестирала повеќе од 3,5 милијарди евра

Букурешт, 13 мај (МИА) - Европската банка за обнова и развој  донесе нова стартегија за Романија, во која акцентот се става врз енергетиката, инфаструктурата и инвестициите во приватниот сектор.

Банката до сега инвестирала повеќе од 3,5 милијарди евра во 248 проекти во Романија.

Во соопштението на ЕБОР се наведува дека банката ќе им помогне на приватните фирми за зголемување на нивната конкурентна способност и ќе учествува во модернизација на можностите за производство на електрична енергија во земјата. 

Најавен нов раст на цените за поморски превоз во Грција

Атина, 13 мај (МИА) - Во текот на овој месец се очекува зголемување на цените за изнајмување на бродови и на билетите за фериботовите во Грција за уште 20 отсто, објави денеска грчкиот интернет сајт Ин њуз.

Како што пренесува МИА, ваквата најава била дадена за време на средба на грчкиот министер за трговска морнарица Јоргос Вулгаракис со претставници на секторот за поморски превоз.

Според нив, ова најново поскапување се должи на растот на цените на горивата.

Ова би било второ покачување на цените во поморскиот превоз во Грција за еден месец, откако кон крајот на април тие беа заголемни за 24 отсто.

Сопствениците на фериботови највија и дека размислуваат за укинување на некои линии поради нерентабилност. 

Новиот специјален претставник на ОН за Кипар допатува во Никозија

Никозија, 13 мај (МИА) - Новиот специјален претставник на генералниот секретар на ОН за Кипар, етиопскиот дипломат Таје-Брук Зерихун денеска допатува во Никозија, јави електронското издание на кипарскиот весник „Филелефтерос“.

Според портпаролот на Мировните сили на ОН на Кипар (УНФИЦИП), Хозе Диас, утре Зерихун ќе има одвоени средби со лидерите на двете кипарски заедници, Димитрис Христофиас и Мехмет Али Таљат.

Зерихан ја презеде должноста специјален претставник на генералниот секретар на ОН за Кипар на 7 мај. Тој на ова место го наследи Данецот, Михаел Мелер, кој се повлече од должноста кон крајот на март. 

ЕУ би прифатила вклучување на социјалистите во новата српска Влада

Брисел, 13 мај (МИА) - Европската унија денеска индирекно потврди дека би се согласила со вклучување на Социјалистичката партија на Србија (СПС), чиј долгогодишен лидер беше Слободан Милошевиќ, во новата српска Влада предводена од проевропските сили, пренесува МИА. 

Одговарајќи на новнарско прашање дали ЕУ би прифатила вклучување на СПС во новата српска владина коалиција, високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Унијата, Хавиер Солана изјави дека Брисел ќе ја поддржи секоја стабилна влада во Белград.

Солана истакна дела српските гласачи изразиле желба да бидат дел од ЕУ, додавајќи дека за Унијата е прифатлива „секоја влада која ќе ги оствари тие желби“.

- Сметаме дека (српските политички лидери) би требало да работат на формирање коалиција. Ние би сакале силна коалициска влада, која ќе го придвижи развојот на односите со ЕУ што е можно побрзо, рече Солана.

Лидерот на социјалистите, кои по неделните избори станаа клучен фактор за состав на идната влада на Србија, Ивица Дачиќ вчера изјави дека за формирање на нова владина коалиција прво ќе разговара со лидерите на блокот на Демократската партија на Србија (ДСС) и Нова Србија (НС), Воислав Коштуница и Велимир Илиќ, но не ја исклучи можност за договор и со коалицијата „За европска Србија“, предводена од Демократската партија (ДС) на српскиот претседател Борис Тадиќ.

Средбата меѓу Дачиќ и Коштуница е најавена за утре.

Лидерот на Европската народна партија (ЕПП), Вилфред Мартенс денеска изрази надеж дека при формирањето на новата влада Коштуница ќе го направи „европскиот избор“.

Мартенс нагласи дека е уверен оти и „покрај неговите резерви во однос на надворешно-политичките одлуки на ЕУ во текот на предизборната кампања, Коштуница сепак ќе го прифати изразениот европски избор на граѓаните“.

- Коштуница е голем патриот. Знам дека тој ќе направи патриотски избор, а тоа е европскиот избор, нагласи Мартенс.

ДСС на Коштуница е придружна членка на ЕПП, која ги обединува демохристијанските и конзервативните партии од Европа.

Српскиот претседател Тадиќ ги почнува неформалните разговори за нова влада

Белград, 13 мај (МИА) - Претседателот на Србија, Борис Тадиќ, ги почнува неформалните разговори со одделни партии кои се залагаат за стабилна, економски просперитетна влада, што ќе ја води земјата во ЕУ и ќе го чува интегритетот и суверениетот, односно Косово во рамките на Србија, соопшти денеска прес-службата на Претседателот на Републиката.

Тадиќ смета дека Влада, чија основа би биле Српската радикална партија и Демократската партија на Србија, не би ја водела Србија на вистинскиот пат и не би и донела стабилност на земјата.

„Претседателот на Србија ќе стори се Србија да добие влада, за која граѓаните и на претседателските и на парламентарните избори со своите гласови потврдија дека треба да биде проевропска“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Тадиќ.

Новата влада ќе работи ефикасно за доброто на апсолутно сите граѓани на Србија, на остварувањето на принципот на социјална правда, ќе ги штити правата на работниците и ќе создава услови за отворање нови работни места, порача Тадиќ.

Ромаснкиот Парламент изглаза Закон за здрава храна во училиштата

Букурешт, 13 мај (МИА) - Романскиот Парламент денеска усвои Закон според кој се забранува приготвување, продажба и дистрибуција на „брза храна“ во училиштата.

