недела, 12.10.2008

  IDIVIDI Мени
Клуб на пријатели
Вести / Балкан

На Косово запленет и печатот на Јоаким Рикер

Приштина, 16 мај (МИА) - Меѓу запленетите предмети, кои служеле за фалсификување документи на Косово е и печатот на шефот на УНМИК Јоаким Рикер, јавуваат денеска приштинските медиуми.

- Главниот администратор на Косово Јоким Рикер не единствениот кој го има печатот.  Печатот одамна е копиран и употребуван на официјални документи, заедно со уште сто други печати, пренесуваат медиумите и потсетуваат дека се запленети околу сто печати за фалсификување на пасоши, сведоштва, дипломи и други документи.

Полицијата спроведе широка акција за сузбивање на криминалот во три града, Приштина, Урошевац и Качаник, каде се уапсени шест лица и запленета голема количина фалсификуван материјал. Дел од оваа мрежа е и еден полицаец на Косовската полициска служба од полициската станица во Качаник.

Според досегашните резултати од истрагата печатите се користени за илегални емигранти, чие движење е еден од главните проблеми на кои наидува косовската полиција. ац/13:13

 

###

Брканица на мачка и глушец доведе до прекин на струјата во Тирана

Тирана, 16 мај (МИА) - Брканица меѓу мачка и глушец во главната електрана во Тирана предизвика 72-часовен прекин на струјата во неколку квартови од албанскиот главен град, соопшти денеска албанската електродистрибуција КЕШ.

- Мачката и глушецот влетале во каблите под висок напон, изјави портпаролот на КЕШ, покажувајќи снимки од животните кои доживеале струен удар. - Ги направивме фотографиите затоа што никогаш претходно немавме видено нешто слично, додаде таа.

Албанците постојано се жалат на чести прекини на струјата кои траат со децении. Повеќето продавници и домови во Тирана користат нафтени генератори.

Како главни причини за лошото снабдување со струја се сушата и распадот на електричната мрежа изградена во времето на комунизмот. гп/сп/12:47

###

НАТО се подготвува да ја обучува идната армија на Косово

Приштина, 16 мај (МИА) - НАТО ќе помогне во воспоставувањето безбедносни сили на Косово, и покрај приговорите кои ги доби, објави денеска приштинскиот весник „Коха диторе“.

Шефот на Командата на здружени сили на НАТО во Неапол, адмиралот Марк Фицџералд изјави вчера во Приштина дека разгворите за воспоставување безбедносни сили на Косово се интензивирани поради политичките фактори.

- Се разговара за тоа кои држави ќе ја спроведуваат обуката и како ќе се изврши трансформацијата, изјави Фицџералд.

Тој потсети дека според планот на Ахтисари, Косовскиот заштитен корпус треба да биде укинат „на достоинствен начин“ и во догледен рок е заменет со косовските безбедносни сили, кои ќе ги вклучат припадниците на сите заедници. нд/12:35

 



###

Ѓукановиќ: До следната средба на врвот на НАТО Црна Гора треба да ги исполни условите за добивање статус кандидат за членство

Подгорица, 16 мај (МИА) - До следната средба на врвот на НАТО Црна Гора треба да ги исполни условите за добивање статус кандидат за членство во Алијансата, изјави црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ.

Тој оцени дека влезот на Црна Гора во Алијансата е „стратешки надворешно-политички приоритет и приоритетно прашање за безбедноста“ на земјата.

- Црна Гора сега влезе во најсериозната фаза на интегрирање во НАТО, затоа што „работи динамично за создавање услови за влез во Акцискиот план за членство, што е предуслов за прием во Алијансата, додаде Ѓукановиќ. нд/12:25




###

Чедомир Јовановиќ се заканува со формирање паралелна „европска влада“ на Србија

Белград, 16 мај (МИА) - Лидерот на српската Либерално-демократска партија (ЛДП) Чедомир Јовановиќ изјави дека неговата партија ќе направи се за да и помогне на Демократската партија (ДС) во постигнувањето договор со Социјалистичката партија на Србија (СПС) за создавање проевропска владина коалиција, додавајќи дека доколку не дојде до тоа би требало да се формира паралелна влада.

- Ако Србија добие антиевропска влада, ние сме должни да формираме паралелна европска, која преку своите претставници во Парламентот би вршела притисок против власта и би ширеле влијание во општетсвото, посочува Јовановиќ, и додаде дека порано или подоцна тоа ќе доведе до нови избори на кои ќе биде покажана јасна европска политика, неопходна на Србија.

Според Јовановиќ, ЛДП не може да влијае на решението на социјалистите, но поради ситуацијата во која се наоѓа земјата, партија ќе направи се, за да и помогне на ДС за постигнување договор со социјалистите. гп/сп/12:16

###

Се уште без план за реконструкција на УНМИК

Приштина, 16 мај (МИА) - Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун нема да изнесе предлог за своите идеи  за „реконфигурација“ на УНМИК по 15 јуни, бидејќи Брисел и Њујорк не успеаја да се усогласат за иднината на меѓунардоното присуство на Косово, објави денеска приштинскиот весник Зери.

Повикувајќи се на дипломатки извори во Њујорк весникот наведува дека разговорите меѓу претставници на Европската унија и ОН не резултирале со согласност која би ги одредила идните односи и врски меѓу УНМИК, Меѓународната цивилна канцеларија и Еулекс на Косово по 15 јуни кога на сила стапува новиот косовски устав.

Весникот додава дека косовските политички институции не се вклучени во разговорите за реконструкција на УМНИК.

