понеделник, 01.12.2008

  IDIVIDI Мени
Вести / Балкан

Група грчки анархисти одзеле храна од супермаркет и ја делеле на народот

Солун, 5 септември (МИА) - Група од околу 50 невооружени анархисти упаднале во еден супермаркет во Солун и одзеле храна, која подоцна ја делеле на луѓето на улица, протестирајќи на тој начин против високите цени на прехранбените производи, јавија грчките медиуми.

Анархистите, меѓу кои најмногу имало жени, не одзеле пари ниту повредиле некого во акцијата, а грчката полиција не уапсила никого од нив.

Цените на прехранбените производи се зголемија за 4,9 отсто, а над два милиони луѓе, односно 21 отсто од Грците живеат на работ на сиромаштијата.

Грчкиот премиер Костас Караманлис за време на викендот во Солун ќе одржи говор за економијата на земјата. нд/13:22




###

Германија ќе ја поддржува Србија кон членството во ЕУ

Белград, 5 септември (МИА) - Германија ќе го поддржи процесот на приклучување на Србија кон ЕУ, вклучувајќи и напорите за „одмрзнување“ на преодниот договор меѓу Белград и Брисел, изјави српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ по разговорите во Берлин со својот германски колега Франк-Валтер Штајнмаер.

- Иднината на Србија е во Европа, изјавил од своја страна првиот германски дипломат и изразил надеж дека Србија во најскоро време ќе преземе уште чекори за напредок на патот кон „европското семејство“.

Според Јеремќ, наредните шест месеци ќе бидат особено критични за Србија на нејзиниот пат кон ЕУ. Тој додаде дека Белград целосно се потпира на поддршката на Германија во овој момент. 

И покрај германската поддршка околу членството на Србија во ЕУ, се уште остануваат разлики меѓу двете земји по прашањето за Косово. - Изразив длабоко жалење од фактот, дека Германија ја призна незаконски прогласената независност на Косово, рече Јеремиќ. нд/11:36





###

Батаљон од 120 албански командоси замина за Ирак

Тирана, 5 септември (МИА) - Батаљон од 120 командоси на албанската армија замина за Ирак, каде ќе се приклучи на мировната мисија во земјата.

Албанската воена единица ќе биде распоредена во Багдад и во градот Мосул.

По овој повод, албанскиот премиер Сали Бериша изјави дека неговата Влада е целосно подготвена да помогне во мировните мисии и во борбата против тероризмот.

Во составот на мировните мисии во Ирак, Авганистан, Чад и Босна се наоѓаат повеќе од 400 албански војници. гс/9:32

###

Шефот на УНМИК најавува преговори меѓу Белград и Приштина

Виена, 5 септември (МИА) - Шефот на УНМИК Ламбрто Занијер изјави дека во наредниот период сака да поттикне нови преговори меѓу Белград и Приштина, но не за статусот на Косово, јави Танјуг.

- Не сакам при тоа да покренувам никакви нови преговори за големи политички прашања, туку за решавање на практични проблеми на Косово, објасни тој во интервју за виенскиот весник „Пресе“.

Занијер идната улога на УНМИК ја гледа пред се како посредник меѓу Албанците и Србите. - Мора да останат отворени каналите за политички дијалог, а бидејќи сме признаени од сите страни можеме да разговараме со сите, нагласи италијанскиот дипломат.

- Бидејќи косовските институции сега ја презедоа одговорноста ние повеќе нема да имаме никаква улога во администрацијата, призна тој.

Занијер додаде дека иако Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН де факто и натаму му ја дава извршната власт на Косово, тој нема инструменти да ја спроведува, бидејќи за косовските Албанци, а и за земјите кои го признаа Косово, важи новиот косовски Устав за администрацијата и законодавството.

- Ние сме врска со државите кои не го признаа Косово, оцени тој, признавајќи дека Приштина нема голем интерес за УНМИК.

- Јас и натаму сум личноста која до Советот за безбедност на ОН поднесува извештај за состојбата на Косово, и во интерес на косовската Влада е нивната работа да биде позитивно сфатена од меѓународната заедница, изјави Занијер за „Пресе“. нд/9:14






###

Стипе Месиќ - претседател со најголема плата на Балканот

Приштина, 5 септември (МИА) - Според анализа објавена од Balkan Insight, хрватскиот прстедател Стјепан Месиќ прима најголема претседателска плата на Балканот додека македонскиот претседател Бранко Црвенковски е меѓу „најслабо“ платените во регионот.