Предлог-законот беше поднесен од пратеници од повеќе партии под наслов „предлог-закон за здрава храна во училиштата“.

По изгласувањето на Законот, романското Министерство за здравство ќе изготви список со прехранбени производи кои не се препорачуваат за деца од предучилишната и училишната возраст. На листата ќе се најдат и производите кои содржат поголемо количество асти, шеќер, сол и засладувачи.

Пратениците кои гласаа за Законот за здрава исхрана на децата, наведоа дека „брзата храна“ придонесува за заболување на децата од дијабетис, дебелина и срцеви заболувања.

Рупел: Исходот од изборите во Србија важен за стабилноста на Балканот

Љубљана, 13 мај (МИА) - Шефот на словенечката дипломатија, Дмитриј Рупел, денеска оцени дека победата на проевропскиот блок на парламентарните избори во Србија е важна за стабилноста на регионот и неговиот натамошен економски развој.

- Задоволни сме што српските гласачи, исто така, ги одобрија напорите на словенечкото претстедателство со ЕУ, насочени кон давањето поддршка на европската иднина на Србија, вклучувајќи го и потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација и придружување кон крајот на април, рече Рупел во Љубљана по разговорите со претседателот на Европскиот парламент, Ханс-Герт Потеринг.

Рупел призна дека Косово и натаму останува предизвик за безбедноста и стабилноста на целиот западен Балкан, го пренесува словенечката агенција СТА соопштението на словенечкото претседателство со ЕУ.

Претседателот на Европскиот парламент оцени дека резултатите од парламентарните избори во Србија се позитивен сигнал кој покажува дека српските граѓани веруваат оти иднината на земјата е во Унијата.

Централна тема на разговорите на Рупел и Потеринг беше ситуацијата на западниот Балкан, како и улогата на ЕУ во решавањето на отворените прашања во регионот и во Грузија. 

Бугарија се соочува со недостиг на работна сила

Софија, 13 мај (МИА) - Бугарскиот премиер Сергеј Станишев на денешната тркалезна маса за економската ситуација во земјата изјави дека Бугарија се соочува со недостиг на работна сила поради што голем број на граѓани работаат во странство.

- Бугарија стана членка на Европската унија и нашиот економски пораст е стабилен. Но, во многу сектори има дефицит на работна сила. На Бугарија и е потребна специјална политика за да ги задржи блиските врски со емигрантите и да создадеме добри услови за ниовно враќање во татковината, истакна Станишев.

Тој истакна дека Владата треба да го насочи „вниманието“ и кон 50.000 Бугари кои студираат во странство и да ги охрабрат да се вратат во татковината. Станишев најави и дека ќе се издаваат така наречени „зелени карти“ за бугарските дисиденти кои живеат во странство, кои немаат бугарско државјанство, а сакаат да се вратат.

-„Сини карти“ ќе се издаваат за странските професионалци кои се подготвени да се населат во Бугарија, наведе Станишев.

Министерот за труд, Емилија Масларова истакна дека околу 500.000 Бугари во моментот живеат во земјите-членки на ЕУ, 200.000 во САД, 45.000 во Канада, 20.000 во Австралија и приближно толку до Јужна Африка.

Најголем недостиг на работна сила во Бугарија има во енергетскиот сектор, во градежништвото и туризмот. 

14 мај 

Вицепремиерот Ставрески ќе посети откупни пунктови за земјоделски производи во струмичкиот регион

Скопје, 14 мај (МИА) - Вицепремиерот Зоран Ставрески ќе ги посети откупните центри за земјоделски производи „Хортена“, „Џил“ и „Орце Пром“ во струмичкото село  Просениково.

Потпретседателот на Владата ќе се запознае со досегашниот откуп и откупните цени на земјоделските производи и проблемите со кои земјоделците се среќаваат за пласман на родот.

Ќе бидат презентирани и мерките кои Владата ги презема за зголемување на извозот на македонски земјоделски производи на странските пазари, подигнување на квалитетот и воведување стандарди во производството и подготовката на родот за пазар.

Министерот Славески на министерски дијалог на министрите за финансии на ЕУ и на земјите-кандидати

Скопје, 14 мај (МИА) - Министерот за финансии Трајко Славески ќе учествува на Министерскиот дијалог помеѓу министрите за финансии на земјите - членки на ЕУ и земјите - кандидати, што ќе се одржи денеска во просториите на Советот на Европската унија во Брисел.

Како што соопшти Министерството за финансии, на средбата, министерот Славески ќе ја претстави Претпристапната економска програма на Република Македонија за периодот од 2008 до 2010 година.

Во рамките на министерскиот дијалог, исто така, ќе бидат претставени и претпристапните економски програми на Турција и Хрватска.  

Претседателот Црвенковски ќе се сретне со лидерите на верските заедници во Македонија

Скопје, 14 мај (МИА) - Претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски,  по повод претстојните предвремени парламентарни избори, денеска ќе има работна средба со лидерите на верските заедници во земјава.

Како што соопшти Кабинетот на Претседателот, средбата ќе се одржи во Собранието на Република Македонија.

Регионална конференција на Програмата на Светската царинска организација за безбедност и олеснување на глобалната трговија

Скопје, 14 мај (МИА) - Царинската управа на Република Македонија денеска на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ организира регионална конференција во рамки на Програмата на Светската царинска организација за безбедност и олеснување на глобалната трговија (SAFE) со осврт на предизвиците на регионот.

Покрај претставници на македонската Царинска управа, на форумот ќе присуствуваат и претставници на царинските управи на Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и УНМИК- Косово.