Косовското раководство го поддржува планот на Ахтисари според кој УНМИК треба да го напушти Косово по четиримесечен период на транзиција, потсетува весникот и додава дека според тој документ, тоа сценарио веќе не е планирано. зш/11:56






###

Романија се соочува со толку големи проблеми што е можно да се применат заштитни клаузули од ЕК

Букурешт, 16 мај (МИА) - Во нацрт извештај на Европската комисија направен во април се наведува дека Романија се соочува со толку големи проблеми во областа на правосудството и земјоделието што е можно да се применат заштитни клаузули, јави радио Слободна Европа.

Во Букурешт претставници на Владата се убедени дека тоа не може да се случи.

Портпаролот на Комисијата Марк Греј не потврдува за постоење нацрт извештај туку за извештај за напредокот на Романија и Бугарија. Станува збор за годишниот извештај кој традиционално се публикува во почетокот на јули.

Според портпаролот, претставници на Комисијата знаат точно кои се слабите места на Романија од „таканаречениот механизам за проверка и соработка во судството“, кој означува изготвување периодични извешати. 

Букурешт досега не го решил проблемот со корупцијата, не е променет Кривичниот законик и нема методологија за фунцкионирање на Националната агенција за транспарентност. И покрај сето тоа, портпаролот наведува дека „постои напредок“ од последниот извештај на ЕК.

Имено, тој вели дека Националната агенција за транспарентност постои и функционира. 

Со евентуално воведување на заштитните клаузули само во земјоделието Романија ќе има 25 отсто помалку средства од ЕУ. 

Скептицизмот поврзан со влегувањето на Романија и Бугарија во ЕУ го застапува и Мајк Емерсон од Центарот за европска политика. Тој тврди дека „преовладува мислење во Брисел дека членови на Европскиот совет погрешиле кога им гарантирале на двете држави дека ќе влезат во 2007 или 2008 година“. зш/11:30






###

Српскиот патријарх Павле одби да се повлече од тронот

Белград, 16 мај (МИА) - Српскиот патријарх Павле ги отфрли барањата на делегацијата на владици од Српската православна црква (СПЦ), кои од името на црковниот Синод, побараа од него доброволно повлекување од тронот на српската црква, соопштуваат денешните српски весници.

Тројца владици го посетија патријархот во болничкиот апартман во Военомедицинската академија во Белград по барање на Синодот, кој заседава од вчера, со цел лично и врз основа на медицинските извештаи да ја проценат  здравствената состојба на патријархот Павле и способноста да управува со СПЦ, и доколку не е во состојба да го прави тоа, да го убедат да се повлече, пишува „Блиц“.

Доколку патријархот го прифатеше барањето редовното заседание на Синодот ќе се претвореше во изборно.

Според дел од архереите на Синодот, кои се залагаат за избор на нов патријарх, Павле бил во состојба „далеку од сенилност“.

По барањето на некои архиереи за избор на нов патријарх, патријархот изјави дека Синодот нема да добие негов потпис за оставка и пензионирање, бидејќи дожноста на патријархот е доживотна.

Извор на весникот „Блиц“ заклучува дека нема да има избор за нов патријарх на ова заседание на Синодот и дека без согласност на патријархот, кое го нема, нема да биде определен нов времен заменик.

Весникот дополнува дека според редовниот медицински извештај се констатира дека здравствената состојба на патријархот е задоволителна.

Патријархот Павле во Военомедицинската академија се наоѓа од ноември 2007 година. гп/сп/11:11

###

Грчката полиција почна со постапката за екстрадирање на австралискиот криминалец Тони Мокбел

Атина, 16 мај (МИА) - Грчката полиција почна со постапката за екстрадирање на австралискиот криминалец Тони Мокбел и негово предавање на австралиските власти, соопштуваат атинските медиуми. 

Мокбел, против кого се покренати обвиненија за шверц на наркотици, беше уапсен во Грција минатата година. Неговото име беше на прво место на списокот на Интерпол за најбарани криминалци во светот.

Во март Врховниот суд на Грција нареди Мокбел да биде екстрадиран, а минатата седмица одлуката на судот беше потврдена и од грчкиот министер за правда.

Четириесет и двегодишниот Мокбел беше баран три месеци, а за неговото апсење беше објавена награда од еден милион долари.

Во Австралија тој има пресуда во отсуство од 12 години затвор по обвинение за шверц со наркотици. Против него се покренати и две обвиненија за убиства. нд/11:02



###

Букурешт поставува модерен систем за регулирање на сообраќајот

Букурешт, 16 (МИА) - „Интелегенти семафори беа ставени во функција на 20 крстосници во романскиот главен град Букурешт“, објави денеска весникот Романија либера.

До крајот на годината со новиот систем на работа на семафорите ќе бидат опфатени вкупно 140 крстосници.

Семафорите ќе се контролираат од команден центар кој има задача да олесни движење со посредство на контролирање на времето на чекање на семафор по најфрекфентните улици.

Во контролниот центар има постојано набљудување на движењето на крстосниците каде се инталирани видео-камери.

Според авторите на проектот, со тој систем ќе се олесни движењето на автомобилите за 35 отсто. 

На возилата за итна медицинска помош,пожарните и полициските автомобили ќе им се обезбеди постојано „зелено светло“ со новиот систем.

Градоначалникот на Букурешт изјави дека градот има „систем за регулирање на сообраќајот што е најмодерен во светот“. зш/10:42









###

Таричану: Платите на Романците нема вечно да останат ниски

Берлин, 16 мај (МИА) - Романскиот премиер Калин Попсеку Таричану смета дека ниската цена на трудот, што ја прави Романија привлечна за многу странски инвеститори, нема да може уште долго време да се задржи на тоа ниво.

