
|
 |
Вести / Балкан
|
|
Папуљас: Спорот околу името товар за стабилноста на Балканот
Виена, 3 јули (МИА) - Грчкиот претседател Карлос Папуљас, кој од денеска се наоѓа во тридневна посета на Австрија, смета дека грчко-македонскиот спор околу името ги оптоварува добрососедските односи и стабилноста на Балканот.
- Тоа не е конфликт со психолошки или сентиментален карактер, туку проблем со политички димензии кој претставува товар за добрососедските односи и условите за стабилност во кршливиот регион на Балканот, истакна Папуљас во интервју за виенскиот весник „Стандард“.
Тој потенцира дека Грција во повеќе наврати истакнала дека целта е да се пронајде заедничко и трајно решение за спорот.
- Станува збор за решение, кое би го носело печатот на Советот за безбедност на Обединетите нации и кое треба да биде впишано во Уставот на Поранешната југословенска република Македонија, рече Папуљас.
- Да се надеваме дека политичкото раководство во Скопје ќе излезе во пресрет на нашиот искрен повик за компромис, порача Папуљас.
Во врска со случувањата во Европската унија Папуљас нагласи дека ирското „не“ на Лисабонскиот договор мора да се почитува.
- Од голема важност е тоа што исходот, во сите три земји, во кои беше одржан референдум, беше негативен. Тоа е факт што треба да ги загрижи сите Европјани. Тој го покажува незадоволството на народот, очигледно не само за поединечни теми, туку и за генералниот правец на Европа, појасни грчкиот претседател.
Тој потсети дека граѓаните на Ирска на 12 јуни се одлучиле против Лисабонскиот договор и додаде оти станува збор за одлука, која мора да биде прифатена и која не може да подлежи на критика.
- Меѓутоа треба да бидеме во состојба и натаму да напредуваме, да им ја пренесеме на нашите народи пораката дека Унијата е одлучна да напредува и да ги надмине актуелните потешкотии, нагласи Папуљас.
Во врска со Кипар, Папуљас истана дека тоа прашање „и натаму останува меѓународен проблем на инвазија и заземање на дел на една суверена држава, членка на ОН, која е и членка на ЕУ, од страна на земја, која сака да пристапи кон Унијата“.
- Стратешка цел на Грција е повлекување на турските воени сили и повторно обединување на островот во рамки на сеопфатно и заедничко решение на една бинационална и бикумунална федерација. Одлуките на СБ на ОН и принципите на ЕУ претставуваат основа за решението, нагласи Папуљас.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|