На конференцијата ќе бидат презентирани најновите трендови и препораки на Светската царинска организација за подобрување на царинското работење, предвидени во Програмата за безбедност и олеснување на меѓународната трговија на таа организација, чија членка е и Република Македонија. Целите и принципите на SAFE програмата на Светската царинска организација, двата столба на SAFE програмата, условите за добивање статус на овластен економски оператор и македонските искуства во поглед на Single Window, се меѓу темите на форумот.

Предавачи на конференцијата ќе бидат Симон Ројалис и Александар Ратников од Светската царинска организација.

Конференцијата е организирана во соработка со Светската царинска организација, USAID - BEA - Проектот за подобрување на деловното окружување и Економскиот факултет од Скопје.

„Џонсон Мети“ ќе го презентира проектот за изградба на фабриката кај Бунарџик

Скопје, 14 мај (МИА) - Британската компанија „Џонсон Мети“ денеска во Скопје ќе го презентира проектот за изградба на фабриката за автомобилски делови во технолошко-индустриската развојна зона „Скопје“.

Презентацијата ќе ја одржат Колин Џефри, директор за стратешко планирање во „Џонсон Мети“ и Ли Свитленд, проект менаџер за Македонија. На презентацијата ќе се обрати и претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски.

„Џонсон Мети“ најави дека наскоро ќе почне изградбата на фабриката за автомобилски делови, а производството ќе стартува во мај 2009 година. Почетната инвестиција на британската компанија во земјава изнесува 55 милиони евра и ќе отвори околу 200 вработувања, а во наредните години се очекува значително зголемување на инвестицијата. Деловите за автомобилската индустрија што ќе ги произведува фабриката во Скопје ќе бидат наменети исклучиво за европскиот пазар.

Британската компанија „Џонсон Мети“ годишно остварува 12 милијарди долари приход и има 10.000 вработени во 50 земји.

Во април зголеменен индексот на цените на производи во индустриското производство

Скопје, 14 мај (МИА) - Индексот на цените на производителите на индустриски производи во април 2008 година е повисок за 10,7 отсто во однос истиот период минатата година, соопшти Државниот завод за статистика.

Според ДЗС, ваквото зголемување се должи, пред се, на зголеменото производство во групите: енергија за 15%, интермедијарни производи, освен енергија за 13,5%, капитални производи за 2,1%, трајни производи за широка потрошувачка за 2,6% и во групата нетрајни производи за широка потрошувачка за 4,6%.

Индексот на цените на производителите на индустриски производи во секторот вадење на руди и камен во април годинава, во однос на април претходната година, е понизок за 0.9%, во секторот преработувачка индустрија е повисок за 12,7%, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и топла вода е повисок за 1.0%.

Министерот Славески ја претстави Претпристапната економска програма на Македонија пред министрите за финансии на земјите членки на ЕУ

Брисел, 14 мај (МИА) - Делегација на Република Македонија, предводена од министерот за финансии Трајко Славески и гувернерот Петар Гошев, во Брисел учествуваше на Министерскиот дијалог помеѓу земјите членки на ЕУ и земјите кандидати, при што беше претставена Претпристапната економска програма на Република Македонија за периодот од 2008 до 2010 година.

Во своето обраќање, министерот Славески истакна дека Владата на Македонија во изминатиот период спроведе бројни структурни реформи, со посебен осврт на економијата, образованието, судскиот систем и здравството, што, како што рече, придонесе трендот на низок економски раст и зголемувањето на стапката на невработеност да прекине.

- Задоволство ми е да укажам дека економските резултати во Република Македонија во 2007 година се најдобри во изминатите 17 години, со позитивни движења во сите сектори на економијата, рече Славески.

Република Македонија, на 30 ноември 2007 година, до Европската комисија ја достави втората Претпристапна економска програма која ја отсликува владината економска политика на среден рок. Основна цел на програмата, според министерот за финансии, е забрзување на економскиот раст и развој на државата со цел намалување на невработеноста и подобрување на животниот стандард на македонските граѓани.

- Во Програмата се прикажани среднорочните макроекономски движења каде се опфатени случувањата во реалниот сектор, надворешниот и монетарниот сектор, презентирана е фискалната стратегија на Република Македонија, како и Стратегијата за управување со јавен долг, а воедно презентирани се и амбициозните структурни реформи, рече Славески.

Подготовката на програмата, додаде тој, претставува потврда за административниот капацитет на Република Македонија, затоа што ваквата програма се подготвува од бројни институции, а се координира од Министерството за финансии.

- Потврда за квалитетот на економската политика на Владата се и заклучоците усвоени денес од страна на министрите за финансии и економија на земјите членки на ЕУ во врска со преземените реформи и постигнатиот напредок во сферата на економијата и социјалата, истакна министерот Трајко Славески.

Во заклучоците, министрите на земјите членки на ЕУ истакнаа дека е евидентен прогресот направен од минатогодишното прво учество на Република Македонија во министерскиот дијалог, при што ја охрабрија Владата да продолжи со напорите за спроведување на структурните реформи кои ќе ја зајакнат конкурентноста на македонската економија и ќе ја зголемат атрактивноста на земјата за странските инвеститори.

Исто така, во заклучоците се истакнува дека надлежните институции во Република Македонија, и останатите земји кандидати за членство, треба будно да ги следат глобалните ризици кои може да произлезат од евентуалните идни зголемувања на цените на суровините и енергијата, како и од евентуалното намалување на надворешната побарувачка како резултат на предвидениот забавен раст во земјите кои се значајни извозни пазари за Република Македонија.

Регионална конференција за безбедност и олеснување на глобалната трговија

Скопје, 14 мај (МИА) - Појаснувањето на погодностите и карактеристиките на потребата за балансирање меѓу забрзувањето на трговијата и зголемувањето на капацитетите за спречување на нелегалната трговија со дрога, оружје за масовно уништување и стоки со двојна употреба, на бизнис заедницата и на надлежните институции за контрола на нелегален увоз во државата, е главна цел на регионалната конференција на тема „Рамката на стандарди на Светската царинска организација за безбердност и олеснување на трговијата“ што денеска се одржува во Скопје.