- Платите кај нас нема засекогаш да останат ниски, нагласи Таричану во интервју за германскиот весник „Зидојче цајтунг“

Според Таричану, инвеститорите кои доаѓаат во Романија само заради ниските плати прават грешка, при што потенцира дека земјата се стреми да привлече инвестиции „преку создавање на вредности“.

Просечната плата во Романија во последните месеци значително се зголеми, но сепак  не е повисока од 330 евра, што пак е далеку под просечното ниво во западноевропските земји. дб/сп/10:26

###

Црна Гора својот став за Косово да го усогласи со ЕУ, порачува американскиот амбасадор во Подгорица

Подгорица, 16 мај (МИА) - Американскиот амбасадор во Подгорица, Родерик Мур изјави дека Црна Гора е во деликатна позиција по прашањето за независност на Косово, но се надева дека ќе ги усогласи своите ставови со евроатланските партнери, како и сите останати земји во регионот.

Мур за подгоричка „Република“ изјави дека се надева oти Црна Гора, за време на донесувањето на одлука за признавање на независноста на Косово, ќе го земе предвид фактот дека самостојна Приштина ја признале големо мнозинство членки на ЕУ и НАТО.

- Факт е дека 70 отсто членки на ЕУ веќе го признаа Косово, како и околу три четвртини држави членки на НАТО, така што се надеваме дека на крајот Црна Гора при донесувањето олука ќе го земе тоа предвид. Во секој случај нема да влијаеме на Црна Гора, затоа што разбираме колку е тешко прашањето за вас, изјави американскиот амбасадор.

Мур изјави дека очекува Американската амбасада во Подгорица набрзо да почне со издавање визи за црногорските државјани, но пред тоа мора да бидат исполнети други, пред се просторни предуслови. гп/сп/10:23

###

Штрајкот на пилотите на „Олимпик ерлајнс“ предизвика хаос на аеродромите во Грција

Атина, 16 мај (МИА) - Проблеми на аеродромите во Грција ќе има и денеска поради штрајкот на пилотите на националниот авиопревозник „Олимпик ерлајнс“, кој трае веќе неколку дена, јавија грчките медиуми.

Пилотите бараат да почнат нови преговори за потпишување на колективен договор за регулирање на работните односи со компанијата.

Многу од летовите денеска ќе бидат откажани или одложени.

Управата на „Олимпик ерлајнс“ упати предупредување до патниците да се информираат за измените во распоредот на летовите. дб/сп/10:06

###

Српскиот печат за постигнатиот договор за принципите за формирање влада

Белград, 16 мај (МИА) - Белградските весници „Политика“ и „Вечерње новости“ соопштуваат за постигнатиот договор за принципите за формирање влада од коалицијата Демократска партија на Србија - Нова Србија (ДСС-НС) Социјалистичка партија на Србија - Партијата на обединетите пензионери на Србија и Единствена Србија, како и на Српската радикална партија (СРС), истакнувајќи дека радикалите и „народњачката коалиција“ ги прифатиле сите услови на коалицијата, обединета околу социјалистите.

Лидерот на СПС Ивица Дачиќ и претставниците на останатите партии изјавија по средбата дека се подготвени да ги продолжат преговорите, кои што ќе доведат до брзо формирање нова влада. Дачиќ истакна дека владата и парламентарното мнозинство ќе бидат формирани кога ќе биде потпишан коалицискиот договор. 

Дачиќ денеска заминува за Москва, каде што ќе има средби со лидерот на партијата Праведна Русија Сергеј Миронов, со која СПС има потпишано договор за соработка. „Сергеј Миронов не е Мира Марковиќ“, рече по тој повод Дачиќ, цитиран од „Политика“.

Постојат големи шанси брзо да се формира парламентарно мнозинство, рече по средбата Гордана Пол-Лазиќ од СРС. Таа додаде дека во таа етапа од преговорите не станало збор за кадровски решенија и не сакаше да коментира дали Воислав Коштуница повторно ќе биде премиер.

На новинарско прашање дали може Борис Тадиќ, лидер на Деморатската партија (ДС) да ја спречи постизборната коалиција, Поп-Лазиќ одговори „со демократски средства сигурно не“. 

Непосредно пред соопштението за постигнатиот договор меѓу СПС, ДСС-НС и СРС за формирање влада, во коалицијата „За европска Србија“ сметаат дека се уште имаат шанси за да се разберат со Дачиќ и со неговите партнери во коалицијата. ДС ќе се обиде да ги убеди социјалистите да направат коалиции на локално ниво, во кои ќе учествува и Либерално-демократската партија.

Според претставници на коалицијата „За европска Србија“, има можност некои од учесниците во вчерашните преговори да се повлечат од постигнатиот договор. Како „слаба алка“ во таа смисла тие го гледаат лидерот на Единствена Србија Драган Марковиќ Палма кој неодамна изјави дека е неопходно европската интеграција на Србија да продолжи.  

Потпретседателот на СПС Милутин Маркониќ од своја страна изјави дека многу проекти е „невозможно да бидат реализирани без учество на европските банки и фондови“.

Токму прашањето за европските интеграции е точката по која социјалистите се оддалечуваат од СРС и ДСС-НС и се приближуваат до ДС, оценува „Политика“. нд/8:59




###

Караманлис наредил истрага за загаденото масло за јадење што се појави во Грција

Атина, 16 мај (МИА) - Грчкиот премиер Костас Караманлис наредил да се засилат контролите во врска со скандалот со загадено сончогледово масло за јадење кое на пазарот беше пуштено од увоз пред околу една недела.

Весникот Нафтемборики објавува дека премиерот побарал од министрите да се стави крај на скандалот до крајот на оваа недела откако се појави информација дека на пазарот постои масло за јадење произведено во Украина кое содржи и моторно масло.

