Нови поскапувања на основните производи во Грција
Атина, 6 октомври (МИА) - Грчките потрошувачи оваа година се соочуваат со уште еден бран поскапувања на основните производи, пишува денеска грчкиот весник „Та Неа“.
Уште пред да истечат договорите за замрзнување на цените на основните производи, кои во мај ги склучија производителите и супермаркетите со Министерството за развој, цените на најмалку илјада производи за 15 дена ќе се зголемат за 20 проценти.
Според официјалните податоци на Министерството, од 1 до 26 септември 39 компании објавија зголемување на цените на вкупно 4.434 производи. Зголемувањето се однесува на млечните производи, оризот, вината и алкохолните пијалоци, производите од домати, слатките, кроасаните, храната за домашни миленичиња и козметиката.
|