Конференцијата, која е во рамки на Програмата на Светската царинска организација за безбедност и олеснување на глобалната трговија (SAFE) со осврт на предизвиците на регионот, е организирана од Царинската управа на Македонија во соработка со Светската царинска организација, USAID - BEA - Проектот за подобрување на деловното окружување и Економскиот факултет од Скопје.

Покрај претставници на македонската Царинска управа, на форумот присуствуваат и претставници на царинските управи на Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и УНМИК- Косово.

- Рамката на стандарди за безбедност и олеснување на трговијата предвидува одредени критериуми за економски оператори што треба  да бидат идентични насекаде со цел да  има идентично спроведување на безбедносни мерки од нивна страна и од страна на царинските управи, како и меѓусебно признавање на проверките од една до друга царина, рече директорот на македонската Царинска управа Ванчо Каргов во поздравниот говор, потенцирајќи дека се работи на воведување на електронска можност за пренесување на информациите за транспортите меѓу царините.

Тој нагласи дека македонската Царина веќе има размена на пишани царински информации со Србија, Грција и Косово, а се прават напори размена да се прави со царините на Бугарија и Албанија.

- Во Македонија главен концепт во врска со воведувањето на рамката на стандарди е концептот на овластен економски оператор. Со измена на Царинскиот закон на почетокот на годинава веќе е воведена правната рамка за тоа, а во тек е подготовка на уредба за спроведување  на Законот во овој дел. Веќе работиме и на подготвка на акциски план за воведување овластен економски оператор, но тоа ќе потрае и очекуваме поконкретни резултати кон крајот на годинава, рече Каргов.

Директорот на македонската Царина истакна дека во Македонија околу 70-тина фирми веќе имаат поднесено барање за овластен економски оператор и оти се прават напори да се достигнат европските стандарди и локалното царинење да стане донминантно. Во моментов во Македонија доминира традиционалното царинење, односно терминалскиот начин на царинење.

- За достигнување на таа цел покрај бизнис заедницата поофанзивна улога треба да има Царинската управа. Во соработка со стопанските комори подготвуваме регионални презентации на кои ќе им предочиме на економските оператори кои се бенефициите од овој концепт, рече Каргов, нагласувајќи дека постои заинтересираност кај фирмите за добивање статус на овластен економски оператор.

Тој посочи дека се преиспитува регулативата за добивање статус овластен економски оператор особено кај малите и средни претпријатија, за кои, како што кажа, е констатирано дека има премногу ригориозни критериуми.

На конференцијата ќе бидат презентирани и најновите трендови и препораки на Светската царинска организација за подобрување на царинското работење, предвидени во најзината Програма за безбедност и олеснување на меѓународната трговија, а предавачи ќе бидат Симон Ројалис и Александар Ратников од Светската царинска организација.

Колин Џефри: Не очекувам повторно да преговарам за истиот проект на Џонсон Мети

Скопје, 14 мај (МИА) - Директорот за стратешко планирање на Џонсон Мети, Колин Џефри, очекува за две недели да се потпише договорот со Владата за земјиштето во Бунарџик на кое наскоро треба да бидат изградени објектите за најголемата фабрика за катализатори на компанијата. 

- Џонсон Мети не е политичка организација така што за секој случај даваме донации за сите политички партии. Она што ние го вреднуваме е стабилноста, транспарентноста и визијата и на крајот на краиштата она што очекувам да го потпишам за две недели е за 100 години, изјави Џефри по презентацијата на динамиката на изградбата на фабриката за катализатори на Џонсон Мети во Бунарџик, нагласувајќи дека не очекува повторно да преговара за истиот проект.

Тој појасни дека се во завршна фаза од преговорите со Владата за земјиштето во технолошко-индустриската развојна зона Бунарџик, на кое, како што кажа, за две до три недели треба да почне изградбта на објектите за производство на катализатори. Според него, објектите треба да бидат готови до октомври или ноември годинава, а производството на катализатори да почне во мај 2009 година.

- Иако условите се менуваат нашите очекувања се дека договорот што треба да го потпишеме со Владата претставува обврска за наредните 100 години барем од наша страна. Џонсон Мети  е неутрална кон локалната и националната политика и во една земја ја цени стабилноста и континуитетот. Работиме со администрацијата која во моментот е на власт, а доклку Владата се смени во јуни ќе продолжиме да работиме со новата влада, посочи Џефри.

Џонсон Мети ја презентираше динамиката на изградба на фабриката за катализатори

Скопје, 14 мај (МИА) - Британската компанија „Џонсон Мети“ денеска во Скопје ја презентираше динамиката на изградба на фабриката за катализатори во технолошко-индустриската развојна зона „Скопје“.

Почетната инвестиција на британската компанија во земјава изнесува 55 милиони евра и во почетокот ќе се отворат околу 250 вработувања, со најава дека бројот наскоро ќе се зголеми на 500. Деловите за автомобилската индустрија што ќе ги произведува фабриката во Скопје ќе бидат наменети исклучиво за европскиот пазар.

Директорот за стратешко планирање во Џонсон Мети, Колин Џефри рече дека фабриката што ќе биде изградена ќе биде најголемата фабрика на Џонсон Мети за производство на катализатори.

Тој очекува во следните две до три недели да започне изградбата на објектот кој треба да биде готов до октомври или ноември годинава, а во мај 2009 година да стартува со производство. 