Весникот Та Неа тврди дека Службата за контрола на храна во Грција повлекла од пазарот контигент од тоа масло и времено е запрена работата на формата која немала одобрение, но пуштила на пазарот 1,1 тон загадено масло.

Весникот Етност тврди дека властите пронашле 2,9 тони од тоа масло.

Според инфомации на печатените медиуми во Грција, властите повлекле над 20 марки сончогледово масло или продукти со таков вид масло на 12 фирми.

Весникот Елефтеротипија посочува дека Службата за конрола на храната се подготвува да ги казни фирмите кои внеле такво масло.

Скандалот со маслото предизвика остра реакција на опозицијата според која, Кабинетот на премиерот „е неспособен да се справи со проблемот и со шпекулациите на пазарот, водени од постојаниот скок на цените“. зш/8:37




 

###

Запалени полициски автомобили во Атина

Атина, 16 мај (МИА) - Четрири автомобили на грчката полиција целосно изгореа, а други два се сериозно оштетени откако група млади луѓе во центарот на Атина врз нив фрлиле молотови коктели, јавија грчките медиуми.

Инцидентот се случил пред полициска станица во атинската населба Егалео.

Досега никој не презел одговорност за нападите.

Автомобилите на дипломатите, бизнисмените и политичарите се честа мета на напади на анархистите во Грција. дб/сп/7:43

###

Меккормак: Статусот на Косово е решен

Вашингтон, 16 мај (МИА) - Американската администрација смета дека прашањето на статусот на Косово е решено, изјави синоќа Шен Меккормак, портпарол на Стејт департментот.

- Имам вест за сите вас:Статусот на Косово е решен, тоа е независна држава, изјави Меккормак.

Неговата изјава беше дадена по залагањата на Русија, Кина и Индија за продолжување на преговорите меѓу Белград и Приштина.

Министрите за надворешни работи на Русија, Кина и Индија, Сергеј Лавров, Јанг Џечи и Пранаб Мукерџи истакнаа вчера во Екатеринбург дека е важно „прашањето за Косово да се решава во согласност со нормите на меѓународното право со водечка улога на ОН и врз основа на договор меѓу страните“.

Досега од 192 држави-членки на ОН едностраниот акт на привремените институции на Косово го признаа само 40.

- Зборувавме за косовскиот проблем. Сметаме дека тој треба да се решава само врз основа на меѓународното право, изјави Лавровпо тристраната средба во Екатеринбург на која учествуваа неговите колеги од Индија и Кина. 

Во декларација е наведена принципиелната позиција за тоа дека едностраното прогласување независност на Косово е во спротивност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.

- Русија Кина и Индија се со став за обнова на преговорите меѓу Белград и Приштина во меѓународно правни рамки и за постигнување согласност меѓу нив за сите проблеми на таа српска област, изјави вчера Лавров. зш/7:35



###

Тројца вработени во италијанскиот Конзулат во Валона уапсени поради фалисифување визи

Тирана, 16 мај (МИА) - Тројца Албанци, кои работеле во италијанскиот Конзулат во приморскиот албански град Валона, се уапсени синоќа под обиение дека фалсификувале италијански визи.

Според полициски извори, како што јави дописникот на МИА од Тирана, тројцата уапсени се товарат дека наплатувале по три илјади евра за една италијанска виза.

Визите најчесто ги фалисфикувале, а „жртвите“ ги лажеле дека ги земаат во Конзулатот каде што работеле. де/сп/7:32

###

Сали Бериша предлага сеалбанска прослава на денот на Призренската лига

Тирана, 16 мај (МИА) - Албанците треба заедно да ја одбележат 130-годишнината од формирањето на Призренската лига, изјави Албанскиот премиер Сали Бериша.

Како што јави дописникот на МИА од Тирана, Бериша оценува дека годинава Албанците се „послободни и понезависни од кога било“ и поради тоа овој настан треба „заедно да го одбележат Тирана, Приштина и Скопје“.

Во тие рамки, како што пренесува тиранската телевизија Топ-ченел, тој побарал од Министертвото за култура да подготви серија активности заедно со косовоската и македонската влада за одбележување на денот на Призренската лига. де/сп/7:27

###

Албанија целосно ќе соработува со Хаг во евентуална истрага во врска со тврдењата на Дел Понте за продавани органи на убиени Срби

Тирана, 15 мај (МИА) - Албанските власти денеска соопштија дека се подготвени да соработуваат со Трибуналот за воени злосторства во поранешна Југославија во врска со тврдењата дека косовски Албанци тргувале со органи на Срби преку Албанија.

„Албанското обвинителство е подготвено да соработува со Хашкиот трибунал и да им помогне на судиите и иследниците кои ќе дојдат во Албанија да соберат информации што би можеле да бидат искористени во натамошните судски истраги“, се наведува во соопштението на Албанското обвинителство.

Поранешниот главен обвинител на Хашкиот трибунал, Карла Дел Понте, во нејзината книга „Ловот: Јас и воените злосторници“ наведува дека околу 300 Срби биле киднапирани и префрлени од Косово во Албанија, каде биле убиени, а нивни органи продавани во странски клиники. аб/21:10 

###

Демократите на Коштуница, социјалистите и радикалите постигнаа договор за основните принципи за формирање коалициска влада

Белград, 15 мај (МИА) - Претставници на социјалистите и на радикалите вечерва по тројната средба соопштија дека е постигнат договор за принципите на формирање заедничка влада на коалицијата Демократска партија на Србија - Нова Србија, Социјалистичка партија на Србија - Партијата на обединетите пензионери на Србија и  Единствена Србија, како и на Српската радикална партија.