Според порталот, Месиќ има плата од 3.600 евра додека косовскиот претседател Фатмир Сејдиу прима 3.400 евра. Со таа плата Сејдиу е меѓу најдобро платените балкански претседатели иако Косово е најсиромашната држава во регионот со годишен буџет помалку од една милијарда евра.

Месечната плата на романскиот претседател Трајан Басеску е 2.500 евра иако БДП на државата е петпати поголем од оној на Косово, а годишниот буџет е поголем за 170 пати во споредба со косовскиот.

Според податоци на Светска банка, БДП по човек во Косово е под 1.500 евра.

Четвртото место според плата го зазема албанскиот претседател Бамир Топи со 2.100 евра по него следува српскиот претседател Борис Тадиќ со околу 1.900 евра. Претседателот на Црна Гора Филип Вујановиќ добива месечно по 1.300 евра додека Црвенковски има плата од околу 1.200 евра, наведува Balkan Insight. зш/8:40

     



###

Во Босна и Херцеговина почнува кампањата за локалните избори

Сараево, 5 септември (МИА) - Во Босна и Херцеговина денеска формално почна кампањата за локалните избори кои ќе се одржат на 5 октомври и на кои, според податоците на Централната изборна комисија, право на глас имаат 3.240.127 граѓани.

Централната изборна комисија ја запозна јавноста со правилата на однесување на политичарите и партиите, посебно укажувајќи дека нема да го толерира јазикот на омразата, наведувањето или поттикнување на насилство и ширење омраза. нд/8:34



###

Повлечен предлогот за дипломатски претставник на Косово во САД

Тирана, 5 септември (МИА) - Сулејман Гаши нема да биде дипломатски претставник на Косово во Вашингтон, се истакнува во соопштението на косовската Влада.

Како што јави дописникот на МИА од Тирана, во соопштението се наведува дека власта ги разгледала и ги оценила околностите кои го попречуваат господинот Гаши да ја врши задачата за која е предложен во рамките на дипломатската мисија на Косово во Вашингтон.

Косовската Влада потцрта дека е максимално ангажирана во најкус можен рок да најде замена за Гаши. Тој беше еден од десетте дипломатски претставници на Косово кои претседателот Фатмир Сејдиу ги назначи деновиве. де/гс/8:24

###

Буџетот на Албанија за 2009 година изнесува 5,2 милијарди долари

Тирана, 5 септември (МИА) - Албанскиот премиер Сали Бериша се пофали дека наредната година Албанија ќе има до сега најголем буџет, дури 5,2 милијарди долари, јави дописникот на МИА од Тирана.

Овој буџет изјави Бериша е двапати поголем од оној на социјалиситичката влада, но исто така е поголем за една милијарда долари од оној во 2007 година.

Според него тоа е буџет на големи инвестиции, на големи приходи, со најголемо покажување на платите и пензиите. де/гс/8:19

###

Во Валона ќе се гради голем терминал за контејнери

Тирана, 5 септември (МИА) - Во албанскиот пристанишен град Валона ќе се гради гигантски терминал за контејнери, најголем во регионот, јави дописникот на МИА од Тирана.

Англиско-швајцарската групација  Зумарк ќе го реализира овој голем проект, со кој се предвидува Валона да прерасне во центар на поморската трговија, а ќе нуди услуги на сите држави од регионот и пошироко во Европа.

Инвестиција изнесува 1,2 милијарди евра.

Пристаништето ќе биде со капацитет од три милиони контејнери. Изградбата треба да заврши за неколку години.

На свеченоста по повод презентирањето на проектот присуствувале претставници на бизниси, на влади, политичари, од повеќе земји.  Премиерот Сали Бериша некриејќи го задоволството изјавил дека оваа зона ќе биде генератор на развојот на Албанија. де/8:02



###

Хашкиот трибунал отфрли жалба на косовски новинар

Хаг,  4 септември (МИА) - Судиите на Трибуналот во Хаг ја отфрлија жалбата на косовскиот новинар Батон Хаџиу против пресудата за непочитување на судот, во процесот против поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај и други команданти на ОВК, со која тој беше казнет со 7.000 евра. 

Хаџиу во жалбата, поднесена на 19 август, бараше поништување на пресудата, бидејќи како што образложи, немал правично судење, тврдејќи дека судиите погрешиле кога заклучиле дека открил доверливи информациии и му изрекоа „непорпорционално“ висока казна. 