Премиерот Никола Груевски, кој заедно со вицепремиерот за економски прашања Зоран Ставрески присуствуваше на презентацијата, рече дека ова е најголемата инвестиција во скопската технолошко-индустриска развојна зона, каој освен по вработувањето е значајна за Македонија и поради тоа што ќе придонесе за зголемување на извозот, ќе воведе нови технологии, ќе ја подобри конкуретноста и ќе внесе светски стандарди и принципи на работење каде што се цени човечкиот капитал и знаеењето.

Тој најави дека во периодот кој претстои ќе преземат повеќе од 50 конкретни мерки за понатамошно подобрување на бизнис климата.    

Директорот на Агенцијата за привлекување на странски инвестиции Виктор Мизо најави дека ќе продолжат да работат на привлекувањето на странски инвестиции во земјава.  

Британската компанија „Џонсон Мети“ годишно остварува 12 милијарди долари приход и има 10.000 вработени во 50 земји.

Џонсон Мети ја презентираше динамиката на изградба на фабриката за катализатори (ДПЛ)

Скопје, 14 мај (МИА) - Британската компанија „Џонсон Мети“ денеска во Скопје ја презентираше динамиката на изградба на фабриката за катализатори во технолошко-индустриската развојна зона „Скопје“.

Почетната инвестиција на британската компанија во земјава изнесува 55 милиони евра и во почетокот ќе се отворат околу 250 вработувања, со најава дека бројот наскоро ќе се зголеми на 500. Деловите за автомобилската индустрија што ќе ги произведува фабриката во Скопје ќе бидат наменети исклучиво за европскиот пазар.

Директорот за стратешко планирање во Џонсон Мети, Колин Џефри рече дека фабриката што ќе биде изградена ќе биде најголемата фабрика на Џонсон Мети за производство на катализатори.

Тој очекува во следните две до три недели да започне изградбата на објектот кој треба да биде готов до октомври или ноември годинава, а во мај 2009 година да стартува со производство. 

Премиерот Никола Груевски, кој заедно со вицепремиерот за економски прашања Зоран Ставрески присуствуваше на презентацијата, рече дека ова е најголемата инвестиција во скопската технолошко-индустриска развојна зона, која освен по вработувањето е значајна за Македонија и поради тоа што ќе придонесе за зголемување на извозот, ќе воведе нови технологии, ќе ја подобри конкуретноста и ќе внесе светски стандарди и принципи на работење каде што се цени човечкиот капитал и знаењето.

Тој потсети дека Владата во изминатите дваесет месеци презела низа реформски политики во насока на подобрување на бизнис климата и привлекување на странските инвеститори и најави дека во периодот кој претстои ќе преземат повеќе од 50 конкретни мерки за понатамошно подобрување на бизнис климата. 

- Во оваа прилика би ги издвоил претстојните законски измени кои ќе овозможат странците да купуваат земјиште и други недвижности и мерката за постигнување на флексибилност на работната сила. Со ова мерка ќе извршиме хармонизација на основиците, ќе спроведеме интегрирана наплата и намалување на социјалните придонеси, рече Груевски.

Тој најави дека  до 2011 година придонесот за пензиско осогурување ќе се намали од 21,1 на 15 проценти, придонесот за здравствено осигурување од 9,2 на 6 проценти и придонесот за вработување од 1,6 на 1 процент, и ќе се вовед систем на бруто плата што ќе придонесе за намалување на трошоците за работна сила, ќе го стимулира отворањето на нови работни места и ќе ја намали сивата економија.

Одлучни сме, додаде тој, да продолжиме со реформите, да работиме на планот Македонија да стане инвестициски рај и посакувана бизнис дестинација во Европа и во светот.

- Инвестициониот циклус е започнат, а инвестицијата на Џонсон Мети му дава квалитет и квантитет на тој циклус. Претстојат нови инвестиции кои ќе донесат висок и одржлив раст на македонската економија, благосостојба на македонските граѓани и зголемен профит на инвеститотрите кои ќе инвестираат во Република Македонија, истакна премиерот Груевски.    

Директорот на Агенцијата за привлекување на странски инвестиции Виктор Мизо рече дека ниските рамни даноци и поволната бизнис клима во Македонија биле одлучувачки за инвестирање на Џонсон Мети.

Ќе продолжиме, рече Мизо, да работиме на привлекување на инвестиции во Македонија за Џонсон Конрртол и Цонсон Мети да си добијат свои соседи во земјата.  

Британската компанија Џонсон Мети годишно остварува 12 милијарди долари приход и има 10.000 вработени во 50 земји.

Брисел ја охрабри Македонија да продолжи со структурните реформи во економијата

Скопје, 14 мај (МИА) -  Европските министри за финансии ја охрабрија Владата на Република Македонија да го продолжи спроведувањето на структурните реформи за да ја засили конкурентноста на македонската економија и да ја зголеми атрактивноста за странските инвестиции, изјави министерот за финансии Трајко Славески  по враќањето од Брисел каде што денеска ја презентира Претпристапната економска програма на земјава за периодот од 2008 до 2010 година.

- Во претходната фаза на подготовка добивме сугестии и коментари на првичниот текст и она што можам да го кажам од денешната средба е дека министрите за финансии и економија од Европската унија не охрабруваат дека направен е виден напредок во квалитетот на документот којшто треба да претставува основа за среднорочните политики, тоа значи неколкугодишен период за Република Македонија. Имено, на денешната дискусија и во моето излагање акцент ставив на политиките на Владата и на Народна банка за на некој начин контрола на растечките цени, односно на инфлацијата, понатаму мерките за намалување на невработеноста, политиката на Буџетот, односно состојбата со вишок во Буџетот и слично, рече Славески.

Ова е вторпат Република Македонија да подготвува таков документ. Документот е изготвен од страна на стручните служби во Министерството за финансии и секако одобрен од Владата на Република Македонија, додаде Славески.