Лидерот на СПС, Ивица Дачиќ, рече дека СРС и ДСС-НС, го прифатиле нивниот принцип за социјална правда.

Потпретседателот на СРС, Гордана Поп Лазиќ, рече дека бил постигнат договор по однос основните принципи и оти разговорите ќе продолжат утре. Таа додаде дека постојат големи шанси бргу да се дојде до парламентарно мнозинство.

Состанокот се одржа во седиштето на ДСС. аб/19:56

###

Г-17 плус не сака со социјалистите во иста влада доколку тие го поддржат радикалот Александар Вучиќ за градоначалник на Белград

Белград, 15 мај (МИА) - Претседателството на Г-17 плус денеска одлучи да му предложи на Главниот одбор на партијата да не го прифати учеството на СПС во новата влада , доколку социјалистите во Белград ја формираат власта со радиклаите или го поддржат Александар Вучуќ или кој било друг кандидат на СРС за градоначалник на Белград, пренесува Танјуг.  

„Белград е престолнина на европска Србија и мотор на нејзиниот развој и поради тоа Г-17 плус нема да учествува во републичката влада со оние кои на кој било начин го кочат развојот на Србија“, се наведува во соопштението на партијата. 

Г-17 плус смета дека СПС „не може да седи на две столчиња“. 

Социјалистите треба итно да одлучат дали сакаат да бидат во тимот кој Србија забрзано ја води кон Европската унија или со оние кои ќе ја турнат во изолација и неизвесност, се наведува во соопштението. сд/19:17



###

Косовската полиција уапси шест лица осомничени за фалсификување лични документи

Приштина, 15 мај (МИА) - Косовската полиција конфискува околу сто лажни печати и уапси шест лица, меѓу кои и косовски полицаец, поради сомневање за извршено дело фалсификување, соопштија денеска приштинските власти.

Неодамна косовската полиција конфискуваше други фалсификувани службени печати, возачки дозволи, пасоши, европски визи и матеројал за изработка лажни документи.

Локалните медиуми соопштија дека криминални групи имаат целосен пристап до тајниот компјутерски софтвер, што се користи при изработката на сите видови косовски документи за утврдување на идентитетот. аб/19:11

###

Албанија и Косово разработуваат заеднички бизнис-проекти

Тирана, 15 мај (МИА) - Албанија и Косово работат на изнајдување начини како најдобро да ги приближат стопанствата, притоа фокусирајќи се на енергетски проекти, инфраструктурата и трговијата.

- Енергијата е еден од најголемите предизвици на светот и на Балканот. Ние не треба да ја испуштаме шансата да ги хармонизираме, не само политиката, туку и проектите, изјави Генч Рули, албанскиот министер за економија, енергетика и трговија.

Албанија и Косово се соочуваат со недостиг на електрична енергија, бидејќи не поседуваат доволно капацитети за производство струја. Но, богатите наоѓалишта на лигнит на Косово би можеле да ги покриваат потребите од енергија на Албанија во текот на земата, во услови кога не и се доволни капацитетите на нејзините хидроцентрали, а албанската страна би ја враќала услугата во текот на пролетта, кога има доволно струја.

Албанското електростопанство КЕШ и косовското КЕШ, потпишаа меморандум за изградба на термоцентрала на лигнитните наоѓалишта во Косово. Косовскиот министер за енергетика, Јустина Пула-Широка изјави дека новата Влада се придржува кон плановите за изградба на голема, најверојатно 200-мегаватна термоцентрала на Косово.

Албанија истовремено гради собраќајница кон Косово, проект вреден повеќе од 600 милиони евра, што има за цел да ја унапредува меѓусебната соработка во областа на трговијата и туризмот. аб/18:32

###

Словенија ќе отвори Амбасада во Приштина

Приштина, 15 мај (МИА) - Шефот на словенечката Канцеларијата во Приштина, Војко Волк на денешната средба со косовскиот претседател Фатмир Сејдиу најави дека Словенија ќе отвори Амбасада во Косово. 

Волк истакна дека Словенија ќе продолжи да го поддржува Косово „со цел за унапредување на односите меѓу двете земји“.

Сејдиу нагласи дека „институциите и граѓаните на Косово се залагаат за продлабочување на добрите односи со властите во Љубљана“. ми/18:13



###

Фицџералд: Мандатот на КФОР останува ист

Приштина, 15 мај (МИА) - Командантот на здружените сили на НАТО за јужна Европа, американскиот адмирал Марк Фицџералд денеска изјави дека мандатот на КФОР ќе остане ист, со задача да го обезбеди мирот и безбедноста на Косово, пренесува Танјуг. 

-Нашиот мандат останува ист. КФОР останува под резолуцијата 1244. Соработуваме со сите меѓународни организации и активностите ги координираме со домашните институции. Нашиот мандат останува да обезбедиме стабилност, повтори американскиот адмирал на крајот од еднодневната посета на Косово. 

Фицџералд изјави дека сите се заинтересирани на Косово да ја видат атмосферата на слободата, луѓето да можат слободно да се движат, да обезбедат оддржлив економски развој и да бидат остварени човековите права. 

Тој исто така изјави дека за сега нема промена, ниту во бројот, ниту во составот на мировните сили на Косово. 

Адмиралот Фицџералд во текот на посетата на Приштина разговараше со командантот на КФОР Гсавиер де Марнак и ги посети војниците на КФОР на терен. 

На Косово во моментов делуваат околу 16.000 припадници на меѓународните мировни сили. сд/ 18:08



###

Бугарската Влада одобри продажба на акциите на „Навибулгар“

Софија, 15 мај (МИА) - Бугарската Влада денеска одобри продажба на 70 проценти од акциите на државниот поморско претпријатие „Навибулгар“ на германскиот конзорциум „КГ меартајм шипинг“.