Хаџиу, кој е сопственик и уредник на приштинскиот весник „Експрес“ побара, како алтернатива на поништувањето на пресудата, можност за организирање на ново судење или намалување на паричната казна.  сд/19:05

###

Претседателот на ФК „Беласица“ од Петрич уапсен за шверц со цигари во Грција

Атина, 4 септември (МИА) - Претседателот на бугарскиот фудбалски прволигаш „Беласица“ Костадин Хаџи-Иванов е уапсен на грчко-бугарската граница под обвинение дека организирал шверц со цигари, пренесоа денеска агенциите. 

На Хаџи-Иванов му се става на товар криумчарење на околу 450.000 кутии цигари, во јануари 2005 година, во Германија. 

Претседателот на „Беласица“, кој своевремено беше и градоначалник на Петрич, градот во кој е седиштето на клубот, ќе се наоѓа во притвор во Солун до одлуката за екстрадиција во Бугарија. сд/ 17:28



###

Италија ги призна косовските пасоши

Приштина, 4 септември (МИА) - Италијанскиот амбасадор во Приштина, Микеле Луис Гифони денеска соопшти дека Италија ги признала пасошите издадени од косовските власти.

По предавањето на акредитивните писма на косовскиот претседател Фатмир Сејдиу, Гифони изјави дека наскоро ќе завршат и подготовките за отпочнување со изадвање визи за државјаните на Косово.

- Италија силно верува во стабилноста на Косово и на регионот на Балканот. Сето тоа е дел од европската перспектива на Балканот, нагласи Гифорни.

Тој рече дека цел на италијанската Влада е зајакнување и продлабочување на економските, политичките и културните односи со Косово. сп/13:51

###

Холандија се откажува од преземање мерки против Бугарија

Хаг, 4 септември (МИА) - Холандија идната седмица во Европскиот Парламент нема да се застапи за мерки против Бугарија. Но, ако во февруари нема напредок во справувањето со криминалот и корупцијата, мерките се неизбежни, пишува денеска холандскиот весник „Ен-Ер-Сеј Ханделсблад“, цитирајќи ја вчерашната изјава на министерот за европски прашања на Холандија Франс Тимерманс.

Тој неодамна се изјасни за преземање такви мерки, откако Европската комисија објави негативен извештај за Бугарија.

Социјалистичката и Народната партија за демократија и слободи ги сметаат позициите на Тимерманс за многу попустливи, и сметаат дека тој треба да зазема поцврсти ставови во Брисел.

Двете партии бараат на Бугарија засега да не биде дозволен пристап до зоната каде што Европејците можат да патуваат без пасошка контрола. Парламентарното мнозинство настојува Кабинетот да почека со слободниот пристап на работници од Бугарија.

Тимерманс смета дека треба да се води сметка за барањата на работодавците, синдикатите и општините.

Недостигот од работна сила бавно започнува да се одразува на економијата во земјата, изјавил државниот секретар во Министерството за социјални прашања.

Според него, работодавците и синдикатите бараат да отворат границите, но општините предвидуваат проблеми, ако кон Холандија тргне неконтролиран бран бугарски работници.


Наjновo од Вести
Српскиот режисер Желимир Жилник ќе гостува во Кинотека на Македонија
Српскиот режисер Желимир Жилник ќе гостува во Кинотека на Македонија
Тирана најавува нова национална стратегија против СИДА-та
Тирана најавува нова национална стратегија против СИДА-та
Седница на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите
ЕК претстави план за борба против измами со ДДВ
Романот „Трчај дома“ од Лори Лансенс, најново издание на клубот „Матица“
Голем пожар во фабрика крај автопатот Тирана-Драч
Двајца загинати и 10 повредени при експлозија на гас во општинска зграда во Турција (ДПЛ)
Петмина повредени при експлозија на бомба пред седиштето на Партијата за правда и развој во Истанбул
Експлозија на гас во општинска зграда во Турција - двајца загинати и 10 повредени
Се уште неизвесен победникот на парламентарните избори во Романија
Во Солун уапсен Албанец од „црвената“ потерница на Интерпол
Поплавено хрватското крајбрежје
Ѓукановиќ: Црна Гора е подготвена да добие кандидатски стаус за влез во ЕУ до крајот на годинава
  IDIVIDI Сервиси
Едукација
Multibox
Мое видео
Chat
Фото
MAXarena
Webmail
Кој е кој
Download
E-cards
Форум
Games
Именик
Огласи
Речник
Deutsche Welle
Астрономија
Пребарување
Пребарување по клучен збор во содржина
 
корисничко име
лозинка
WEBmail
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
A1 телевизија
IDIVIDI™, Copyright Македонски Телеком - 2004
преземи