Во Брисел денеска пред министрите за финансии и економија на земјите-членки на Унијата, покрај Македонија, дијалог со министрите по претходно доставени документи наречени Претпристапна економска програма водеа и Хрватска и Турција како земји со кандидатски статус за членство во Унијата.

Кралицата Елизабета Втора ја изрази поддршката на Велика Британија за членството на Турција во ЕУ

Анкара, 14 мај (МИА) - Британската кралица Елизабета Втора ја изрази поддршката на Велика Британија за членството на Турција во Европската унија за време на нејзината првата официјална посета на Турција по октомври 1971 година.

За време на синоќешната официјалната вечера, која турскиот претседател Абдула Ѓул ја приреди во чест на кралицата, Елизабета Втора ја опиша Турција како „полна со увереност динамична демократија“.

- Во оваа земја перспективата за присоединување кон ЕУ веќе помогна за поттикнување на промени, кои го подобруваат животот на нејзините граѓани. Турција има единствена позиција како мост меѓу Истокот и Западот во овој значаен момент за ЕУ и светот во целост, изјави кралицата Елизабета Втора.

Кралицата Елизабета Втора и нејзиниот сопруг принцот Филип вчера пристигнаа во четиридневна официјална посета на Турција.

За време на посетата ќе ги престојуваат и во Истанбул и Бурса.

Турскиот Парламент го отфрли барањето на опозицијата за гласање доверба на премиерот

Анкара, 14 мај (МИА) - Турскиот Парламент на вчерашната седница го отфрли барањето на опозицијата за гласање доверба на премиерот Реџеп Таип Ердоган поради прекумерна употреба на сила за време на првомајските демонстрации.

Заменик-претседателот на Народнорепубликанска партија на Турција, Кемал Анадол, кој се обрати пред Парламентот во името на пратениците кои го поднесоа барањето, изјави дека првомајските настани го разоткриле вистинското лице на владеачката Партија на правдата и развојот и ја прикажале Турција како држава која применува насилство.

Од друга страна турскиот министер за внатрешни работи, Бешир Аталај, изјави дека е горд на тоа дека „за време на првомајските демонстрации на никого не му бил раскрварен носот“.

Опозицијата го обвини премиерот Ердоган дека и дозволил на полицијата да употреби прекумерна сила врз демонстрантите.

Трите најголеми синдикални центри во Турција на 1 Мај организираа демонстрации на централниот истанбулски плоштад Таксим.

Турската Влада се спротистави на собирот, изјавувајќи дека располагаат со разузнавачки информации дека екстремисти планираат да предизвикаат безредија.

Околу 30 илјади полицајци беа ангажирани за оддржување на редот на 1 Мај и ги спречија демонстрантите да одржат митинг на Таксим. При судирите 38 демонстранти и шестмина полицајци беа повредени. Повеќе од 500 лица беа приведени.

Јапонските инвестиции во Романија изнесуваат шест милијарди евра

Букурешт, 14 мај (МИА) - Јапонските инвестиции во Романија изнесуваат шест милијарди евра и сочинуваат 0,35 отсто од приливот на странски капитал во земјата. Овие податоци се изнесени за време на средбата на заедничката романско-јапонска комисија во Букурешт.

На средбата јапонските бизнисмени повикале за формирање на заедничка романско-јапонска трговска комора.

Минатата година стоковната размена меѓу Романија и Јапонија изнесуваше 541 милиони долари.

Лавров: Резултатите од изборите го потврдија демократскиот карактер на Србија

Москва, 14 мај (МИА) - Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави денеска дека резултатите од парламентарните избори во Србија го потврдиле демократскиот карактер на српската држава, истакнувајќи дека Русија одржува контакти со сите политички сили во Србија и „оти нема предрасуди кон ниту едно политичко движење“.

- Сите тие го претставуваат српскиот народ, кој ни е близок, рече Лавров во Екатеринбург по средбата со шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмаер.

Тој додаде дека Русија „нема навика да влијае на внатрешните процеси во другите земји, како што тоа треба да го прават и останатите“.

Лавров укажа дека во прашањата на новинарите за резултатот од српските избори ја воочил „логиката“ дека резултатите од изборите треба да сведочат за тоа дека е победа „или на Русија или на ЕУ“. - На Русија таа логика и е непозната, рече Лавров и прецизираше дека „на Србија не треба да се гледа како на терен на натпревар меѓу Русија и Западот“. 

- Ние со ЕУ развиваме стратешко партнерство врз основа на почитување на заемните интереси, додаде Лавров. Тој го повтори ставот на Москва дека прашањето на Косово треба да се гледа во контекст на законите и почитувањето на меѓународните принципи.

Кипарскиот претседател го прими новиот спрецијален претставник на ОН за Кипар

Никозија, 14 мај (МИА) - Кипарскиот претседател Димитрис Христофиас го прими денеска новиот специјален претставник на генералниот секретар на ОН за Кипар, Таје-Брук Зерихун.

Зерихун, кој на оваа функција го замени Мајкл Молер, изјави дека му ја пренел на кипарскиот претседател поддршката на генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, за решавање на проблемот на поделениот остров.

- Ќе имаме можност во следните денови детално да го разгледаме проблемот на Кипар, изјави Зерихун и додаде дека ќе му биде потребно време да добие повеќе информации.

Тој подоцна денеска ќе се сретне со лидерот на кипарските Турци, Мехмед Али Талат. 

Дипломатот Зерихун, кој работи за ОН од 1981 година, претходно беше специјален претставник на ОН во Судан.