Конзорциумот е една од водечките компании за поморски поморски сообраќај и транспорт, со седиште во Дизелдорф. „КГ меартајм шипинг“ во октомври минатата година понуди 225 милиони евра за „Навибулгар“.

„КГ меартајм шипинг“ се обврз да инвестира приближно 390 милиони евра во наредните десет години на „Навибулгар“, да воведе една бродска линија во Црно Море и да замени 25 стари со нови бродови. ми/18:04

###

Субвенции од над 90 милиони евра за земјите од реонот на Јадранско Море

Атина, 15 мај (МИА) - Европски субвенции во висина од 90,4 милиони евра ќе им бидат доделени на земјите учеснички во програмата ИРА - за трансгранична соработка во реонот на Јадранско Море, јави грчката новинска агенција АНА-МПА.

Како што пренесува МИА, средствата ќе им бидат доделени на Албанија, на Босна и Херцеговина, на Грција, на Италија, на Словенија, на Србија, на Хрватска и на Црна Гора за реализација на проекти поврзани со економската, социјалната и институционалната соработка меѓу нив. ми/17:38



###

Приштина го смета за ирационално барањето на Москва

Приштина, 15 мај (МИА) - Заменик-претседателот на косовската Влада, Хајредин Кучи, денеска изјави дека Владата на Косово го смета за ирационално барањето на Русија, земјите кои го признаа Косово да ги преиспитаат своите одлуки.

Тој на владината седница оцени дека „признавањето на независноста на Косово продолжува со потребниот интензитет“, и истакнал дека Приштина тоа очекува да го стори и Русија.

Кучи додаде дека Русија „се уште нема реален пристап кон политичките движења што се случуваат на Косово“.

Реакцијата на Кучи следеше по изјавата на шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, кј рече дека земјите кои го признаа Косово треба да ги пресипитаат своите одлуки. аб/17:30

###

Додик ги повика хрватските бегалци да се вратат во Република Српска

Бања Лука, 15 мај (МИА) - Премиерот на Република Српска, Милорад Додик, повторно денеска ги повика Хрватите кои за време на војната во БиХ побегнаа од Република Српска, да се вратат во сите предвоени места и најави оти е подготвен и самиот да замине во Хрватска за да ги повика да се вратат.

Додик по разговорите со бањалучкиот бускуп Фрањо Комарица рече дека Владата на РС ја помага работата на бањалучката бискупија и оти се создадени безбедносни услови за враќање на Хрватите во РС, доколку сакаат.

- Во Република Српска постои безбедна средина и јас повторно ги повикувам сите да се вратат. Има економско-социјални проблеми, но тоа е судбина на сите граѓани овде, рече Додик наведувајќи дека Владата на РС и претходно пружала поддршка на повратниците и продонесувала за нормализација на односите меѓу католичката црква и институциите на РС. аб/16:31

###

Врховниот суд на Романија ја поништи одлуката на Националниот совет за борба против дискриминацијата против претседателот Трајан Басеску

Букурешт, 15 мај (МИА) - Врховниот суд на Романија денеска ја прифати жалбата на претседателот Трајан Басеску против одлуката на Апелациониот суд во Букурешт од 8 ноември 2007 година со која беше отфрлена молбата на шефот на државата за поништување на предупредувањето на Националниот совет за борба против дискриминацијата по повод неговата изјава „смрдлива циганка“, искажана на адреса на една новинарка, пренесе Ромпрес. 

На овој начин судот ја отфрли одлуката на Апелациониот суд и оцени дека гестот на претседателот не може да биде сфатен како повреда на законот. 

Судиите сепак ја запазија констатацијата на Апелациониот суд според која изразот „смрдлива циганка“ е појава на дискриминација. 

Адвокатот на Басеску Роберт Рош се повика на наводите дека записот е нелегално добиен и му е дадена јавност против волјата на претседателот, а одлуката за санкционирање е направена под медиусмки притисок. 

Претставникот на Националниот совет за борба против дискиминацијата Кристијан Нуика изјави дека според нормите на Европскиот суд за правата на човекот приватниот живот на политичарите се смета идентично како и јавниот, додека претседателот на Советот Чаба Асталош на правниците им обрна внимание за последиците од едно вакво тврдење на претседателот на Романија.   

На 19 мај минатата година, на денот на референдумот за остранува од фунцкијата, романскиот претседател беше вовлечен во скандал, откако во разговор со сопругата романската новинарка Андреја Пана од телевизијата „Антена 3“ ја нарече „смрдлива циганка“. Разговорот беше снимен на мобилниот телефон на новинарката. По инцидентот Басеску официјално и се извини на Пана, а во соопштението на претседателовата администрација  беше објаснето дека изразот е искористен  „за максимален јавен и медиумски притисок“ и не го одразува односот на шефот на државата кон ромската заедница во земјата.  сд/16:30  

###

СРС, ДСС и СПС постигнаа договор за управување со Белград

Белград, 15 мај (МИА) - Кандидатот за градоначалник на Белград од Српската радикална партија (СРС) Александар Вучиќ денеска изјави дека е постигнат принципиелен договор на СРС со Демократската партија на Србија (ДСС) и со Социјалистичката паритија на Србија (СПС) за идната локална власт во главниот град на Србија.

Портпаролот на ДСС, Андреја Младеновиќ наведе дека откако се договорени принципите на работа за локалната самоуправа оти ќе продолжат преговорите меѓу партиите на сите нивоа.