Министрите на ЕУ усвоија инвестициска рамка за Западен Балкан

Брисел, 14 мај (МИА) - Министрите за финансии на ЕУ усвоија денеска Инвестициска рамка за Западен Балкан, план кој што не предвидува дополнителни фондови за регионот, но би требало да ги олесни и забрза инвестиците и одобрувањето кредити за инфраструктурни проекти.

- Не станува збор за зголемување на сумите на пари, туку за зголемување на ефикасноста на инвестициите, појасни словенечкиот министер за финансии Андреј Бајук.

Еврокомесарот за економски и монетарни прашања Жоаким Алмунија изјави дека европските финансиски институции „се договориле да создадат инструмент кој подобро би подготвувал проекти кои ќе бидат финансирани со постоечки извори“.

ЕУ сака да ја постигне таа ефикасност со хармонизација на делување на сите институции кои се занимаваат со инвестирање и кредитирање на Западниот Балкан - од Европската комисија, преку Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој до Банката за развој на Советот на Европа.

Досегашната, компликувана процедура на добивање кредити од тие институции ќе биде значително олеснета со цел државите или компаниите кои сакаат да учествуваат во проектите би можеле поедноставно и поефикасно да ги искористат постоечките фондови. 

Би-Би-Си: Економијата на Косово е во многу лоша состојба

Приштина, 14 мај (МИА) - Осум години по бомбардирањето на НАТО, и покрај големите донации и советите на меѓународните експерти економијата на Косово е во многу лоша состојба, а особено голем проблем е недостигот на електрична енергија, коментира денеска лондонски Би-Би-Си.

- Граѓаните меѓу другото прашуваат во чии џебови заврши донацијата вредна дури милијарда и пол долари наменета за обнова на енергетската инфраструктура, наведува Би-Би-Си и додава дека без струја тешко дека ќе може да се придвижи било каква економска активност.

Дописникот на Би-Би-Си наведува дека прекините при испораките на електрична енергија се вообичаена појава во Приштина и дека на секој чекор може да се чуе работењето на генератори. 

Би-Би-Си потенцира дека недостигот на електрична енергија не ги засега само фирмите, туку и болниците и животите на обичните луѓе.

Експертите наведуваат дека капацитетот на Косовската електроенергетска корпорација (КЕК) изнесува околу 800 мегавати струја дневно, но потребите на Косово се далеку поголеми.

- Приходите на КЕК се значително намалени поради фактот дека луѓето на Косово масовно не плаќаат или крадат струја, а КЕК поради тоа годишно губи околу 40 отсто од приходите, изјави за Би-Би-Си портпаролот на компанијата Незир Синани.

- Стопанската комора на Косово признава дека во таква ситуација е тешко да се привлечат странски инвестиции,  наведува Би-Би-Си.

Иванко: Нема договори со учесниците на изборите на 11 мај

Приштина, 14 мај (МИА) - Портпаролот на УНМИК Александар Иванко денеска изјави дека меѓународната администрација нема да склучува договори со претставниците на Србите кои се избрани на локалните избори на 11 мај на територијата на Косово.

- Ние ќе разговараме само со оние кои ги именува шефот на УНМИК, со одлука од пет општини. За нас тие се единствени легитимни претставници. Нема да се занимаваме со оние кои се избрани на нелегални избори, истакна Иванко.

Тој наведе дека УНМИК му понудил на министерот Слободан Самарџиќ да организира избори во пет општини, но со помош на УНМИК.

- Самарџиќ го игнорираше нашето барање, и сега сме во ситуација да работиме само со оние што ги именува УНМИК, наведе Иванко.

Мандатот на именуваните лицва од петте општини по изборите на 17 ноември 2007 година истекува во јуни годинава. Иванко истакна дека до 18 јуни шефот на уНМИК ќе именува нови општински претставници во Штрпце, во Ново Брдо, во Лепосавиќ, во Звечане и во Зубин Поток. 

Романската влада донесе план за подобрување на демографските тенденции

Букурешт, 14 мај (МИА) - Романската влада денеска донесе план за подобрување на демографските тенденции во земјата, соопшти агенцијата Медиафакс.

Планот предвидува примена на редица мерки, поврзани со зголемувањреот на квалитетот на медицинските услуги, разнообразност на понудите за работа, прифатлив образовен систем адекватен на барањето на пазарот на трудот, соопшти министерот за труд Паул Пјакурару. Тој посочи дека Романија се судрува со влошување на податоците за наталитетот и морталитетот  и има дефицит од 1,7 милиони жители. 

Една од иницијативите во планот за подобрување на демографските тенденции пердвидува да се спроведе акција за значително намалување на бројот на младите луѓе кои емигрираат од земјата.

15 мај

Прва Конференција за „Економските вредности и значењето на правата од индустриска сопственост за фарамцевтската индустрија“

Скопје, 15 мај (МИА) - Фарамцевскиот факултет во соработка со Правниот факултет „Јустинијан први“ при Унвиерзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје денеска и утре организираат прва конференција за „Економските вредности и значењето на правата од индустриска сопственост за фарамцевтската индустрија во Република Македонија“.

Фокусот на конференцијата ќе биде поврзан со трансферот на технологии, патентирање, трговски марки и заштита на индустриската сопственост во фармацевтската индустрија.

Овие области се од голема важност за развој на нови технологии кои се основен предуслов за привлекување на странски инвестиции.

На отворањето на конференцијата ќе зборуваат ректорот на скопскиот универзитет Ѓорги Мартиновски, деканите на Фарамцевскиот факултет Светлана Кулеванова и на Правниот факултет Гале Галев, како и претставник на УСАИД.

Вицепремиерот Ставрески во посета на Дојран, Богданци и село Стојаково

Гевгелија, 15 мај (МИА) - Заменик претседателот на Владата Зоран Ставрески денеска ќе ги посети градовите Дојран и Богданци, како и селото Стојаково.