Вршителот на должност градоначалник на Белград, Зоран Алимпиќ од Демократската партија изјави дека ќе свика основачко собрание во законски предвидениот рок. Тој одби да ги коментира преговорите меѓу СРС, ДСС и СПС за коалицирање на локално ниво   

Најмногу гласови на локалните избори на 11 мај во Белград освои коалицијата „За европски Белград“ предводена од Демократската партија. ми/16:23



###

Во Атина убиени тројца Албанци и еден Романец

Тирана, 15 мај (МИА) - Тројца Албанци и еден Романец се убиени синоќа, кога од возило во движење е отворен оган од автоматско оружје врз еден ресторан во центарот на Атина, информираа денеска албанските медиуми.

Како што јави дописникот на МИА од Тирана, албанските медиуми пренесуваат дека овој „вистински масакр“ ја вознемирил целата грчка метропола.

Според грчката полиција, станува збор за пресметка меѓу криминални шверцерски групи на дрога, при што тројца од убиените биле вклучени во илегалниот нарко бизнис, додека четвртиот, 24-годошниот Флутурим Љала од албанскиот град Мердита, настрадал случајно.

Љала, според полицијата, го погодил куршум во момент кога сопственикот на ресторанот за извршената работа му плаќал дневница од 50 евра.

На местото на настанот биле пронајдени 30 чаури од куршуми.

Грчката полиција интензивно трага по сторителите. де/сп/16:16

###

Тачи очекува продолжение на признавањето на независноста на Косово

Приштина, 15 мај (МИА) - Претседателот на косовската Влада, Хашим Тачи, денеска изјави дека „постојат сигнали“ од некои држави дека наскоро ќе донесат одлука за признавање на независноста на Косово, додавајќи оти во тој контекст се предвидени средби на министерот за надворешни работи Скендер Хисени со амбасадори и негови колеги од држави од Латинска Америка.

- Владата на Косово е целосно ангажирана на подготовки за стапување на сила на Уставот на 15 јуни, рече Тачи по денешната владина седница, најавувајќи дека наредните денови до Парламентот ќе бидат доставени уште шест до осум нацрт-закони што произлегуваат од пакетот на Ахтисари.

Тачи пренесе дека Владата ја разгледала иницијативата за признавањето на стажот на наставниот персонал кој ја изведувал наставата на албански јазик во периодот од 1990 до 1999 година.

На состанокот на Владата било нагласено дека таа иницијатива би требало да се прошири и на секторите здравство и социјалните грижи. Предложено било тоа прашање да се регулира со посебен закон, но не бил постигнат конечен договор. аб/15:35

###

Низа штрајкови во Грција

Атина, 15 мај (МИА) - Грчката полиција денеска употреби солзавец против банкарските службеници кои се обиделе насилно да влезат во Националната банка на Грција. Во судирот меѓу демонстрантите и полицијата нема п вредени лица.

Покрај штрајкот на банкарските службеници, денеска во Атинаа штрајкуваат и неколку синдикати поради приватизација на ОТЕ.

Грчките лекари од вчера стапија во 48-часовен штрајк со барања за повисоки плати.

Исто така штрајкуваат и контролорите на летови поради неодамнешната рефоррма на пензискиот фонд. Поради нивниот протест авионскиот сообраќај е во прекин.

Од понеделникот штрајкуваат и возачите на камионите поради зголемување на цената на бензинот за две евра. ми/15:07 

 



###

Се урива бизнис империјата на семејството Туѓман во Хрватска

Загреб,  15 мај (МИА) - Од многуте фирми, формирани од семејството на покојниот прв хрватски претседател Фрањо Туѓман, речиси сите се затворени по осум години од неговата смрт, соопштија агенциите повикувајќи се на пишување на хрватскиот дневен весник „Јутарњи лист“.

Туѓман, попознат како „татко на нацијата“, кој го почна движењето за независноста на Хрватска и ја почна војната  со Југославија, со земјата управуваше со железна рака од 1991 до 1999 година.

За тоа време семејството на Туѓман произведуваше корнети за сладодел, имаше трговска фирма, продавница за технички стоки, поседуваа стрелиште и дури го имаа контролниот пакет акции во Каптол банката, или вкупно десетина фирми, чија вредност локалните хрватски медиуми ја проценуваа на стотици милиони долари.

Семејството беше обвинувано за корупција и злоупотреба на власта на Туѓман за лични интереси. Неговата ќерка Невенка се уште се провлекува по судовите поради обвинение за корупција.

Највлијателното и можеби до пред осум години најбогатото семејство во Хрватска денеска има мало влијание и од сите нивни форми работи ресторанот „Лејди Срам“, а од сите трговски фирми работи уште само фирмата „Домовина трејдинг“.

Хуманитарната органозација „За децата на Хрватска“, водена од сопругата на Туѓман, Анкица исто така функционира, но таа опстојува со донации кои од некогашните три милиони евра годишно сега се сведени на едвам една третина.

Анкица и ќерката Невенка исто така задржаа луксузна вила во елитен кварт на Загреб. сд/14:50

 

###

Се предвидува намалување на бројот на туристи во Атина за време на летната сезона

Атина, 15 мај (МИА) - Грчките туроператори предупредуваат на намалување на бројот на туристи во Атина во наредната летна сезона.

Асоцијацијата на хотелиерите од Атина оценува дека годинава помал број на туристи ќе го посетат главниот град на Грција во споредба со минатата година поради светската финансиска криза. 

Хотелите во Атина во март забележале пад за 4,23 проценти во споредба со мината година, додека намалувањето на посетеноста на луксузните хотели изнесувала 13 отсто.

Се претпоставува дека најмногу ќе се намали бројот на туристи од САД, а потоа следуваат туристите од Германија, од Велика Британија и од Франција. ми/14:40



###

Невработеноста во Турција продолжува да расте

Анкара, 15 мај (МИА) - Невработеноста во Турција во текот на февруари 2008 година се зголеми за 55.000 лица во споредба со истиот период од минатата година и сега изнесува вкупно два милиони 642 илјади лица, покажауваат најновите статистички податоци , пренесени од турскиот телевизиски канал Си Ен Ен-Турк. 

Телевизијата посочува дека бројот на невработени во споредуваниот период достигнал 11,6 отсто од вкупното население, што е за 0,2 отсто повеќе од февруари 2007 година. 

Нивото на невработеност во градовите во февруари 2008 година е приближно 13,4 отсто, додека во селските региони е 8,5 отсто. сд/14:36



###

Бугарската Влада ги одобри измените на протоколите за издавање визи со Македонија, Србија и Црна Гора

Софија, 15 мај (МИА) - Бугарската Влада денеска ги одобри протоколите за измена и дополнување на три меѓувладини спогодби сo Македонија, со Србија и со Црна Гора.

Протоколите се склучени во 2006 година и се однесуваат на условите за издавање на визи на различни групи на луѓе.

Трите документи стапија во сила на 1 јануари 2008 година и се во согласност со договорите меѓу Европската унија и државите од Западен Балкан за олеснување на процедурите за издавање визи за граѓаните на Македонија, за Србија и за Црна Гора. ми/14:14



###

Во Грција запленети 36 тони шверцувани цигари

Атина, 15 мај (МИА) - Грчката крајбрежна стража од еден товарен брод, што пловеше под знамето на Сиера Леоне, заплени 36.681 килограм шверцувани цигари, соопшти агенцијата АНА-МПА. 

Бродот „Викинг-1“ со екипаж од петмина Украинци бил хаварисан, но со теглач извлечен до пристаниште на островот Хиос.  

Бродот испловил од кипарското пристаниште Фамагуста и требало да плови за Украина. Според грчките власти ова е најголемиот улов на шверцувани цигари, што се конфискувани во последните десет години во земјата.

Цигарите биле натоварени во Фамагуста, а капетанот на бродот, заедно со останатите четворица Украинци од екипажот, се приведени поради непоседување документи. сд/14:03



###

Косовскиот Албанец Бала, кој е осуден од Хашкиот трибунал, казната ќе ја отслужи во Франција

Хаг, 15 мај (МИА) - Косовскиот Албанец Харадин Бала, поранешен чувар во логорот за заробеници, кој од Хашкиот трибинал е осуден на 13 години затвор, вчера бил префрлен во Франција, каде ќе ја отслужи затворската казна.

Бала во септември минатата година беше прогласен за виновен за злосторства против човештвото, поради тортура, сурово однесување и убиства на српски заробеници и на косовски Албанци, за кои се сметало дека соработуваат со Србите. Злосторствата биле извршени во логор во Лапушник, во источниот дел на Косово.

Двајца поранешни косовски функционери Фатмир Лимаи и Исал Муслиу, на кои им беше судено заедно со Бала поради воени злосторства и злосторства против човештвото, беа ослободени.

Сите тројца биле членови на Ослободителна војска на Косово и се првите косовски Албанци, обвинети од Трибуналот. ац/13:35

 

###

Тадиќ со демократски средства ќе се спротивстави на формирање на влада на СРС и ДСС

Белград, 15 мај (МИА) - Српскиот претседател Борис Тадиќ во интервју за „Вечерње новости“ изјави дека со демократски средства ќе се спротивстави на формирање влада на Српската радикална партија (СРС) и Демократската партија на Србија (ДСС), која, како што тврди, би го запрела развојот на Србија. 

- Ако сега дојде до политичко тргување меѓу Шешељ и Коштуница, во кое некој кој има само десетина проценти од гласовите ја води политиката на земјата, при тоа штетна, радикална политика, тоа би било изигрување на изборната волја и моја должност е со демократски средства да се спротивставам на формирање таква Влада, рече тој.

Според него, тоа би ја запрело Србија во нејзиниот развој, а популистичката политика на таквата влада, политиката на конфликти и поделба би била против интересите на народот и на државата. 

Во меѓувреме, белградското радио Б-92 соопшти дека продолжуваат преговорите меѓу Српската радикална партија, коалицијата на Социјалистичката партија на Србија и Демократската партија на Србија за формирање на локални органи на власт.


Наjновo од Вести
Коњановски во посета на македонските мировници во Ирак
67 години од почетокот на антифашистичкото востание и НОВ
Се надеваме дека Скопје ќе ја напушти непопустливоста
Авганистан ќе дозволи напад на фабриките со опиум
Балканот ризикува од нова војна
Србија да беше на местото на Македонија многу порано ќе преземеше ваков чекор
Во Свети Николе почна академската година на Меѓународниот славјански институт филијала во Македонија
Оли Рен изрази загриженост за напредокот на БиХ кон ЕУ
Сејдиу: Признавањето на Косово од страна на Македонија и Црна Гора придонес за мирот и стабилноста во регионот
Собранието на Косово им се заблагодари на Црна Гора и на Македонија
„Економист“: Меѓународниот суд го успорува признавањето на Косово
„Зери“: Црна Гора ја збесна Србија
Хашим Тачи им се заблагодари на Црна Гора и на Македонија за признавањето на Косово
Турската армија нападна позиции на курдски бунтовници во Северен Ирак
vibe tribe
  IDIVIDI Сервиси
Едукација
Multibox
Мое видео
Chat
Фото
MAXarena
Webmail
Кој е кој
Download
E-cards
Форум
Games
Именик
Огласи
Речник
Deutsche Welle
Пребарување
Пребарување по клучен збор во содржина
 
корисничко име
лозинка
WEBmail
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download