Ставрески ќе ја посети текстилната фабрика „Ноел Плус“ од с.Стојаково, оранжиерите „Еко оаза Самантов“ од Дојран и „Интер Агро“ од Богданци, земјоделско трговското претпријатие „Сточарство“ од Богданци, фабриката за пелени и производи од хартија „Биомент“ од Богданци, како и претпријатието за производство и трговија со земјоделски производи „Баџо“ од Богданци.

За време на посетата, вицепремиерот Ставрески ќе се запознае со работењето на овие фирми и ќе разговара со стопанствениците за мерките кои Владата ги презема за подобрување на бизнис климата во Македонија.

Либерализација и укинување на визниот режим за македонските граѓани, ветуваат италијански европратеници

Скопје, 15 мај (МИА) - Европратениците Рикардо Вентре и Марчело Вернола на денешната средба со министерот за внатрешни работи Гордана Јанкулоска ветија поддршка за целосна либерализација и укинување на визниот режим за македонските граѓани, соопшти МВР.

Парламентарците од партијата на италијанскиот премиер Силвио Берлускони, Форца Италија, изразиле задоволство од постигнатите резултати во исполнувањето на критериумите поставени од страна на европската комисија.

Успешното реализирање на проектот за воведување на новите, софистицирани лични документи, интегрираното гранично обезбедување и потпишаниот договор за реадмисија, според Вернола и Вентре се силни аргументи со кои ќе се обидат да ги убедат своите колеги од редовите на коалицијата на демохристијанските и народни партии да застанат на страната на Македонија. Тоа заедно со реализираните акции за спречување на трговија со луѓе и криумчарење мигранти, како Дунав, Змеј, Мени и други за нив е доволна причина да се заложат на македонските државјани во најскора иднина да им се овозможи да патуваат без визи.

Двајцата пратеници, кои се дел од коалицијата ЕНП (Европски народни партии), која има мнозинство во Европскиот парламент, позитивно го оценија напредокот на Република Македонија во борбата против организираниот криминал и корупцијата и успесите кои ги постигна МВР изминативе 20-тина месеци. Тие изразија очекување дека МВР ќе продолжи да работи со истото темпо бидејќи без сериозна и неселективна борба евроатлантските аспирации на земјата ќе останат само неостварена желба.

- Вентре и Вентола беа информирани и за акцијата „Планинска бура“, повторувајќи го ставот на Брисел дека со ваквите, професионално изведени и добро испланирани операции, се испраќа порака за решителност во справувањето со групите кои се закануваат со дестабилизација не само на земјава, туку и на регионот, се вели во соопштението од МВР.

Конференција за „Економските вредности и значењето на правата од индустриска сопственост за фарамцевтската индустрија“

Скопје, 15 мај (МИА) - Фармацевскиот факултет во соработка со Правниот факултет „Јустинијан први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје денеска и утре организираат прва конференција за „Економските вредности и значењето на правата од индустриска сопственост за фармацевтската индустрија во Република Македонија“.

Фокусот на конференцијата е поврзан со трансферот на технологии, патентирање, трговски марки и заштита на индустриската сопственост во фармацевтската индустрија. Овие области се од голема важност за развој на нови технологии кои се основен предуслов за привлекување странски инвестиции.

Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и најголемата македонска фармацевстка компанија Алкалоид склучија договор за соработка, кој не само што опфаќа користење на лабораториите на компанијата за практични вежби на студентите, особено од Фармацевсткиот факултет, туку и заштита на патентите и новите научни достигнувања.

- Научните резултати и универзитетски истражувања не се заштитени и секогаш се злоупотребени. Државата не одделува пари за наука. Единствен излез за да можеме да го придвижиме економскиот раст и развој се успешните стопански субјекти во Македонија за кои треба да развиваме нови иновативни програми и нашите научни инстражувања да бидат заштитени и патентирани, изјави Шутуркова.

Таа истакна дека зголемувањето на конкурентноста и развојот на фармацијата и општеството во целина е единствено можна само доколку се обезбеди силно и единствено поврзување и двонасочна комуникација на секое ниво помеѓу високообразовните и научни институции со фармацевтската индустрија. - На таков начин ќе се поттикнат креативните процеси кои ќе помогнат во справувањето со современите предизвици и имплементирањето на есенцијалните потреби на фармацевтската дејност, рече Шутуркова.

Генералниот директор на „Алкалоид“ Живко Мукаетов изјави дека тие стануваат стратешки партнери на сите можни нивоа каде што двете институции може да соработуваат. - Ние ќе ги користиме сета можна научна поддршка и помош од Универзитетот, а од друга страна ќе овозможиме практични вежби, изјави Мукаетов. Тој додаде дека преку фондацијата „Трајче Мукаетов“ Алкаоид веќе почна да стипендира студенти од Фармацевсткиот факултет, а ќе следува и помош за студентите од Медицинскиот факултет, како и награди за научни трудови.

„Алкалоид“, исто така, на експертско ниво, соработува и со хрватскиот институт „Ругер Бошковиќ“.

Правата на интелектуалната сопственост во Македонија, во делот на фармацевтската индустрија, според учесниците на конференцијата, главно се почитуваат. Во областа на фармацијата има најмал процент на злоупотреби на правата на интелектуалната сопственост.

Најпознатиот бренд на „Алкалоид“ „кафетинот“ беше предмет на ваква злоупотреба, но како што изјави нејзиниот директор, компанијата тужеше и го доби спорот.

Фармацевтската компанија „Алкалоид“, која е најбрзо растечката компанија во фармацевтскиот сектор во ЈИЕ, има регистрирано свој патент во САД, што се оценува како особено значајно. Исто така, ти